Производителите на паметни телефони имаат тежок период. Пандемијата која предизвика финансиски потешкотии и проблеми со производството и испораката, само дополнително влијае на овој тренд.
Главна причина за намалениот интерес денес е немањето на вистинска причина за менување на телефонот. Недостатокот од вистински напредок кај паметните телефони значителнo придонесе за намалување на интересот кај купувачите за надградба на уредот.
Брзиот технолошки напредок во почетокот значеше дека разликата помеѓу „соседни“ генерации е огромна. Во овој период потрошувачите често ги менуваа своите уреди, па купувањето нов телефон на двe години, не беше реткост. Денес ова не е случај, хардверот помеѓу генерациите е близок, па речиси и да нема разлика во перформансите.
Уште една причина за намалувањето на продажбата е заситеноста и намалениот интерес и на новите големи пазари. Еден период производителите на паметни телефони можеа да го искористат растот на кинескиот и индискиот пазар и да ја зголемат продажбата на паметни телефони преку новите пазари.
Поради намалениот интерес, два од најголемите производители, Apple и Samsung најавија дека ќе го намалат бројот на телефони кои ќе ги произведат оваа година.
Samsung наместо планираните 310 милиони паметни телефони во 2022 ќе произведе 280 милиони уреди. Слично и Apple ќе го намали планираното производство за 20 милиони. Компанијата планираше да произведе 240 милиони телефони, но наместо ова, ќе произведе 220 милиони. Ова е ист број на телефони кој Apple го произведе и во 2021. Двете компании сметаат дека најголемо влијание врз намалување на интересот на купувачите има инфлацијата, пренесе 9to5google.
Влијанието на војната во Украина има и подиректно учество во намалените бројки. Од март, Apple и Samsung ја запреа продажбата во Русија. Компаниите се на првото и второто место според продажбата на паметни телефони на овој пазар. Samsung e на првото место со 26,6% од пазарот. На второто место е Apple со 23%. Повлекувањето од пазарот секако значи дека во овој период во Русија нема да продадат ниту еден уред.
Последните години производителите на паметни телефони се фокусираат на големите азиски пазари за понатамошен раст. Оваа година интересот за нивните уреди е значително намален. Бројот на испорачани паметни телефони во Кина во април падна за 34 отсто. Ситуацијата е слична во првите четири месеци на 2022 година, па продажбата на телефони е намалена за 30%.
Во април целата продажба во Кина е намалена за 11%, па продажбата на паметни телефони го следи севкупниот тренд. Купувачите наведуваат дека причина за ова е пандемијата, и повторниот карантин во некои градови. Најголем дел од граѓаните се внимателни кога се во прашање поскапите уреди, што се одразува и на интересот за телефони.
Еден од ретките пазари кај кој има интерес за паметни телефони е индискиот. Сепак поради проблеми со снабдувањето, продажбата на телефони и во Индија е намалена за 1% во првото тримесечје на 2022 година. Во овој период се продадени 38 милиони уреди.
Добра вест за Apple и Samsung е дека и покрај севкупниот пад на продажбата на телефони тие успеаја да ја зголемат својот удел. Продажбата на iPhone во Индија рипна за 5%. Samsung иако забележа пад од 1% сепак помина подобро од дел од конкурентите, па успеа да се качи до второто место, веднаш зад Xiaomi. Индија и натаму останува лош пазар за компаниите кои не доаѓаат од Кина. Над 74% од паметните телефони кои се продаваат во Индија се кинески брендови.