Легендарниот серијал Painkiller, кој остави длабока трага во FPS жанрот, се враќа како нов, реимагиниран наслов. Чедото на Anshar Studios и 3D Realms се обидува да ја задржи суштината на оригиналот преку нудење немилосрдна, адреналинска акција и воведување модерни елементи. Овојпат, таквиот микс е со примарен фокус на кооперативното искуство. Но, дали ова враќање после толку време успева да ја долови магијата на оригиналот или пак останува во сенка на своето славно минато?

Нечисти души во чистилиште
Приказната нè поставува во улога на еден од четирите шампиони. Осудени за вашите гревови против рајот, вие сте заробени во суровиот амбиент на чистилиштето. За да пробате да се искупите за вашите гревови, ќе навлезете во мисија да го спречите паднатиот ангел Азазел, кој е на работ да ги ослободи своите демонски армии врз светот. На патот ќе ви застанат не само безбројни орди на пеколни суштества, туку и трите монструозни деца на Азазел.
Иако оваа премиса ги има сите темели за епска и готска атмосфера на играта, нејзината изведба потфрлува. Имено, нарацијата е проследена со дијалози кои честопати се лошо напишани и содржат полу-печени шеги кои иако од петни жили сакааа, никако не можеа правилно да ја доловат мрачната атмосфера. Дополнително, гласовната глума е далеку од импресивна, не успевајќи да внесе тежина или емоција во ликовите. Како резултат, не успејавме вистински да се поврземе ниту со приказната ниту со протагонистите.

Приматниот акцент во Painkiller отсекогаш бил на акцијата. Овде тоа никако не е исклучок – јасно е дека се обидува да се следи истиот тој пат, но со силен акцент на тимската игра. Играта поддржува кооперативно искуство за најмногу тројца играчи, но истовремено нуди и целосна офлајн поддршка за оние кои претпочитаат соло игра. Механиките на движење се клучен дел од борбата дозволувајќи ви да скокате, да правите брзи избегнувања и да користите кука за влечење, со што се додава значителна вертикалност и динамика на бојното поле.
Комбинацијата од флексибилните движења овозможува брзо позиционирање и избегнување на напади низ пространите, иако линеарни, биоми. Структурата на играта неизбежно потсетува на наслови како Warhammer: Vermintide или Back 4 Blood, каде тим од херои се пробива низ нивоа исполнети со непријатели. За разлика од тие еве игри, меѓутоа, Painkiller има проблем со репетитивност. Со само девет достапни екстремно линеарни мапи, ќе наидете на минорни разлики во целите што треба да ги исполнувате. Но, да не се лажеме, во тие почетни моменти, играта е исклучително за бавна, особено пукањето.

Оружјата изгледаат одлично, а нивната употреба е придружена со задоволително ниво на бруталност и крвави ефекти, што е и очекувано за серијалот. Сепак, овој позитивен аспект е драстично поткопан од екстремно ограничениот арсенал. Играта содржи само шест оружја, од кои две се отклучени автоматски. Останатите четири – вклучувајќи класици како сачмарката и ракетниот фрлач – се заклучени зад скап систем.
Секое оружје чини значителна сума на злато и древни токени, валути во играта кои бараат долго и макотрпно грајдање. Дизајнерската одлука делува непотребно и рестриктивно, недозволувајќи ви да уживаат во разновидноста на борбата од самиот старт, освен ако не вложите непропорционално многу време во, како што кажавме, грајдање на истите линеарни мапи.

Секој од четирите шампиони доаѓа со свои уникатни поволности кои ги зајакнуваат специфичните аспекти како енергија, здравје, моќ или штета, потикнувајќи одредена синергија во тимската игра. Покрај тоа, се враќа и системот на тарот карти. Овие карти функционираат како надградби кои ги подобруваат вашите способности и можат да се комбинираат со картичките на соиграчите за да се создадат моќни ефекти и да се уништат непријателите поефикасно.
За оние кои бараат поинакво искуство од главната кампања, постои и Rogue Angel Mode. Овој режим ве носи во рандомизирани, рачно изработени арени каде што вие и вашите пријатели мора да се борите за опстанок против сè потешки бранови на непријатели, што и не е лош режим, особено доколку барате поголема репродуктивна вредност.

Графички, Painkiller изгледа компетентно, при што готските околини се детални и успеваат да создадат мрачна, атмосферска естетика. Како што веќе споменавме, моделите на оружјата се визуелно импресивни, а ефектите на распарчување и обилната количина на крв се верни на наследството на серијалот.
Од друга страна, звучниот дизајн е подлоижен на одредени технички проблеми каде се слуша или потивко или со одредено „пуцкање“, нешто што се надеваме дека ќе е одстрането во моментот кога го читате овој текст. Звуците на оружјата се доволно силни и придонесуваат за задоволителното чувство при пукањето, но целокупниот аудио микс не се истакнува. Најголемиот недостаток, сепак, останува лошата гласовна глума, која активно ја поткопува секоја шанса за имерзија во светот и приказната што играта се обидува да ја изгради.

Новиот Painkiller е наслов со силна гејмплеј основа која, за жал, е заробена во мрежа од збунувачки дизајнерски одлуки и недостаток на доволно разнолика содржина. Борбата, брзото движење и задоволителното пукање се дефинитивно забавни и се најсветлите точки на искуството. Интеграцијата на ко-оп е солиден обид за модернизација, но не и за чистокрвните ветерани кои навлегуваат во насловот очекувајќи слични механики и акции како оригиналните игри. Сепак, само шест оружја од кои некои се заклучени зад огромен гринд, само девет екстремно линеарни мапи, и наратив кој е осакате од лоша нарација и уште полоша гласовна глума? Ова не ни остави добар впечаток. Долгогодишните фанови на серијалот веројатно ќе бидат разочарани од недостатокот на содржина и потребата за грајдање и непотребниот ко-оп режим. Новите играчи, можеби привлечени од споредбите со Vermintide, ќе најдат основна забава. Да е забавна играта – забавна е, но вистинското прашање е колку долго би можеле да ве држат вака-замислените механики?








