ВЕЗИЛКА: Од македонски LLM до паметно земјоделство – Како националната AI Factory Antenna ќе ја трансформира Македонија

Голем Јазичен Модел (LLM) за зачувување на македонскиот јазик и култура, системи за вештачка интелигенција за подобрување на дијагностиката во здравството, интелигентно управување со енергетската мрежа, автоматизација на јавната администрација и развој на паметно земјоделство; Ова се дел од потенцијалните придобивки од проектот „ВЕЗИЛКА AI Factory Antenna“.

Македонија, преку проектот „ВЕЗИЛКА AI Factory Antenna“, доби стратешка позиција во европската мрежа на иновации, со поддршка од EuroHPC Joint Undertaking. Проектот координиран од ФИНКИ има мисија да испорача конкретни и применливи решенија, и да овозможи вештачката интелигенција да биде инклузивна, одговорна и одржлива.

За ВЕЗИЛКА зборувавме со професорот д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ, кој го води проектот. Тој ни откри како ВЕЗИЛКА ќе ги искористи европските суперкомпјутери, како ќе се обезбеди вештачката интелигенција да биде доверлива и етичка и зошто овој проект е клучен за задржување на домашниот талент и позиционирање на Македонија како регионален лидер во дигиталната трансформација.

Професор д-р Димитар Трајанов

Димитар Трајанов: Со проектот ВЕЗИЛКА аплициравме во рамките на програмата HORIZON-JU-EUROHPC-2025-AIFA-01 (EuroHPC AI Factory Antennas), која претставува акција за истражување и иновации поддржана од Европската Унија. Носител на предлогот е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), додека ФИНКИ ќе ја има улогата на координатор, a Министерството за дигитална трансформација е главен институционален партнер. Проектот е планиран да трае 36 месеци и ќе биде финансиран од Европската Унија, со ко-финансирање од Министерството за дигитална трансформација, Владата на Република Северна Македонија и ФИНКИ.

ДТ: ВЕЗИЛКА ќе биде нашата национална фабрика за вештачка интелигенција (AI Factory Antenna) и ќе претставува централно место за вештачка интелигенција и иновации во Македонија. Името „Везилка“ е симболично избрано како претстава за „везење“ на вештачката интелигенција во секојдневниот живот, поврзувајќи инфраструктура, податоци и вештини во една технолошка и културна целина.

Мисијата на ВЕЗИЛКА е да го забрза прифаќањето на доверлива и одговорна вештачка интелигенција преку развој на конкретни и применливи решенија со високо општествено и економско влијание. Клучните стратешки цели на ВЕЗИЛКА се:

  • Зајакнување на националниот ВИ екосистем преку поддршка на решенија во секторите здравство, енергија, култура и јазик, земјоделство и дигитална трансформација на јавниот сектор.
  • Обезбедување ВИ услуги прилагодени за стартапи, мали и средни претпријатија (МСП), како и за институциите од јавниот сектор.
  • Развој и задржување на ВИ таленти преку образование, практична обука и вклучување во реални проекти од национален интерес.
  • Поддршка на Владата во креирање на национални стратегии, политики и законодавство поврзано со вештачката интелигенција, усогласени со ЕУ Актот за ВИ и GDPR.

Со ова, ВЕЗИЛКА ќе стане катализатор за одговорен, одржлив и инклузивен развој на вештачката интелигенција во земјата.

ДТ: ВЕЗИЛКА е длабоко посветена на тоа вештачката интелигенција да биде инклузивна, одговорна и одржлива. Етичката димензија е вградена во суштината на проектот, со основни цели усогласени со јавното добро и со принципите на одржлив развој. За да се обезбеди дека ВИ „работи“ за луѓето, ние го применуваме пристапот „Доверлива ВИ по дизајн“ (Trustworthy AI by Design), кој се спроведува преку неколку основни столба:

  1. Ригорозно управување со податоците: ќе се почитуваат највисоките стандарди за приватност, безбедност и согласност на корисниците, со усогласеност со националните закони и ЕУ директивите.
  2. Правичност и ублажување на пристрасноста: Ќе се врши проактивна ревизија на ВИ моделите, особено оние што се користат во јавната администрација и здравството, за да се осигура алгоритамска правичност и да се спречи дискриминација.
  3. Транспарентна и објаснива ВИ (XAI): Ќе се користат алгоритми и пристапи кои овозможуваат транспарентност и објаснување на одлуките на ВИ, на начин што ќе биде разбирлив за човекот.
  4. Користење на модели кои користат човек како посредник (human-in-the-loop): Ова значи дека ВИ ќе се користи како алатка за поддршка на одлучувањето, а не за замена на квалификуваните професионалци, при што конечната одговорност секогаш останува кај човекот.

Исто така, во ВЕЗИЛКА планираме да го адресираме етичкиот предизвик на потенцијално поместување на работни места преку обемно фокусирање на преквалификација и доквалификација. Ова е планирано да се направи преку масовна едукација на пошироката јавност, со што ќе обезбедиме сите сегменти од популацијата да можат да учествуваат во дигиталната иднина.

ДТ: Да, во рамките на нашата ВИ Фабрика ќе се развијат специјализирани истражувачко-иновативни околини за секој стратешки сектор. Веќе се дефинирани конкретни иницијативи, поддржани со потпишани меморандуми за соработка со клучните министерства и национални институции.

  • Во здравството, приоритет е создавање на медицински податочни множества, како и развој на ВИ модели за поддршка на дијагностиката, оптимизација на болничките процеси и предвидување на оперативни предизвици. Целта е преку податоците и интелигентните системи да се подобри квалитетот на грижата и да се овозможи персонализирана медицина.
  • Во енергетиката, ќе се развиваат софистицирани ВИ модели за зголемување на стабилноста на електроенергетската мрежа во услови на растечка интеграција на обновливи извори. Овие решенија ќе овозможат високо прецизни прогнози за производство од соларна и ветерна енергија, како и интелигентно предвидување на потрошувачката, што ќе придонесе за поефикасно управување со енергетските ресурси.
  • Во областа на културата и јазикот, ќе се спроведе систематско создавање и рафинирање на корпуси за македонскиот јазик, со цел развој на фундаментален Голем Јазичен Модел (LLM) специфичен за македонскиот контекст. Моделот ќе ја опфаќа македонската традиција, култура, историја и законодавство, создавајќи интелигентна дигитална инфраструктура за зачувување и промоција на националниот идентитет.
  • Во јавната администрација, ВИ ќе се користи за автоматизација и унапредување на јавните услуги, како што се издавање уверенија, обработка на барања и интерактивно информирање на граѓаните преку интелигентни асистенти. Дополнително, ВИ ќе придонесе за поголема транспарентност и ефикасност во управувањето со јавните ресурси, вклучувајќи социјални придобивки, даночни процеси и јавни набавки.
  • Во земјоделието, фокусот ќе биде на развој на паметно земјоделство преку собирање и анализа на податоци за климата, почвата и приносите. Примената на ВИ ќе овозможи навремени препораки за садење, наводнување и заштита од штетници, со што ќе се зголеми продуктивноста и одржливоста на аграрниот сектор.

ДТ: Да, ова е еден од најголемите бенефити. Преку стратешкото партнерство со Pharos AI Factory во Грција, ВЕЗИЛКА ќе добие пристап до европските ВИ суперкомпјутери. Конкретно, ние ќе имаме директен пристап до нивниот суперкомпјутер Daedalus, кој ќе обезбеди голема компјутерска моќ потребна за развој на напредни ВИ модели.

Практичната помош за истражувачите и компаниите е клучна и се состои во елиминирање на финансиската бариера и обезбедување техничка поддршка. Прво, пристапот до европските ВИ ресурси го елиминира проблемот со високата цена на ВИ инфраструктурата, што претставува голема пречка за малите и средни претпријатија. Второ, ВЕЗИЛКА, како Национален Компетентен Центар, ќе обезбеди техничка помош, обуки и оптимизирани софтверски алатки за да им помогне на корисниците ефективно да ги користат овие ВИ ресурси.

ДТ: Проектот има силен фокус на развој и задржување на таленти во областа на вештачката интелигенција. ВЕЗИЛКА ќе ја искористи силната академска инфраструктура на ФИНКИ, кој брои над 5000 активни студенти, за да создаде одржлив национален систем за развој на ВИ кадри. Целта е да се изгради генерација млади истражувачи и професионалци кои ќе можат да придонесат кон дигиталната трансформација на земјата и регионот.

Проектот предвидува интеграција на специјализирани ВИ модули во постојните студиски програми на ФИНКИ. Особено значаен е и планот за воведување на фундаментални курсеви за ВИ достапни за сите студенти во Македонија, независно од нивната студиска насока. На тој начин, ВИ ќе стане основна дигитална компетенција во високото образование.

Во рамките на проектот, ќе се воспостави сеопфатен систем за развој на практични и напредни ВИ вештини преку повеќе формати на обука:

  • Летни ВИ школи и хакатони за студенти, стартапи и професионалци, фокусирани на решавање реални предизвици со употреба на најсовремени ВИ технологии.
  • Специјализирани работилници за напредни корисници, докторанди и истражувачи, посветени на теми како Generative AI, High-Performance Computing (HPC) за ВИ и компјутерска визија.
  • Корпоративни обуки наменети за вработените во малите и средни претпријатија, како и во јавната администрација, со цел подигање на нивото на дигитална писменост и примена на ВИ во секојдневното работење.

Особено внимание ќе се посвети на размена на знаење и искуства со фабриката за ВИ во Грција и останатите европски ВИ фабрики, преку заеднички обуки, истражувачки програми и практики. Преку сите овие активности, ВЕЗИЛКА ќе придонесе кон намалување на „одливот на мозоци“, обезбедувајќи висококвалитетни можности за образование, истражување и кариера во рамките на земјата.

ДТ: Соработката со Pharos AI Factory во Грција е формално воспоставена и претставува еден од клучните столбови на ВЕЗИЛКА. Ова партнерство создава стабилна основа за технолошка, истражувачка и кадровска размена меѓу двете институции, дополнително зајакнувајќи ја позицијата на ВЕЗИЛКА во европската мрежа на ВИ иновации. Главната придобивка од ова поврзување ќе биде пристапот до нивната ВИ-оптимизирана инфраструктура, особено до суперкомпјутерот Daedalus, кој претставува клучен ресурс за развој и обука на големи ВИ модели.

На регионално ниво, ВЕЗИЛКА ќе воспостави блиска соработка со антените во Малта, Кипар и Србија, кои исто така се директно поврзани со Pharos. Оваа соработка ќе овозможи ко-развој на заеднички ресурси, синергија во истражувањата и избегнување на дуплирање на активностите.

На паневропско ниво, ВЕЗИЛКА ќе се интегрира во поширокиот ВИ екосистем преку мрежите на AI Factory, EuroHPC Competence Centers, Open Science Competence Centres и EOSC Association. Планирано е активно учество во форуми за размена на знаење и во заеднички истражувачко-развојни иницијативи со други AI Factories кои имаат комплементарни интереси и експертиза. Нашата главна цел е ВЕЗИЛКА да се позиционира како значаен регионален и европски центар за истражување, иновации и примена на вештачката интелигенција.

ДТ: Довербата е еден од темелните принципи на проектот ВЕЗИЛКА. Нашата визија е преку транспарентност, образование и одговорно управување, вештачката интелигенција да биде перцепирана како можност за напредок.

За таа цел, ВЕЗИЛКА ќе соработува со Министерството за дигитална трансформација за развој на национални насоки за доверлива вештачка интелигенција во јавниот сектор. Ова е особено важно бидејќи многу јавни апликации се класифицирани како системи со висок ризик. Новите насоки ќе воспостават јасни принципи на одговорност, објаснивост и правичност на алгоритмите, за граѓаните да можат да имаат доверба во нив. Дополнително, ќе се воведат ревизии за правичност со цел да се спречи системска пристрасност.

За да ја подобриме перцепцијата во јавноста, ќе се спроведе обемна програма за основна ВИ писменост (Foundational AI Literacy), преку бесплатни работилници, онлајн модули и јавни кампањи. Целта е да се демистифицира вештачката интелигенција, да се замени стравот со разбирање и да се покаже нејзината практична корист во секојдневниот живот. На овој начин, сите граѓани, без разлика на возраста, образованието или професијата, ќе можат активно да учествуваат во дигиталната иднина.

Од техничка перспектива, довербата ќе се засили преку интеграција на Објаснива ВИ која им овозможува на корисниците да ги разберат и преиспитаат одлуките на алгоритмите. Дополнително, активно ќе се користи концептот human-in-the-loop, со кој вештачката интелигенција делува како асистент, а конечната одговорност секогаш останува кај човекот.

ДТ: Во моментов, Македонија се наоѓа во рана фаза на примена на вештачката интелигенција, со ограничена пенетрација во индустриските, јавните и општествените сектори. Недостатокот на инфраструктура, податоци и квалификуван кадар ја ограничува пошироката употреба на ВИ решенија. Во овој контекст, ВЕЗИЛКА претставува стратешка инвестиција насочена кон катализирање на длабока и долгорочна трансформација на општеството и економијата преку доверлива и етичка примена на ВИ. Очекуваните ефекти од проектот се повеќеслојни:

  • Одржлив економски раст и зголемена конкурентност: ВЕЗИЛКА ќе делува како национален ВИ акцелератор за стартапи и мали и средни претпријатија, обезбедувајќи техничка поддршка, пристап до компјутерски ресурси и експертиза. Ова ќе овозможи побрза комерцијализација на иновативни ВИ решенија и зголемување на технолошката конкурентност на македонската економија.
  • Трансформативни општествени придобивки: Преку интеграција на етичка и одговорна вештачка интелигенција, ВЕЗИЛКА ќе придонесе кон унапредување на јавните услуги, здравството, земјоделството и енергетиката. Граѓаните ќе имаат корист од поефикасни, транспарентни и персонализирани решенија, што ќе ја зголеми довербата во технологијата и институциите.
  • Зајакнување на националниот ВИ екосистем: Проектот ќе ја поттикне тесната соработка меѓу академијата, индустријата и јавниот сектор, создавајќи одржлива основа за иновации и истражување. Ова ќе придонесе кон формирање на зрел, интегриран и отпорен екосистем способен да ја предводи дигиталната трансформација на државата.

ВЕЗИЛКА има за цел да ја позиционира Македонија како регионален центар за доверлива и применета вештачка интелигенција, каде технологијата ќе служи на општеството, не само како алатка за продуктивност, туку и како двигател на општествен напредок.

ДТ: Академската заедница во Македонија, а особено ФИНКИ, е добро позиционирана и има потенцијал да биде водечка сила во процесот на дигиталната трансформација. ФИНКИ располага со голема заедница на експерти за вештачка интелигенција во земјата, и тоа повеќе од 60 доктори на науки и над 30 докторанди кои тековно истражуваат во оваа област. Исто така ФИНКИ веќе има помала ВИ инфраструктура која активно се користи за истражување и развој. Сепак, и покрај силната академска основа, земјата се соочува со сериозни предизвици: ниска пенетрација на ВИ во индустријата и изразен недостиг на ВИ професионалци за задоволување на растечките пазарни потреби.

Онаа што охрабрува е што индустријата, Владата и јавноста покажуваат зголемена подготвеност и отвореност за прифаќање на технологијата. Па така, клучните министерства како и повеќе компании уште во процесот на аплицирање, потпишаа писма за поддршка, со што ја потврдија својата волја за активна соработка и примена на ВИ. По објавувањето на веста дека проектот ќе биде финансиран, поголем број на компании нѐ контактираа и побараа да станат дел од проектот. Од тука, ВЕЗИЛКА е поставена како мост помеѓу академската експертиза и пазарните потреби, овозможувајќи систематска и одржлива дигитална трансформација.

ДТ: Би сакал јавноста да ја запомни ВЕЗИЛКА како симбол на интелигентна, одговорна и човеко-центрична дигитална трансформација во Македонија. Како национален двигател кој ќе ја приближи вештачката интелигенција до луѓето и ќе ја претвори во сила за општествен напредок, а не во извор на страв или недоверба. ВЕЗИЛКА треба да се памети како проект кој покажа дека можеме да создаваме сопствени ВИ решенија, модели и политики во согласност со европските стандарди, но во исто време длабоко вкоренети во локалниот контекст, јазик и култура.

Најпосакуваното сценарио по неколку години е ВЕЗИЛКА да се трансформира од ЕУ-финансиран проект во самоодржлив национален центар за вештачка интелигенција, кој природно ја обединува академијата, индустријата, стартапите и институциите. Овој центар треба да биде препознат како дел од европската мрежа на АИ фабрики, со сопствени истражувања, модели и ресурси што придонесуваат и на регионално и европскo ниво.

На крај, очекувам дека благодарение на ВЕЗИЛКА, националниот ВИ екосистем да биде зрел, интегриран, и со голем број на млади истражувачи и компании кои создаваат иновации со глобална видливост.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk