Dreamout е игра која ќе ве вовлече во необично патување во еден бизарен, сонлив свет. Играјќи со симпатична алпака која има вознемирувачки афинитет кон пијалаци од секаков вид, ќе навлезете во хаотична, но шармантна авантура исполнета со апсурден хумор, неочекувани предизвици и незаборавни ликови.а еден свет кој функционира според сопствени, нелогични правила.

DREAMOUT е акциона авантура со силен акцент на решавање загатки и истражување. Доколку сте расположени да пиете сè што ќе најдете тогаш ќе наидете на интересна механика која влијае на перцепцијата на светот, отворајќи нови патишта или менувајќи ги способностите на алпаката на непредвидливи начини. За поттик за темелно истражување на секој агол од мапата, но и за поубав изглед, ќе сообирате над 30 различни капи. Загатките, пак, вклучуваат креативна употреба на предмети, како фрлање бомби во портали или уништување пречки, а, на располагање имате и риболов, како уште една интересна мини-игра која ќе ве изненади со различни предмети.

DREAMOUT се одликува со стилизиран, цртан визуелен изглед, со палетата на бои која е живописна и често контрастна. Анимациите се флуидни и експресивни, особено кај главниот лик, чие нестабилно движење го отсликува неговиот весел карактер. Со повеќе од 40 мисии, играта нуди солидна количина на содржина. Секоја мисија е можност да се запознае нов, уште почуден жител на овој свет и да се открие дел од неговата неконвенционална логика. Приказната не се раскажува на линеарен начин, туку се гради преку интеракциите со ликовите и завршувањето на бројни необични квестови.

DREAMOUT е игра која е дизајнирана да биде едноставно и забавно игралиште, уште еден едноставен потсетник дека игрите можат да бидат форма на уметност која провоцира, забавува и ослободува од стегите на секојдневието. Во случај да барате нешто свежо, оригинално и, пред се, чудно, оваа авантура би можела да ви остави пријатен впечаток.








