За 10 јуни се подготвува најновиот Steam Next Fest – настан преку кој се прикажуваат стотици и стотици демо верзии за најразлични идни игри. Во пресрет на самиот настан, би сакале да изделиме две игри кои сигурно ќе ги претстават нивните наслови во одредени игриви состојби.
За среќа, доколку сакате да проверите уникатен bullet hell-shooter или пак да се исплашите како да ќе нема утре, за овие две игри веќе има демо верзии!
Project Tower е sci-fi авантура со bullet hell примеси
Од она што ние го проверивме, Project Tower има солидни механики за пукање во трето лице, спротивставување со најразлични суштества, избегнување експлозивен коктел од хаотични проектили и ред други работи кои би можело значително да ви го покачат адреналинот.
Но, Project Tower е многу повеќе од едноставен шутер во трето лице. Играта ви дозволува и да се трансформирате во најразлични суштества за да можете или полесно да се прикрадете на непријателите или пак полесно да можете да им побегнете.
Како трета светла точка во играта, можете да решавате и најразлични загатки. Оние загатки кои ние ги видовме делуваат логични и лесни за решавање, но авторите ветуваат значително покомплексни загатки во вториот дел од играта.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Yummy Games
- Издава: Yummy Games
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
Necrophosis е лофкрафтски walking simulator
Walking simulator-ите обично се замислени да ве релаксираат така што ќе ве прошетаат низ невообичаени места и ќе ви дозволат опуштено да ја впиете приказната која се одвива пред вас. Не и овој walking simulator.
Чедото на Dragonis Ares и Adonis Brosteanu e замислено како чистокрвна хорот авантура во прво лице, каде што ќе бидете турбулентно вовлечени во свет кој како да е извајан од најголемите ноќни мори.
Во Necrophosis ќе имата за задача да го истражувате пеколното место, да пробате да ги откриете бројните мрачни тајни и да се соочите со настани кои се прикажуваат како интересен хибрид помеѓу „прогонувачка нарација и евокативна поезија“. По неколку минути дружење со демото, можеме слободно да потврдиме дека ваквиот опис одлично го осликува она што би можеле да го најдеме во целата игра.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Dragonis Ares, Adonis Brosteanu
- Издава: Dragonis Ares
- Жанр: Авантура
- Платформа: Microsoft Windows