Можеби помалку неочекувано, но еден од најпопуларните стартап претприемачи во Бугарија, Васил Терзиев е нов градоначалник на главниот град на Бугарија. Софија е „мотор“ на иновациите и стартап секторот во Бугарија. Тој победи на изборите со 48,17% од гласовите, наспроти Вања Григорова која освои 46,92% од гласовите.
Терзиев и самиот е дел од бугарскиот и регионален стартап екосистем. Неговиот придонес и успех во развојот на стартап компании можеби е и дел од причините поради кои успеа да победи на локалните избори во Софија. На изборите учествуваше како независен кандидат со поддршка од „Промените продолжуваат“, „Демократска Бугарија“, „Спас за Софија“ и граѓанското здружение „Тим Софија“.
Тоа што во политичката кампања влезе без политичко минато и неоптоварен со политички багаж му помогна да ја „освои“ Софија, по 14 години власт на партијата ГЕРБ.
„Софија е неприкосновен лидер во инвестициската активност, со речиси 90% удел во дигиталниот сектор на националната економија. Може да се пофали со повисок БДП по глава на жител од националниот просек, високообразована работна сила (57% од населението има универзитетска диплома) и континуиран прилив на луѓе“, пишува Зорица Стоилова за Recursive.
Што ветуваше Васил Терзиев на изборите?
Дел од програмата со која учествуваше на изборите предвидуваше дополнителен развој на Софија како центар на иновативната економија во Бугарија. Се кандидираше со програма и идеи фокусирани на ефикасност, транспарентност и соработка. Неговата цел беше да ги развива софиските населби, да ги заштити зелените површини, подобрување на јавниот транспорт, да промовира претприемништво и со тоа да привлече таленти во Софија.
Дел од предизборните ветувања и визија кои ги сподели со гласачите се фокусирани на креирање на ефикасна и дигитализирана градска администрација, која ќе биде транспарентна за трошењето на јавните пари и изнаоѓање на начини со кои граѓаните ќе се ангажираат да учествуваат во носењето на одлуки во општините.
Планот за подобрување на јавниот превоз опфаќа креирање на дигитална копија на Софија и следење на движењата на граѓаните. Потоа по анализа на овие движења ќе се оптимизира јавниот превоз во градот, од автобусите и трамваите, до метрото.
Конечно, најави и поголеми инвестиции во образованието. Една од заложбите е промоција на претприемништвото во училиштата и привлекување на талентите да учат, студираат и работат во Софија.
Кој е новиот градоначалник на Софија?
Васил Терзиев (роден на 9 јуни 1978 година) е бугарски претприемач, инвеститор и според некои извори милионер.
Васил Терзиев е партнер во бугарскиот фонд за ризичен капитал Eleven Ventures – фондот кој инвестираше 2 милиони евра во македонските стартапи Native Teams и 300.000 евра во Paket.mk. Фондот инвестира во рана фаза во стартапи од Југоисточна Европа. Беше и директор за иновации во Progress Software. Има значајна улога во развојот на технолошкиот и иновативниот екосистем во Бугарија преку бројните инвестиции и менторства.
Во 2002 година заедно со Бојко Иарламов, Светозар Георгиев и Христо Косев ја ко-основаа компанијата Telerik, која работи на развој на деловен софтвер. Во Telerik беше задолжен за развој на секторите продажба, поддршка и деловен развој. Во 2014 година, 12 години по основањето, американската компанија Progress го купи Telerik за 262,5 милиони долари.

Парите од продажбата Терзиев ги инвестира во стартап секторот. Досега инвестирал во 62 компании дел од нив се: Payhawk, Quantive, Gtmhub, OfficeRnD и SMS Bump. Тој е најголем ангел инвеститор во Бугарија.
Интерес од техничкиот сектор за политиката
Терзиев е последен „припадник“ на техничкиот и софтвер сектор кој се заинтересира за политика во последниве неколку години во Бугарија, но не и единствен. Неговиот колега Божидар Божанов беше министер за е-Влада во 2021 година. Тој е рангиран на четириесеттото место на Stackoverflow. „Bozho“ на Stack Overflow – има 137 златни значки, 1039 сребрени значки и 1128 бронзени значки, а неговите 5614 одговори стигнале до 91,5 милиони корисници.
И во Македонија техничкиот сектор и програмерите имаат свои претставници. Основачот на EarthCare.ai, Горјан Јовановски е еден од советниците во Советот на Град Скопје.
Примерите на Божанов, Терзиев и Јовановски е одличен пример за делување на ИТ капацитетите кои ги разбираат можностите на технологијата и обид за рационализирање на бирократското лудило во постоечките институции. Со оглед на сите околности, не им е и нема да им е лесно, меѓутоа се храбри примери кои други ИТ луѓе треба да ги следат со цел навистина да се постигне нешто…