Покрај спортските успеси на своите натпреварувачи, Србија оваа година на Олимпијата во Париз бележи успеси и со својата национална куќа во Париз, која е домаќин на 30 компании и стартапи.
Еден од нив е и Reputeo, стартап чиј софтвер го подобрува собирањето податоци преку нудење напредни решенија за длабинска анализа.
Српскиот стартап, предводен од извршниот директор Иван Кадиќ, беше дел од српската куќа од 30 јули до 4 август.

„Многу сме благодарни што сме меѓу 30-те компании од Србија кои беа дел од Српската куќа во Париз за време на Олимписките игри во 2024 година. Покрај Reputeo, постојат некои од најголемите компании во Србија, па затоа е голема чест да се биде поканет од српската влада и од Стопанската комора на Србија. Олимпијадата е пример за упорност, напорна работа и посветеност. Овој спој на спорт и бизнис зборува многу за иновативниот дух на Франција и за тоа колку сака државата да соработува со другите држави од ширум светот“, изјави Кадиќ за IT Logs.
Со оглед на тоа дека технологијата е еден од деловните сектори на иднината, Србија беше една од 20-те држави поканети да ги претстават најдобрите компании. Амбасадорката на Србија во Франција, Ана Хрустановиќ, изјави дека Србија и Франција одбележуваат 185 години дипломатски односи и дека Србија е стратешки партнер на Франција од 2011 година.
Хрустановиќ ги покани француските компании да инвестираат во Србија, посочувајќи дека „Србија е динамичен пазар во Западен Балкан, кој привлече 80 отсто од француските инвестиции во регионот. Таа додаде дека, како во спортот, така и во областа на економијата, Србија „се стреми да освои медал“ преку зголемени инвестиции и соработка со француските партнери.

Според неа, интеграцијата на вештачката интелигенција во игрите е доволен доказ за тоа како технологијата може да ги трансформира традиционалните индустрии. Воедно, ова е непроценливо искуство за српскиот стартап екосистем.
„Не само што ги покажува нашите способности, туку и ја поттикнува соработката со глобалните ентитети. Како резултат, допридонесува за растот и истакнувањето на нашите локални иновации. Со влијанието од Олимпијадата, се надеваме дека ќе инспирираме и други стартапи, ќе привлечеме глобално внимание и ќе стимулираме инвестиции и соработка кои ќе го подобрат нашиот екосистем“, вели таа.
Кој е најдобриот начин да го претставите вашиот стартап за време на ваков масовен настан? Состаноци и вмрежување.

„Имавме серија од состаноци и запознавање со други компании од 20 земји. Исто така, веруваме дека ќе го претставиме српскиот стартап екосистем во позитивно светло и ќе создадеме силни врски со француските компании“, истакнува Кадиќ, додавајќи дека една од нивните цели е да ги истражуваат апликациите за вештачка интелигенција, да учат од пристапот на Франција кон вештачката интелигенција и да бараат потенцијални партнерства, не само со француски, туку и со други меѓународни компании.







