Илон Маск понуди 43 милијарди долари за Twitter

во Вести

Сагата со Илон Маск и Twitter како да одбива да заврши. Поминаа едвај неколку дена откако дознавме дека Маск нема да биде дел од бордот на директори на Twitter, а веќе има нова вест. Најпопуларниот милијардер понуди 54,20 долари по акција или 43 милијарди долари за Twitter. По објавата, акциите на микро-блогот рипнаа за 18 проценти.

„Инвестирав во Twitter бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слободен говор низ целиот свет. Верувам дека слободата на говорот е општествен императив за функционална демократија…

Сепак, откако инвестирав во компанијата сфаќам дека компанијата ниту ќе напредува, ниту ќе му служи на овој општествен императив во нејзината сегашна форма. Twitter треба да се трансформира во приватна компанија.

Како резултат на ова, нудам да купам 100% од акциите на Twitter за 54,20 долари по акција во готовина. Тоа претставува 54% премија во однос на денот пред да инвестирам во Twitter, и 38% премија во однос на денот пред мојата инвестиција да биде јавно објавена.

Ова е мојата најдобра и единствена понуда. Ако не биде прифатена, ќе треба да ја преиспитам мојата позиција како акционер. Twitter има неверојатен потенцијал. Јас ќе го отклучам.“, вели Илон Маск во имејл до Брет Тејлор, претседател на Twitter.

Маск и официјално ја поднел понудата до Комисија за хартии од вредност на САД. Тој веќе е сопственик на 9,2%  дел од акциите на Twitter. Друштвената мрежа на 4-ти април потврди дека милијардерот има значителен дел од сопственоста. Со 9,2% од акциите на Twitter, Маск е најголем индивидуален акционер во друштвената мрежа.

Дел од експертите сметаат дека понудената сума е прениска за акционерите и бордот на директори да ја прифатат. Ова не е изненадување. Пред помалку од една година акциите на друштвената мрежа се тргуваа за 70 долари, пишува Bloomberg

Twitter можеби е најновиот интерес на милијардерот, но секако не е единствен. Маск е сопственик и на 17% oд акциите на Tesla, а основач е и на SpaceX. Неговиот новопронајден интерес во друштвените мрежи за жал веќе има негативно влијание на вредноста на Tesla. Веднаш по јавната објава дека Маск поседува 9,2 отсто од акциите во Twitter, акциите на Tesla паднаа за 1.5%.

Богатството на сопственикот на Tesla и SpaceX е проценето на над 260 милијарди долари. Со тоа е Маск е најбогат човек во светот.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments