Министерството за финансии ќе се обрати до PayPal и ќе отпочне постапката за воведување на услугата “прием на пари” во Македонија. Ова е заклучокот на работната средба помеѓу претставници на иницијативата и Министерството за финансии, извести Login Systems.
На средбата присуствуваа и претставници на Народната банка на РМ, министерствата за Економија и Информатичко општество и претставници од 4 деловни банки во Македонија.
Одлуката доаѓа две недели откако барањата беа испратени до министерот д-р Драган Тевдовски. За само една недела поддршка на иницијативата дадоа над 1.100 правни и физички лица.
Дел од услугите на PayPal се веќе достапни во Македонија. За жал најважното – можноста за користење на сервисот за продавање не постои. Целта на иницијативата е да се овозможи целосна функционалност на сервисот, а со тоа да се отворат и нови можности во е-трговијата.
„Воведувањето на Paypal ќе донесе убава свежина во понудата кај банките, а ќе се стимулираат претприемачите да мислат на продажбата во светот“, вели Венко Глигоров од Логин Системи и иницијатор на петицијата.







