Дали технологијата ќе ни го спаси општеството

во Вести

На почетокот на декември Општина Центар објави дека започнува со проширување на системот за следење на бучавата. Системот, преку дигитални сензори овозможува следење на бучавата на локациите на кои се поставени. Засега, точките на кои се поставуваат овие сензори се околу угостителски објекти, бучни улици и слично. Вака ќе се овозможи следење на надминувањето на бучавата во реално време, а ако бучавата го помине дозволеното ниво ќе бидат испратени известувања.

Фото: Општина Центар / Facebook

Планот е да се постават сензори на 30 локации низ Општина Центар. Најголем дел од уредите (19) беа поставени пред отпочнувањето на проектот. Сензори се поставени на локации на улиците Мирослав Крлежа, Орце Николов, и Отон Жупанчиќ, и на Боемска 1 и Боемска 2. Планирани се дополнителни сензори во Буњаковец, Капиштец, на улица Ленинова, на Кеј 13 Ноември, околу Калето и Старата железничка станица.

„Ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење“, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Податоците од овие сензори треба да овозможат локација на проблематичните точки, а ќе бидат и испратени до инспекциските служби. Работата на инспекцијата ќе биде клучна за успехот на целиот проект. Ако службата не реагираат, сензорите ќе бидат потврда дека „бучавата е превисока“, но без реална корист за граѓаните.

За жал веќе имаме доволно примери на сензори кои си ја вршат работата, но без реални придобивки за жителите на Скопје. Две кои први ни паднаа на ум се сензорите за квалитетот на воздух и паметните контејнери.

За жал најголем дел од паметните проекти кои требаше да помогнат не ги постигнаа посакуваните резултати. Во 2018 година (како и секоја година) Скопје имаше проблеми со ѓубрето. Ѓубре имаше насекаде, a како и оваа година, граѓаните на крај го оставаа покрај преполните контејнери. Тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов објави дека градот ќе купува нови паметни контејнери. Ова требаше да го реши проблемот со недостаток на контејнери и истовремено да помогне со известување за тоа кога контејнерите се преполни.

Контејнерите доаѓаа со чипови кои покажуваа колку се полни. Врз база на податоците требаше да се генерираат оптимални рути за камионите за смет. Ова требаше да овозможи камионите да поминуваат кога има потреба, а не во точно определени денови. За жал, нема податоци за тоа што стана со овој проект, но дури и да е реализиран јасно е дека не функционира.

Photo by Zoshua Colah on Unsplash

Ако им веруваме на градските власти, главна причина зошто ова не функционира е недостатокот на камиони и луѓе. Дополнително, нема чипови кои ќе се постават во контејнерите што ќе покажат колку ѓубре сме способни да оставиме околу нив откако се преполни.

Втор проблем: Што ќе ви се податоци ако не реагирате? Друг голем проблем на скопјани, но и на најголем дел од граѓаните во другите градови е квалитетот на воздухот. Една од причините поради кои знаеме дека воздухот е ужасен се токму поставените сензори. Овие сензори се активни со години. Апликацијата МојВоздух помогна за поголема прегледност на резултатите, но за жал тоа нема да помогне.

Иако веројатно на сите им е јасно дека квалитетот на воздух е ужасен, недостаток од мерки и опипливи чекори се главни причини кои најдобро покажуваат дека технологијата сама по себе не може многу да помогне.

Aqicin.org

Технологијата, ниту во овој ниту во претходниот случај не се лоши, сепак, најголем проблем е немање мерки за отстранување на проблемите. Понекогаш причина за тоа се недостатокот на капацитети или идеја за справување со проблемот, но и недостатокот на волја за воведување на непопуларни мерки, како делумно ограничување на возењето кога загадувањето е превисоко.

За среќа не се сите примени на технологијата лоши примери. Uslugi.gov.mk иако не е без проблеми е добар пример за тоа дека постои начин за користење на технологијата. Платформата овозможува лесно и брзо поднесување барања и вадење на различни документи: од поднесување на барања за нов лични карти или патни исправи, до поднесување на барање и добивање на државјанство, на пример.

Со оглед на тоа дека само за граѓаните се достапни барања за над 300 документи, платформата е супер корисна. Секако, има простор за подобрување. Ова, најмногу се однесува на проблемите со кои граѓаните може да се сретнат за кои често не постои соодветна документација.

Веројатно најинтересниот ваков понов проект се камерите со чија помош ќе се регулира сообраќајот. Тестовите започнаа овој месец и иако има поплаки, се чини дека барем за сега ќе бидат неопходни. Над 110 000 прекршоци се регистрирани во првите 24 часа.

Фотографија: Министерство за внатрешни работи

Нагодувањата се такви што се регистрирани и минималните прекршоци, но се чини дека е подобро да се греши за поголема безбедност во сообраќајот. Граѓаните се жалат дека нема никаква толеранција и дека добиле предупредувања за минимални надминувања на брзината, помеѓу 1 и 3 километри. Сепак, се додека сите се „еднакви пред камерите“ и оваа ригорозност може да се оправда.

Стравувањата се дека системот ќе се користи за полнење на буџетот, а функционерите ќе останат неказнети. Од министерството за внатрешни работи уверуваат дека сепак нивна мотивација е поголема безбедност во сообраќајот. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски откри дека забележано е намалување на тешки телесни повреди на локациите на кои се користи „Безбеден град“.

Многу ми е мило што бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и генерално бројот на сообраќајни несреќи, таму кадешто овој проект го имлементираме, се намалува. Тоа е многу битно. Прва, и најголема цел, јас би рекол и последна цел на имплементацијата на овој систем, е спасување барем еден човечки живот повеќе од претходно

Системот до средината на 2026 година треба да биде достапен на цела територија на државата.

„Се надевам дека до јуни-јули идната година ќе го имплементираме Безбеден град на целата територија на државата, а сигурен сум дека до крај на 2026 година ќе го имплементираме во секој еден град како паметен систем. Македонските граѓани заслужуваат и во Тетово, и во Скопје, но и во Берово, Делчево, Струга и во Охрид да имплементираме едно паметно решение кое би требало да ја следи европската стратегија на „нула жртви“, односно таа стратегија до 2050 година да немаме човечки жртви како последица непочитување на сообраќајни правила“, вели Панче Тошковски.

Од досегашното искуство со „паметните“ проекти во Македонија, технологијата само ги прави проблемите полесно видливи. Сензорите за бучава во Центар може да станат само уште еден сет на графикони некаде во облакот, ако зад нив не стои инспекција со овластувања, храброст и волја да казни. Исто како што сензорите за квалитет на воздух не го прочистија воздухот, ниту чиповите во контејнерите не ги испразнија улиците од ѓубре.

Разликата меѓу успешен и неуспешен проект лежи во одговорноста. Платформата uslugi.gov.mk функционира бидејќи го елиминира шалтерот и ја забрзува процедурата. Системот „Безбеден град“, пак, има потенцијал да функционира, но единствено ако сите се исти пред законот. Во овој случај, за првпат, технологијата не само што „гледа“, туку и „ќе реагира“ на начинот на кој возачите се однесуваат.

Дали технологијата ќе ни го спаси општеството? Не сама по себе. Може да биде одличен сојузник, само ако ја користиме за да ги поправиме системските пропусти, а не како декор за „модернизација“. Дигиталните сензори се само „очите на градот“, но институциите се тие што треба да извршат акции. Без акција и најсофистицираниот софтвер ќе остане само скапа потврда за безидејноста ма обидите за дигитализација.

Вистинскиот напредок ќе има кога податоците од сензорите за бучава ќе станат прекршочни пријави, а податоците од сензорите за воздух ќе доведат до радикални еколошки мерки кои реално ќе го променат начинот на кој живееме.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments