0 коментари 5 мин. читање 22 декември, 2025

Kingdom of Night: Враќање во 80-тите со изометриска акција и локален ко-оп

Kingdom of Night претставува интересна фузија на жанрови, првенствено затоа што успешно ја комбинира механиката на изометриските ARPG со носталгичната естетика на осумдесеттите години. Во ваков уникатен свет, насловот ви сервира задоволителен баланс помеѓу драма за созревањето и космички хорор, нудејќи притоа, солидна приказна и гемплеј елементи за незаборавна соло или ко-оп забава.

Сместена во малиот, изолиран град Мајами (Аризона), чедото на талентираните Friends of Safety воведува наратив кој започнува во 1987 година, со група сатанисти кои ненамерно го повикуваат древното зло, Бафомет, фрлајќи ја целата заедницата во хаос.

Играјќи со Џон, вашата задача е да истражувате огромно, нелинеарно место и да се инфилтрирате во дувлата на демонските господари. Редоследот по кој ќе ги предизвикате овие генерали зависи целосно од вашиот избор, на ист начин како и нелинеарното истражување.

Помеѓу сево ова, светот пружа и бројни споредни приказни кои функционираат како еден вид епизоди од телевизиска серија. Секоја ваква епизода вклучува интеракции со широк спектар на ликови, од исплашени граѓани до училишни насилници, се со цел да се развие чувството на жив, иако ужаснат, екосистем.

Како акциона RPG игра, Kingdom of Night се одликува со систем на класи, секоја од нив нуди пет различни архетипови, а, со самото тоа, драстично различен стил на игра, делејќи ја борбата и на физички пресметки и на магии. Системот за прогресија е длабок и флексибилен, со комплексни стебла на вештини поделени во три гранки (за секоја класа). Интересно е тоа што можете да ги вкрстувате класите. Имено, откако ќе достигнете десетто ниво во една гранка, ви се отвора можноста да инвестирате поени во друга. Благодарение на ова, ефиксно се поплочува патот за создавање на хибридни ликови кои се прилагодени на специфичниот стил, било да се работи за комбинација на брутална сила или магични способности.

Самиот борбен систем е дизајниран да биде достапен, потпирајќи се на класични механики како напад, избегнување и користење на специјални вештини. За оние кои претпочитаат магија, достапни се десет различни магии кои додаваат тактичка длабочина, додека физичките класи се потпираат на тајминг и позиционирање. Ова не значи дека системот не е од наградувачка природа. Напротив, дополнителен слој имате преку повеќеслојниот систем со плен каде наидувате на предмети со различен степен на реткост (од вообичаени до уникатни). Опремата, на нашето пријатно изненадување, не служи само за подобрување на статистиките, туку честопати носи и специјални способности кои можат драстично да ја променат ефикасноста.

Визуелниот идентитет на Kingdom of Night е силно инспириран од ретро естетиката, користејќи пиксел-арт кој, иако навидум едноставен, е изведен со висок квалитет и внимание на деталите. Дизајнот на чудовиштата е особено впечатлив, доловувајќи ја гротескната природа на демонската инвазија, додека околините се разновидни и интересни за истражување. Звучниот дизајн и музиката соодветствуваат на темата, евоцирајќи го чувството на акционен хорор филм од 80-тите. Особено ни се допадна начинот на кој дијалогот се одвива, со неколку гранки кои се отвораат во зависност од вашите способности.

Како шлаг на тортата, Kingdom of Night нуди и можност за локална соработка, дозволувајќи на двајца играчи да ги здружат силите во кампањата и, преку нови стратешки можности, да создаваат посебна и подинамична синергија со различните класи. Без разлика дали играте соло или со пријател, меѓутоа, предизвикот останува конзистентен, барајќи од вас постојано да ја прилагодувате вашата тактика и опрема.

Kingdom of Night е амбициозен наслов кој успева да го долови духот на едно минато време, будејќи прекрасни носталгични моменти преку имплементација на модерни механики на игра. За љубителите на акциони RPG наслови кои бараат спој на ретро шарм, хорор атмосфера и стратешка длабочина, оваа игра дефинитивно претставува солидно и впечатливо искуство кое вреди да се искуси.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top