Македонскиот EarthCare.ai обезбеди 350 000 долари pre-seed инвестиција

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

Македонскиот стартап EarthCare.ai ја заврши годината со голем успех. Тие успеаја да обезбедат 350 000 американски долари pre-seed финансирање. Финансирањето е предводено од South Central Ventures, со поддршка од Зефир ангелската мрежа. Компанијата, која е дел од Techstars програмата, развива глобална платформа за климатска интелигенција. Целта е да им помогне на бизнисите да се справат со климатските ризици и можности.

Климатската криза создава глобални штети од над 300 милијарди долари годишно, со зголемување од 15% секоја година. EarthCare.ai нуди решение преку анализа на големи количини климатски податоци, користејќи сателитски снимки, радарски информации и податоци од метеоролошки станици. Според соосновачот Горјан Јовановски, платформата ги претвора овие податоци во практични и лесно разбирливи анализи. Потоа компаниите можат да ги користат во своето планирање.

„Нашата цел е да им помогнеме на компаниите да ја вклучат климата во своите деловни стратегии, обезбедувајќи им детални анализи базирани на 30 години историски податоци и модели кои предвидуваат климатски ризици до 75 години во иднина,“ изјави Јовановски.

Идејата зад EarthCare.ai започна со апликацијата МојВоздух. Благодарение на оваа апликација секоја зима добиваме известувања за загаденоста на воздухот во Македонија. Без сомневање со над 1 милион преземања апликацијата е најпопуларна мобилна апликација во Македонија. Пред 5 години, во 2019 година, МојВоздух се ребрендираше во AirCare и започна да го освојува глобалниот пазар.

За EarthCare.ai ова е втора поголема инвестиција. Во мај 2023 година, стартапот доби инвестиција од 120 000 американски долари и стана дел на TechStars стартап програмата. EarthCare.ai за разлика од AirCare е насочен кон бизнисите. Наместо обичните граѓани, овде фокус се компаниите и трансформацијата на начинот на кој бизнисите доаѓаат до податоци за животната средина и влијанието на климатските промени.

Платформата ја поедноставува пристапноста до податоците и предвидувањата за влијанието на климатските промени врз опасностите од поплавите, шумските пожари, бурите и другите природни опасности. Идејата е платформата да го олесни имплементирањето на различни решенија кои подоцна ќе помогнат барем да се намали влијанието на човекот врз Земјата. Excel ја демократизираше анализата на нумерички податоци, EarthCare.ai го прави истото со климатските податоци, вели Горјан во интервју за ИТ.МК од август 2024.

Во надградбата од август EarthCare.ai, под влијание на пожарите во Македонија додаде функционалност за визуелизација на пожари и земјотреси.

Примена во различни индустрии

EarthCare.ai веќе привлекува внимание од различни индустрии, како што се енергетиката, осигурувањето и консултантските услуги. Платформата им овозможува на корисниците пристап до климатски анализи за било која локација преку веб интерфејс, PDF извештаи или API интеграција. Мултинационални компании, како германската Uniper, ја користат технологијата за подобро управување со производството на енергија засновано на временските услови.

„Опсегот, достапноста и стандардизацијата на климатските податоци се главни пречки кои треба да се надминат при градењето решенија за моделирање на климатски ризици, и токму тука ја гледаме можноста за EarthCare.ai. Комбинирајќи 30 години историски податоци, врвни модели за предвидување и години искуство во климатската вертикала, тимот е добро позициониран да им помогне на корисниците од различни индустрии подобро да ги разберат климатските ризици и врз основа на тоа да ги прилагодат нивните инвестициски и деловни одлуки,“ истакна Татјана Забасу Микуж, партнер во South Central Ventures.

За инвестицијата со Горјан Јовановски

Тимот на EarthCare.ai го сочинуваат Горјан Јовановски и Драган Гелевски. Нивниот претходен производ, апликацијата AirCare, ја користат милиони корисници ширум светот. Со новото финансирање, компанијата планира да го прошири тимот и да го зголеми своето присуство на пазарот. За тоа што значи ова за EarthCare.ai и како ќе се користат средствата разговаравме со Горјан Јовановски.

Зошто одлучивте да соберете уште средства после Techstars?

Како што расте еден стартап, така растат и трошоците со него. Доколку сакате да имате брз раст, екстерен капитал е еден од начините да се достигне тоа. Но не е само за парите, со оваа рунда добивме и многу добри експерти кои од сега ќе работат блиску со нас како South Central Ventures и ангелите од Зефир. Нивните конекции, вратите што може да ни ги отворат и знаењето се голема причина зошто одбравме да одиме по VC capital рутата.

Како оди прогресот на EarthCare.ai, дали 2024 година беше добра од аспект на клиенти?

Искрено, на почетокот на 2024 се осетивме доста заглавени. Сакавме да работиме со осигурителната индустрија, но после долги состаноци и пилот проекти, сфативме дека и покрај големата потреба кај нив за ваков продукт, нивниот традиционален пристап може да значи смрт за нов стартап. Едноставно предолги беа продажните циклуси, и моравме да се репозиционираме на пазарот, за тогаш да ни светне (буквално) дека енергетската индустрија е тука. Тоа пренасочување беше клучно за на крајот на 2024 година да имаме веќе големи светски енергетски компании како Uniper во нашата палета на клиенти! Така да 2024 година беше и година на учење, на пивотирање, и година на големи успеси!

Како планирате да ја користите инвестицијата?

Главната цел сега ќе ни е ширење на тимот со дополнителни експерти кои ќе помогнат во развојот и на климатскиот дел, и работата со огромен број податоци и со продажбата. Наскоро ќе почнеме да објавуваме огласи, и се надеваме дека токму тие климатски експерти кај нас кои тешко наоѓаат примена на својата експертиза во Македонија ќе може да станат дел од нашиот тим!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Technical Support Specialist

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

види ги сите огласи на kariera.it.mk