Балканот може да се натпреварува со Скандинавија во мобилните апликации, вели ко-основачот на GameFounders

Македонските и балканските програмери можат да бидат креативни и конкурентни на европскиот пазар на мобилни апликации, вели Лаури Анталенен, ко-основачот на единствениот европски акселератор за гејминг стартапи – GameFounder. Проблемот, вели Лаури, е што треба да се има познавање во маркетингот и бизнисот за да се пласира стартапот. Во гејминг индустријата, и општо на мобилните пазари, не постојат физичките граници. Не е важно од која земја сте, но затоа за секој корисник е важно да види убаво лого и разбирлива апликација, а за секој инвеститор да види издржлив бизнис план.

„Јас верувам дека техничката подготвеност е веќе присутна на Балканот, храброста да се цели на големо е она што стои меѓу вас и интернационалниот успех.“

Интервјуто со Лаури Анталенен е првично објавено на Pretpriemac.mk. Лаури беше менторот на неодамнешниот прв интеркационален камп во Македонија – MobileAppCamp Скопје.

Оценете го квалитетот на тимовите на Mobile AppCamp во Скопје?

Просечниот квалитет на тимовите на Mobile AppCamp во Скопје беше прилично висок. Имаше определен број на тимови со идеи и компании кои лесно би биле прифатени од страна на некои акцелератори и јас верувам дека имаше и неколку тимови што ги заинтересираа инвеститорите уште тогаш. Видов доста интересни тимови, од кои еден (X3M Games) беше прифатен во Gamefounders акцелераторот за сезоната пролет 2013.

Според вашето искуство, кои се најконкурентните и најразвиени земји кога станува збор за мобилни апликации? Дали програмерите на Балканот можат да се натпреваруваат со најдобрите?

Во овој момент нема многу сомнеж дека тоа би била Скандинавија – успешните приказни кои доаѓаат од Финска и Шведска ја ставаат Скандинавија на врвот на листата. Пред само два дена бевме во службена посета на Финска каде се запознавме со Rovio (Аngry Birds), а подоцна присуствувавме на забава организирана од Supercell. Земете ги на пример Rovio, скоро половина од нивниот профит доаѓа од продажба на производи како играчки и слични продажби. Додека пак Supercell, пресметано е дека нивните бесплатни игри Clash of Clans и Hay Day носат точно 2 милиони долари само од iOS, дневно. А во овие земји има повеќе десетици вакви компании кои прават одлични игри од кои многу заработуваат.

Не постои сомнеж дека балканските програмери можат да се натпреваруваат со нив. Тоа што ја прави гејминг-индустријата толку привлечна е што не е важно каде е лоцирана компанијата што ја прави играта. Размислете – со физичките производи кои ги купувате во продавниците, земјата на потекло секогаш влијае на вашата перцепција за квалитетот на производот. Кај игрите – само играта (и нејзините додатоци како насловот, иконата и сл.) влијае на тоа. Нели е тоа совршена можност? Јас верувам дека техничката подготвеност е веќе присутна таму (на Балканот), храброста да се цели на големо е она што стои меѓу вас и интернационалниот успех.

(via GameFounders/Facebook)

Кои се најчестите бариери и ограничувања за успех кои ги забележавте помеѓу тимовите на Mobile AppCamp?

Мислам дека главно е маркетингот и разбирањето на бизнис моделите. Покрај милиони апликации веќе во мобилните продавници не е доволно само да ја лансирате апликацијата и да се надевате дека ќе ве изберат корисниците. Мора да вложите многу работа во маркетингот за вашиот продукт за да можете да го продавате. Исто така тимовите мора да ги разберат бизнис моделите и како денес се заработуваат пари преку мобилните платформи. Сакам да нагласам дека F2P (Free-to-Play) бизнис моделот кој веќе е стандард во игрите во блиска иднина ќе биде се` порелевантен за сите апликации и решенија.

Еден тим, X3M Games од Македонија беа одбрани од GameFounders. Што беше поврзано со нив што ви го привлече вниманието?

Тимот ми го привлече вниманието уште додека бев во Скопје. Нивните производи изгледаат прекрасно, и како што еден од нашите членови на комитетот за развој кажа, откако тестираше еден од нивните прототипи “јасно е дека талентиран тим стои зад оваа игра”. Ние сме убедени дека X3M Games можат и ќе прават одлични игри, само им треба мала помош од бизнис перспектива. Тука можеме ние да им помогнеме.

Освен инвестициски фондови, кои други бенефиции X3M Games ќе ги добијат?

Уште поважно од инвестициите кои ќе ги добијат, е можноста X3M Games да ги запознаат светски познатите ментори од највисока класа кои ќе му помагаат да ги усовршат нивните игри и нивниот бизнис модел. Тие веќе се запознаа со ментори од компании како Rovio, Facebook, Microsoft и други.

Покрај менторите, сите наши тимови добиваат можност да се поврзат со издавачи и инвеститори во Nordic Game Conference во Шведска, Game Monetization Conference во Лондон и во Сан Франциско. Исто така, тие добиваат и договори за спонзорства преку нашите партнери.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk