Интервју со Михаил Мишкоски: Со chitaj.mk пронајдете ги најевтините книги

0 коментари 5 мин. читање

Забележувајќи ги бројните активни групи на љубители на книги, Михаил Мишкоски реши наместо обичен проект за во CV да создаде платформа што ги обединува понудите од домашните книжарници на едно место. Иако примарно работи во C#/.NET, за овој проект се одлучи за Python и FastAPI. Со помош на вештачка интелигенција успеа да се снајде со различни технички предизвици. Започнувајќи од нормализација на кирилица и латиница за исти наслови, па сè до имплементација на мобилно скенирање кодови и алгоритам за препорака на книги.

Така се роди chitaj.mk – агрегатор кој на едно место ги обединува понудите и цените од домашните книжарници, нудејќи паметно пребарување, мобилно скенирање на ISBN кодови и персонализирани препораки за читање. Со Михаил зборувавме за инспирацијата зад проектот, користење на вештачка интелигенција за развој и  за идните планови.

Михаил Мишкоски

Од каде инспирација за chitaj.mk? Колку книгите се дел од твоето секојдневие?

Инспирацијата дојде сосема случајно, сакав да направам некој проект за во CV, а притоа да пробам тоа да решава некаков проблем и да има свои корисници, така случајно налетав на фејзбук група на читатели и љубители на книги со илјадници членови, многу повеќе отколку што очекував да има. Кога истражив подобро сфатив дека има повеќе такви групи и тоа за мене беше одлична можност да ја искористам веќе таа оформена заедница на читатели и да им пласирам нешто што навистина би можеле да го користат.

Книгите се исто така дел од моето секојдневие, најмногу ги читам делата на македонските автори исто така ме интересираат историјата и стручната литература.

Со свои зборови, што е Читај?

Читај.мк во моментов е агрегатор за книги кој им овозможува на читателите полесно да пронајдат книги и да ги споредат цените од различни книжарници. Мојата амбиција е платформата да стане нешто повеќе од тоа, да изгради сопствена приказна со која читателите ќе можат да се поврзат и со текот на времето да стане синоним за откривање и читање книги.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочуваше на почетокот кога ја замисли архитектурата и собирањето податоци од различни книжарници?

Најголемиот предизвик ми беше изборот на самиот tech stack. Имам добро познавање на C#/.NET, Java и неколку фронтенд технологии, но никогаш не сум имал практично искуство со Python за ваков тип на решенија. Сепак, веднаш знаев дека Python + FastAPI е вистинскиот избор. Архитектурата ја поставив по принципите на Domain-Driven Design, нешто што добро го познавам од .NET светот. Системот работи во три чекори: собирање, групирање и прикажување. Собирањето и каталогот на книги се одвоени целини, па нова книжарница значи само нов адаптер, без да се допира остатокот од системот.

Вториот предизвик беше што секоја книжарница е различна, работат на различни платформи, некои со уреден API, некои само со HTML, некои без автор или ISBN. Најтешко не беше собирањето, туку спојувањето. На пример, ако една книжарница ја води книгата како „Хари Потер и каменот на мудроста“, а друга ја запишала на латиница, системот треба да препознае дека е иста книга. Истовремено, две книги со ист наслов од различни автори не смее да ги спои. За тоа комбинирам ISBN, нормализација на кирилица и латиница и споредба на автори и издавачи.

Кои технологии, рамки (frameworks) и алатки ги користиш за chitaj.mk? Што ти беше најинтересно?

– Backend е во Python со FastAPI, податоците ги собирам асинхроно со httpx и parsel, базата е SQLite преку SQLAlchemy, а насловите ги споредувам со RapidFuzz, библиотека напишана во C++. Frontendот е во React со TypeScript и Vite.

Технички предизвик ми беше хостирањето и тоа сајтот да биде што побрз и полесен за користење. Затоа собирањето на податоците се случува одделно, а на серверот оди само готова верзија на каталогот. Сепак, најтешко ми беше да размислувам како корисник, односно да гледам на сајтот од страната на некој што ќе го користи.

Дали и на кој начин користеше вештачка интелигенција (ВИ) во процесот на развој било за пишување код, оптимизација, структурирање на податоци или пак во самата логика за препораки на книги?

Да, користев ВИ и доста ми помогна. Она што можам да го замислам или напишам во програмски јазик што веќе го знам, ВИ ми помагаше да го претворам во Python, а потоа и да го подобрам и оптимизирам кодот. Неговите идеи секогаш ги проверував и во секој момент знаев што прави кодот и зошто е избрано такво решение. Доста користев и статии за слични решенија, кои му ги давав како контекст.

Препораките за книги не ги прави ВИ во смисла со АPI повик кон некој четбот. Тие се пресметуваат со класично машинско учење (TF-IDF), кое ја мери сличноста меѓу книгите според описот, наслов, авторите и жанровите.

Платформата нуди неколку интересни алатки, како што се пребарувањето по ISBN и мобилното скенирање на кодови. Колку овие детали го менуваат искуството на корисниците?

Мислам дека доста го менуваат бидејќи со скенерот можеш многу побрзо да провериш неколку книги без да го пишуваш насловот на книгата доколку има неколку книги пред тебе, скенерот не го гледам како само екстра функционалност за да биде што побогата апликацијата, туку како олеснување за корисникот.

Освен класичното споредување цени, chitaj.mk има и секција за евидентирање прочитани книги и добивање персонализирани препораки. Како функционира тој систем?

Во овој момент прочитаните и посакуваните книги или whishlist се зачувуваат на прелистувачот, бидејќи сеуште системот не нуди креирање на сметка, но секако тоа ми е во план да го имплементирам. Кога станува збор за препораките, секоја книга има листа на слични книги, пресметана врз основа на неколку карактеристики. Во позадина користам машинско учење, поточно TF-IDF, за да ја пресметам сличноста меѓу книгите врз основа на нивните наслови, описи, автори и жанрови.

Што е следно за платформата? Дали планирате додавање на нови книжарници, дополнителни функции за корисниците или интеграција на нови можности?

Секако во план сум за проширување на апликацијата со нови книжарници, но и работа на социјалните мрежи со пласирање на хумористични и едукативни видеа преку фиктивни ликови, секој со свои карактеристики, со кои читателите ќе можат да се поистоветат и да се приближат кон читај.мк на малце поинаков начин.

Имам многу идеи за следни функционалности, но во овој момент не би избрзал со нивна имплементација. Сакам да добијам повратни информации од страна на корисниците, да разберам што им е најпотребно и врз основа на тоа да одлучам

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед