Откако Европската Унија му наложи на Apple да овозможи конкуренција за App Store на iOS започнаа и првите најави за продавници. AltStore е една од продавниците која сака да им го олесни изборот на девелоперите преку поддршка која издавачите би ја добиле од Patreon.
Како што е состојбата во моментов, еден од најголемите недостатоци на најавените промени е таканаречениот технолошки надоместок. Издавачите на апликации кои ги користат алтернативните продавници ќе треба да му платат на Apple технолошки надоместок од половина евро за секој корисник откако ќе надминат 1 милион корисници.
За голем дел од новите издавачи кои можеби имаат одлична идеја, ова е голем ризик. Некои од помалите девелопери стравуваат дека нема да може да платат ако издадат хит апликација, смета 9to5Mac. Ова е сериозен проблем кој неодамна го посочи Европската Комисија, заедно со најавата за отворање на истрага.
AltStore со интегриран Patreon за iOS
AltStore не е нова продавница и постои уште пред воведувањето на Уредбата за дигитални пазари (DMA). Продавницата им овозможува на сопствениците на iPhone да инсталираат (sideload) апликации на iPhone. Користењето сепак не е едноставно, ниту интуитивно, како на App Store.
Наскоро, барем во Европа, ова ќе се промени. Развивачите на AltStore најавија отворање на продавница во која апликациите ќе може да бидат интегрирани со Patreon. Ова ќе овозможи апликациите да бидат достапни за преземање за корисници кои ќе донираат над одредена сума на Patreon. Ова е нов бизнис модел кој не беше дозволен пред на сила да стапи DMA.

На пример, во почетокот AltStore ќе доаѓа со две апликации Delta и Clip. Delta ќе биде достапна за бесплатно преземање, без потреба од наплата. За Clip ќе биде неопходна поддршка на Patreon (pledge) во вредност од 1 долар. За двете апликации ќе биде додадена и бета верзија, но за нив ќе биде потребна Patreon уплата од 3 американски долари.
Истата функционалност ќе биде достапна за сите издавачи кои сакаат да ја користат платформата. Ова ќе овозможи заобиколување на високата провизија на Apple без дополнителен ризик ако апликацијата стане популарна преку ноќ. На AppStore провизијата е 15 или 30% од секое плаќање, а на Patreon 12%.
Најголемата придобивка за корисниците на AltStore од Европа ќе биде значително поедноставното инсталирање на апликации и користење. Наместо како досега да мора да користат Mac или PC, да додаваат профил од Apple, и на крај апликациите да ги рефрешуваат на секој 7 дена, сега сѐ ќе биде направено без овие чекори. Апликациите ќе се инсталираат како од AppStore. За ова апликациите ќе мора да бидат нотаризирани од Apple.
Продавницата е веќе готова и наскоро ќе биде достапна. За конечно да се појави за користење на iOS, се чека единствено на потврдата од Apple.
„Една работа што @altstore ја прави е да ве натера да размислувате за алтернативни платежни системи, за кои Apple никогаш не размислува. Има Patreon интеграција и може да го поврзе пристапот до апликациите со Patreon pledge – што ви овозможува сосема поинаков, личен однос со вашите корисници, и овозможува да го користите истиот систем на награди што го користите за видеата, објавите на блогови, производите, итн…
Алтернативните продавници за апликации не треба само да го рекреираат моделот на Apple“, вели Стив Тротон-Смит во објавата на Mastodon која ја пренесе TechCrunch.







