По поразот од Apple, Epic Games успеа да освои една судскa битка. Поротата одлучи дека Google ја злоупотребил својата положба и од Google Play и Google Play Billing креирал монопол.
Поротата дојде до поинаков заклучок од судијата, кој во 2021 година одлучи против Epic Games во спорот со Apple. Одлуката ја донесоа по помалку од четири часа работа. Засега не е јасно што значи оваа победа. Конечната пресуда и мерките ќе ги донесе судијата.
Судска борба помеѓу Epic Games и Google и Apple
Борбата започна во 2020 година, откако Epic во обид да ја заобиколи провизијата од 30 отсто додаде паралелен систем за наплата за Fortnite. Очекувано, ова не им се допадна ниту на Apple, ниту на Google. Речиси во истиот момент двете компании ја отстранија видеоиграта од своите продавници. Одговорот на Epic беа судски тужби за двете компании.
Apple својот спор го доби во 2021 година. Судијката во Спорот Epic против Apple, Ивон Гонзалез Роџерс пресуди во корист на Apple. Сепак во спорот со Google, Epic успеа да покаже дека Google има договори за делење на заработката со производителите на паметни уреди. Благодарение на ова компанијата успевала да ја одржи својата предност пред конкурентските продавници за апликации.
Во судскиот спор со Google поротата едногласно заклучи дека компанијата имала моќ на монопол во одделот за дистрибуција на андроид апликации и како оператор за наплата во апликациите. Пресудата е дека компанијата има незаконска врска помеѓу Google Play и Google Play Billing.
Очекувано, Google ќе ја обжали одлуката со забелешка дека компанијата не е без конкуренција на пазарот. „Судскиот спор јасно покажа дека жестоко конкурираме со Apple и App Store, но и со останатите дистрибутивни платформи за Android апликации и гејминг конзоли“, вели Вилсон Вајт заменик претседател на Google.
„Денешната победа е победа за сите развивачи на апликации и потрошувачи од целиот свет. Покажува дека праксата во продавницата за апликации на Google е нелегална и дека го злоупотребуваат монополот за да изнудат високи провизии, да ја задушат конкуренцијата и да ги намалат иновациите“, пишува Epic Games на својот блог.
Засега е непознат епилогот од пресудата. Epic не барал материјална отштета. Барањето е судот да им дозволи на сите развивачи на апликации да си креираат сопствени продавници за апликации и сопствени системи за наплата.
До сега нема податоци за одлуката на судот, штом судијата ја соопшти својата одлука ќе го надополниме текстот.