Apple, Meta и Google под истрага на Европската Унија

Avatar img-thumbnail img-circle

во ИТ.ЕУ

Европската Унија објави дека ги отвара првите истраги поврзани за прекршување на Одредбата за дигитален пазар (Digital Markets Act). Истрага е отворена за дел од практиките на Apple, Google и Meta. Со оглед на тоа дека за сите компании ова е прво прекршување на одредбата максималната казна која може да им биде изречена е 10% од годишниот промет.

Одредбата за дигитален пазар стапи во сила на 7 март. Во основа целта на уредбата е да им овозможи на помалите компании и стартапи да се натпреваруваат со гигантите кои веќе имаат огромен дел од пазарот, а на корисниците да им олесни кога ќе сакаат да променат дел од услугите.

Отворањето на истрагата не е преголемо изненадување, и уште минатата недела Маргрете Вестагер објави дека разгледуваат неколку компании. Денес е јасно дека покрај Apple и Meta кои беа споменати во интервјуто на листата е и Google.

Минатата недела и во САД беше отворена истрага за Apple под обвинение за креирање на монопол на пазарот за паметни телефони.

Истрага за Apple и Google

Истрагата за Apple е отворена за неколку функционалности. Apple и натаму не им овозможува на корисниците да одинсталираат апликации кои не ги сакаат од iOS, не можат да ги променат основните нагодувања на iOS, и да го заменат пребарувачот и прелистувачот.

Унијата ќе отвори и истрага за тоа дали Apple им овозможува на креаторите на апликации да ги известат своите корисници за алтернативни начини за плаќање и дали со најавените промени всушност не ги одвраќа од користење на функционалностите кои ги додаде.

За потсетување, издавачите на апликации, на европскиот пазар не мора да го користат App Store или плаќањето. Сепак Apple додаде нов трошок за овие издавачи. Тие ќе треба да платат технолошки надоместок кој ќе чини 50 центи годишно по корисник.

Претставниците на регулаторот сметаат и дека Apple не овозможува доволно избор кај прелистувачите и пребарувачите. Компанијата им овозможи на корисници да одберат прелистувачи и пребарувачи, но изборот сепак е ограничен на прелистувачи и пребарувачи кои ќе ги додаде Apple. Дел од условите за прелистувач се да има барем 5000 корисници во Европа и да биде достапна на App Store. Листата на прелистувачи по држава може да ја прегледате тука.

Уште една функционалност која не е достапна во целост е можноста за отстранување на дел од апликациите од iOS. Некои апликации барем во моментов сѐ уште не може да бидат отстранети.

„Убедени сме дека нашиот план ги исполнува барањата на DMA, ќе продолжиме со конструктивна комуникација со Европската комисија како што тие ја спроведуваат истрагата“, вели Џулиен Тордорф од Apple за Verge.

Во еден дел слична е истрагата отворена и за Alphabet. Европската унија ќе истражува дали Alphabet им овозможува на креаторите на апликации непречена комуникација со корисниците.

За Google е отворена и истрага за пребарувањето. Поточно, Унијата ќе проверува дали Google ги претпочита сервисите на компанијата како резултати во пребарувањето. Google Shopping, Google Flights и Google Hotels се дел од вертикалните сервиси за пребарување кои беа споменати во извештајот на комисијата.

Истрага за Meta

Не толку одамна Meta објави дека ќе им овозможи избор на корисниците во Европската Унија помеѓу таргетирани реклами и претплата. Компанијата сметаше дека направила доволно, но целиот предлог уште од почетокот изгледаше осуден на пропаст.

„Претплатата како алтернатива на рекламите е веќе воспоставен бизнис модел во многу индустрии. Ние претставивме претплата без огласи за да надминеме повеќе законски обврски, вклучувајќи ги и обврските од DMA“, вели Мет Полард, портпарол на Meta.

Планот на Meta може да се протолкува како избор кој за најголем дел од корисниците и не е опција. Иако нема официјални податоци, се чини дека и претставниците на Унијата веќе го одбиле овој предлог. Една од причините за ова можеби е висината на претплатата која е 9,99 евра. Минатата недела Meta излезе со предлог за пониска претплата од 5,99 евра. И овој предлог уште веднаш беше критикуван од активистот Макс Шремс, кој вели дека висината на претплатата никогаш не била причина за критика.

„Постојат многу начини за заработка од услугите кои ги обезбедувате. Еден од начините е таргетираното рекламирање кое се заснова на податоците кои се обработуваат. Друг начин е преку контекстуално рекламирање“.

Добра вест за Meta е дека компанијата има уште 6 месеци на располагање да ја доврши планираната интероперабилност на Messenger со останатите апликации за текст разговор.

Под истрага е и Amazon

Последната компанија за која е најавена истрага е Амазон. Европската Унија ќе испитува дали најголемата продавница ги прикажува своите брендови на Amazon Store пред конкуренцијата.

Резултати по една година

Вообичаено овие спорови со големите технички компании траат со години. Унијата во овој случај планира значително покус временски период. Планот е отворените истраги да бидат завршени најдоцна за една година. Ова се и обврските според DMA.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk