Со нивното најново чедо, развојното студио Transhuman Design влече силна инспирација од првите две GTA игри, но и неколку интересни механики кои се препознатливи за играта Vampire Survivors. Резултатот е коктел од адреналинска трка со времето, психопатски убиства и хаотични експлозии.
Дигитален масакар
Во Maniac, играте со психопати. Нема подобар и посоодветен збор од ова. Вашата цел е да сеете хаос низ шареноликиот град така што убивате, пљачкате, крадете автомобили и газите и уништувате сѐ што ќе ви излезе на патот. Ова го правите 20 минути. За тоа време, барате и отклучувате најразлични надградби од одредени лица. Надградбите може да бидат: побрзо крадење автомобили, ставање оклоп на автомобили, статистичко зголемување на деструкцијата која ја сеете, обновување на здравјето, и слично. Паралелно со ова, можете и да наоѓате и користите арсенал од бројни деструктивни оружја и возила.
Отпорот на кој наидувате се зголемува паралелно со степенот на вашите грозоморни акции. Слично на GTA, добивате ѕвездички кои сигнализираат за активности првин на полицијата, потоа на агенти, па на војска, па на специјални единици, и слично. Секој од овие единици е уникатен на еден или на друг начин. Безбедносните единици користат најразлични оружја и возила (војската, на пример, користи тенкови кои можете да ги украдете и потоа да ги користите за уште поголема деструкција).
Во зависност од тоа како ќе поминете за тие дваесетина минути, собирате корисна валута која ви дозволува трајно да отклучите одредени ликови, оружја или пак надградби. Maniac одлично се прилагодува на тоа колкав предизвик сакате да искусите во играта. Па така, можете да наместите автомобилот да се вози полесно, автоматски да се нишани или пак автоматски да се пука во непријателите.
Мaniac е игра која обработува исклучително грозоморни теми. Но, Maniac е и исклучително забавна игра, со константни адреналински и акциони ситуации. Доколку сте фанови на оригиналната GTA игра, како и на бројните игри кои произлегоа од Vampire Survivors, тогаш оваа игра може да понуди забавна и освежителна разонода…. се додека не мислите премногу со кога играте и кого напаѓате.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Transhuman Design
- Издава: Skystone Games
- Жанр: roguelite, возење
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 28 март 2024