За голем дел од гејмерите, новиот викенд само сигнализира нови можности за забавни гејминг сесии. Во случај да сакате да ја разбиете монотонијата од експлозивните ААА наслови со помалку познати игри, подготвивме листа од пет игри кои би можеле да ги проверите.
Witch Rise
Неодамна, Witch Rise излезе и за конзолите и конечно можете да ја проверите оваа класична, old-school пукачка игра и на вашата PS5 конзола.
Се работи за крајно едноставна игра, со скромни можности, но со забавни механики, особено во подоцниот дел од играта. Во потрагата по изгубената вештерка, ќе се соочите со најразлични непријатели и ќе користите бројни оружја и магии. Интересно е тоа што секој од непријателите се одликува со уникатни движења и напади и, сакале-несакале, се бара одредено тактизирање и од ваша страна. Играта е исклучително кратка, баш како за викенд релаксација и многу брзо ќе поминете низ четири различни биоми.

Lasers
Lasers е бесплатна мрежна игра во која се тркате против другите играчи низ лавиринти од смртоносни ласери.
Дваесетте мапи на кои ги започнувате трките никако не се за потсенување и кријат најразлични непријатни изненадувања како подвижни подлоги, ротирачки или подвижни ласери. Временско ограничените трки ги започнувате со до 10 играчи, а секојпат кога грубо ќе бидете убиени, инстантно ќе бидете вратени во играта.

Computer Repair Shop
Дали сте отсекогаш сакале да поправате компјутери? Чедото на Cheesecake Dev ќе ви го дозволи токму тоа, па дури и повеќе од тоа.
Играта не само што ви дозволува да поправате компјутери туку и да пробате да профитирате на неетички начини. Па така, никој нема да ве спречи да замените квалитетни делови со стари и послаби варијанти, да пробате да извлечете повисока цена од клиентите, да развивате вируси и да инфицирате бројни системи за да можете да крадете чувствителни податоци и пари.

Mines and Magic
Mines and Magic e мала, но симпатична инди игра со голем потенцијал. Се работи за мрежна tower defense игра која комбинира механики со автоматски битки.
Се работи за едноставен концепт каде го штитите замокот од бранови непријатели така што создавате армија и градите рудници и фарми за собирање ресурси. Mines and Magic се одликува со над 150 единици, секоја од нив има уникатна способност. Покрај единиците, можете и да правите магии од офанзивен и дефанзивен карактер. Кампањата за еден играч има 20 левели, со по триесетина бранови од непријатели. Играта е во раниот пристап на Steam уште од 2018 година.

Your Journey of Survival
Играта на Smartly Gophered Games се рекламира како производ кој ги комбинира најдобрите елементи на FPS, Survival и RPG. Иако играта е сместена во иднина, 2400 година, вашите почетоци се скромни и со испреплетени можности за собирање ресурси, градење, создавање работи, борби, и истражување.
Играта се одликува со преубава, чиста графика, огромни, визуелно импресивни пространства и со солидно разработени survival механики. Во случај да не ви пречи тоа што играта е во раниот пристап на Steam, навлезете во предизвикувачки свет каде може да се уништи скоро се што е во вертикална положба.

Барате уште одлични игри?
- New Cycle е реалистична стратегија со survival елементи
- Shinorubi e акциона игра инспирирана од аркадни јапонски игри
- God симулацијата The Universim излезе од раниот пристап
- Nyran Survivors нуди уште едно roguelite патување со бројни класи и способности







