Во 2024 година, Западниот Балкан се наоѓа во тешка борба за привлекување на значителни стартап инвестиции. Во првата половина од годинава, регионот успеја да обезбеди само 11 милиони евра, сума која е значително помала во споредба со инвестициите што ги добија соседите од ЕУ. Според неодамнешната анализа на инвестициите од ЦИЕ, за првата половина на 2024 година, Бугарија обезбеди 38 милиони евра, Романија – 78 милиони евра, а Хрватска успеа да обезбеди 123 милиони евра.
И покрај силниот развој на технолошката сцена, регионот се соочува со постојани предизвици кои ја попречуваат способноста за ефективно натпреварување. Попречувањето на напредокот на регионот се должи на ограничен пристап до ризичен капитал и фрагментирани пазари.
Регионалните ризични капиталисти истакнуваат дека стартап екосистемот на Западен Балкан е ограничен од недоследниот квалитет на тимот, како и од несоодветното финансирање. Од друга страна, понапредните екосистеми од Романија и Хрватска уживаат во предностите кои произлегуваат од бројни успешни приказни, во која огромна улога играат и самите еднорози. Згора на ова, поддршката од владата допринесува до привлекување поголем странски капитал.
Недостаток на успешни приказни, еднорози и поддршка од владата
Богдан Јордаке е генерален партнер во Underline Ventures. Овој фонд, кој е со седиште во Букурешт, соработува со источноевропските основачи и се стреми да изгради стартапи со висок раст со глобални амбиции уште во најраните фази. Јордаке укажува на клучниот фактор зад успехот на соседите.
„Романија, Бугарија и Хрватска се понапредни; секоја од нив се истакнува со unicorn компании. Странскиот капитал располага со потребниот доказ за тоа дека има доволно талент за да се изгради нешто глобално и, како резултат, тие (странските инвеститори) посветуваат повеќе внимание. Овие земји не само што се етаблираа како дигитални економии, туку и имаат корист од наменските средства со владина поддршка“, изјави Јордаке за IT Logs.
Спротивно на тоа, Западниот Балкан често мака-мачи да развие доследна линија на стартапи со висок потенцијал. „Понекогаш имате добри тимови, а понекогаш не“, се надоврзува Јордаке.
Достапноста на капитал и перцепцијата за помал ризик во земји како Романија и Хрватска значи дека и помалку воспоставените тимови во тие региони ќе имаат подобри шанси да обезбедат финансии. За Западниот Балкан, повисоката граница и недостатокот на постоечки успеси го отежнуваат привлекувањето инвестиции.
Потенцијалот на Србија среде предизвиците на Западен Балкан
Пеџа Предин, генерален партнер во Fifth Quarter Ventures (FQV), новоотворена VC фирма фокусирана на стартапи од Западен Балкан, е охрабрен од значајните напредоци во одредени области, особено во Србија. Според него, не е сѐ така црно како што изгледа.
„Првата половина од 2024 година покажа импресивна траекторија за стартап екосистемот во Западен Балкан, особено во Србија“, забележува тој. Иако целокупната активност останува пониска отколку во 2020 и 2021 година, Србија се истакнува со забележителни успеси, како што се купувањето на Wonder Dynamics од Autodesk и купувањето на Orgnostic од страна на CultureAMP, компанија од портфолиото на FQV. Во првата половина на 2024 година, стартапот Collabwriting собра 1,1 милиони евра, а Lupa Technology – 1,8 милиони евра.
Дополнително, започнаа нови фондови за ризичен капитал како Оморика и FQV, при што FQV заврши шест инвестиции за само седум месеци, објаснува Предин.
„Овие достигнувања би можеле да создадат позитивна клима и да го поттикнат понатамошниот раст на стартап екосистемот во Србија, особено во втората половина на годината. Но и покрај ова, остатокот од Западен Балкан сè уште заостанува“, забележува Предин.
Во мај 2024 година, стартап основан во Македонија се покажа како исклучок од ова правило – британско-македонската платформата за плаќање работа Native Teams, обезбеди 6,2 милиони евра во последниот круг на финансирање.
Како резултат на ова, Предин ја нагласува важноста за поддршка на основачите кои можат да градат глобално конкурентни компании од регионот.
„Од клучна важност е тесно да соработуваме со овие основачи и да се осигураме дека тие се добро подготвени да обезбедат финансирање од VC инвеститорите“, вели тој. Со докажани основачи и стартапи кои ги надминаа локалните инвеститори, Fifth Quarter Ventures веќе работи на поврзување со врвни странски VC фирми, особено со српски и хрватски основачи од дијаспората.
Иако Западен Балкан сè уште чекори по стапките на соседите, и Предин и Јордаче остануваат внимателни оптимисти. „Најверојатно, по неколку ниски квартали, ќе видите повторно зголемување на инвестициската активност“, заклучува Јордаке.
Сепак, за успешно затворање на јазот во регионот, фокусот мора да остане на поттикнување силни тимови и зголемување на пристапот до капиталот. Паралелно со ова, потребно е внимателно негување на следниот бран на успешни стартапи и правилен приказ на глобалниот потенцијал што се бара од инвеститорите.