Интервју со Бојан Божиновски – Една поинаква мапа на Скопје

0 коментари 5 мин. читање

Бојан Божиновски е програмер со над триесет години искуство. Самиот развивал 3Д-енџини на DOS во деведесеттите, а подоцна се префрлил на C++, OpenGL, C# и JavaScript, но секогаш останал вљубеник во графиката. Сето ова, заедно со љубовта кон видеоигрите, е дел од неговата инспирација за една поинаква, жива 3Д-мапа на Скопје – 091 Скопје.

Ова виртуелно Скопје доаѓа со кремасти фасади на куќите, теракотни покриви, тркалезни „цртани“ дрвја, но и неочекувани гејминг моменти како возење црвен двокатен ЈСП автобус и гаснење пожари со „Ер трактор“ со полнење вода од Вардар, до прошетки низ Чаршија како Итар Пејо или шарпланинец. Иако проектот почнал како спонтан експеримент за колегите, ако добие поддршка мапата може да се прошири на цела Македонија.

Со Бојан зборувавме за процесот зад креирањето на мапата, шејдерите, оптимизациите и иднината на проектот.

Бојан Божиновски

Видов илустриран изометриски цртеж на друг град, топол, како од сликовница, и си помислив: зошто Скопје да нема такво нешто? Истата вечер почнав да ја градам мапата од OpenStreetMap и по неколку часа веќе летав над Кале и Водно. Оттаму и шегата „Го добивме 091 Скопје пред GTA 6!“

Мене ме интересираше Скопје какво што го чувствуваме: кремасти фасади, теракота покриви, тркалезни „цртано“ дрвја и мастилести контури. Изометрискиот поглед го покажува целиот град одеднаш.

Како ги претвори податоците од OpenStreetMap и AWS во препознатливи македонски населби?

Само околу 7 % од зградите во OpenStreetMap имаат запишана висина, па останатото го пресметав со правила по населби. Карпош и Аеродром се „високи“ зони, Центар и Чаир се средни, периферијата е со куќи, а Чаршијата има ниски, густи куќи со ќерамиди и покриви на две или четири води.

Одлучува и обликот на основата. Компактната основа станува кула, а издолжената станува ламела. Индустриските зони стануваат ниски хали, а кулите на Кале се камени.

Релјефот е од бесплатните висински податоци на AWS. Реките ги вдлабив како корита, а плоштадите ги израмнив. Најпознатите објекти, како Камениот мост, Милениумскиот крст, Воинот на коњ и Порта Македонија, се посебно моделирани. Правилата и кодот ги развивав со помош на AI алатки, па за кратко време стигнав од идеја до цел град.

Кој е целосниот tech stack зад проектот, покрај очигледниот Three.js?

Сè е напишано во TypeScript, а сајтот го гради Vite. Нема сервер ни база: тоа е статична страница на GitHub Pages и целиот град се гради во прелистувачот.

Податоците однапред ги подготвуваат скрипти во Node.js. Тие ги симнуваат зградите, улиците и зеленилото од OpenStreetMap и релјефот од AWS, ги толкуваат и ги пакуваат во еден компактен фајл.

Изгледот го водев јас: свои шејдери во Three.js за фасадите и покривите и своја обработка на сликата за контурите и сенките. Звукот нема ниеден аудио-фајл. Моторот, ветерот, дождот, огнот и птиците се синтетизирани со Web Audio. Има и поддршка за џојстик и интерфејс на 6 јазици. За програмирање користев Claude Code.

Кој беше најголемиот технички предизвик за цел град да работи мазно и на телефон, без да го сруши прелистувачот?

Меморијата. Градот има над 20 илјади згради, речиси половина милион дрвја, околу 70 илјади паркирани коли и илјадници возила и пешаци во движење. На компјутер тоа зафаќа околу 1,7 GB, а Safari на iPhone го затвора табот многу пред тоа.

Затоа градот е поделен на делови од еден километар и подалечното се црта поедноставно. Далечниот терен е „испечен“ во слики, а деталите се градат само таму каде што гледате. Телефонот добива половина дрвја и коли и помалку пешаци, а квалитетот сам се намалува ако кадрите почнат да доцнат.

Кои „трикови“ ги користеше во шејдерите за да го добиеш рачно нацртаниот изглед со сенки и ќерамиди?

Најважен трик се мастилестите линии. Сцената се црта двапати, еднаш во боја и еднаш само со аголот и оддалеченоста на површините. Онаму каде што тие нагло се менуваат, се повлекува линија, како со молив по рабовите.

Ниедна зграда нема текстура. Прозорците, капаците, тендите, корнизите и ќерамидите се цртаат математички во шејдерот, ред по ред, па навечер прозорците сами светат. Сенките се меко затемнети во аглите и имаат лаванда тон наместо сив. Сенките од облаците се пресметуваат за секој пиксел, па облаците лизгаат без цртање на нови сенки. Мокрите улици, снегот и есенските бои се само промена на бојата, без нова геометрија.

Од каде идејата покрај мапа, да можеме да возиме ЈСП автобус, да гасиме пожари со „Ер трактор“ и да шетаме како Итар Пејо или шарпланинец?

На почетокот сакав само градот да се гледа од изометриска перспектива. Првата идеја потоа беше летањето со авион, за градот да може да се прелета. Со Скопје природно дојде и ЈСП, па сега може да се вози црвениот двокатен автобус.

Шетањето низ градот го имав на ум одамна. Итар Пејо и шарпланинецот се наши ликови и сакав со нив да се прошета низ Чаршијата. Сепак, на овој дел досега не му е посветено доволно внимание и тој уште има простор да расте.

Идејата за гаснење пожари дојде од мој колега. Пожарите се, за жал, секое лето реалност кај нас, па гаснењето од воздух имаше смисла. Авионот полни вода од Вардар и ја фрла врз пожарите во шумите, врз покривите или врз автобусите.

Што ти беше најзабавно да програмираш?

Најзабавно беше кога градот почна да личи на Скопје, кога на екранот за првпат ги препознав Чаршијата, Карпош и Водно.

Покрај тоа, уживав во графиката, во барањето на изгледот на рачно нацртана илустрација. Подеднакво забавни ми беа и оптимизациите, да натерам цел град со стотици илјади дрвја да работи мазно и на телефон. Посебно ми беа мили годишните времиња. Истиот град есенски е жолто-црвен, зимски е под снег, а напролет се раззеленува, и тоа само со промена на бојата.

Очекуваше ли ваква реакција од заедницата и што е следно за „091“ – останува кул разгледница или планираш нови функционалности?

Не очекував. Го споделив со колегите како забава, како пример за изработка со помош на AI, и не мислев дека ќе стигне подалеку од тоа.

Во иднина планирам да вклучам колеги и пријатели и заедно да додадеме повеќе градови. Сонот е цела Македонија во една непрекината мапа. За веб-апликација е потешко да се изгради толку детална мапа за цела држава, но не е невозможно.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед