Мега рецензија: Star Wars: Outlaws

Веќе добра деценија како Star Wars универзумот беше во рацете на издавачката куќа Electronic Arts. Со MMO играта Star Wars Online: The Old Republic и Star Wars: Battlefront серијалот, EA понуди интересни содржини и за најзагрижените фанови. Но, игрите Star Wars Jedi: Fallen Order и Star Wars Jedi: Survivor вистински покажаа колкав е огромниот потенцијал и колку е ненаситна гладта на гејмерите за наративни остварувања во светот на Џорџ Лукас.

Откако ја доби лиценцата и Ubisoft, француското студио не губеше време за да го искористи популарниот урнек за Ubisoft отворени светови и да понуди нивно толкување за тоа како треба да изгледа акциона авантура во SW универзумот. По недела дена дружење со играта, можеме да кажеме дека Star Wars: Outlaws е колосално достигнување кое извлекува бројни механики од познати Ubisoft игри за да понуди флуидно и забавно искуство. Преку впечатлива приказна, одлична графика и бројни механики, Outlaws нуди оригинално Star Wars искуство кое нема да биде лесно засенето.


Кои се Massive Entertainment?

Massive Entertainment е шведско студио основано во далечната 1997 година. Студиото првично се прослави со култните стратегии Ground Control и World in Conflict.

Во 2008 година, студиото е купено од Ubisoft и станува познато по одличните Tom Clancy’s The Division серијалот.

Прочитајте го нашиот детален преглед за нивната претходна игра – Avatar: Frontiers of Pandora!


Шверцер со златно срце

Приказната во Star Wars: Outlaws зазема неконвенционална форма и наместо да се фокусира на вечната борба помеѓу џедаите и сит воините, играчот игра со крадец кој несмасно чекори по стапките на Хан Соло. Кеј Вес и Никс се неодоливо слатко дуо кое од петни жили се трудат да успејат во подземјето. Но, таквото нешто нема да биде едноставно. Низ 20 часовна кампања, дуото ќе скока низ бројни мисии и четири планети, трудејќи се да собере тим од професионалци кои и ќе ѝ помогнат на Кеј да организира профитабилна пљачка и да га отстрани наградата која се бара за нејзината глава.

Дејството се одвива помеѓу филмовите Empire Strikes Back и Return of the Jedi

Целата приказна има силни вестерн/ научно-фантастични тонови. Би лажеле кога би кажеле дека хумористичните дијалози, како и механиките поврзани со спидерот, тимот и вселенскиот брод не нѐ потсетија на култната серија Firefly. Ликовите се харизматични и одлично напишани и со задоволство и предвреме им се радувавме на бројните одлично направени меѓу-секвенци. Како и Кеј, така и целата приказна во Outlaws има душа и се труди да ви понуди престој полн со незаборавни моменти, не само преку главната кампања, туку и преку бројните комплексни споредни квестови.

Ѓаволот е во деталите

Планетите во Outlaws се огромни и не би можеле да се поразлични една-од-друга, давајќи ви можност да истражувате пустински места, врнежливи и магловите зашумени области, и многу повеќе. Градовите и населбите се полни со суштества, роботи, возила и предмети од секојдневна важност. Квалитетот е на исто ниво како Assassin’s Creed игрите; разликата е во тоа што, ако во AC патувавте во минатото, SW:O ви ги отвора портите на валканата и заканувачка верзија на визијата на Џорџ Лукас.

Како и вие, така и останатите NPC ликови имаат најразлични задолжувања. Често застанувавме среде полните улици само за да ги набљудуваме луѓето и роботите како се движат, разговараат, наздравуваат или расправаат во некој од култните јазици. Одредени места се за ниската класа. Ќе наидете на валкани улици, оштетени ѕидини и стари, едвај функционални предмети. Од друга страна, местата на елитата го прикажуваат универзумот во целата раскошна слава и ве пленат со преубави палати, позлатени објекти и врвни модни дизајни.

Star Wars: Outlaws никако не е линеарна игра, барем не во вистинската смисла на зборот. Првата суптилна нелинеарност ја забележавме во одредени разговори каде треба да донесете одредена одлука, како дали да купите VIP влезница, или не. Ние, еве, бевме доволно наивни да платиме 50 кредити само за да откриеме дека нема такво нешто како VIP влезница, па потоа подмитивме електричар (со дополнителни 150 кредите) за да не пушти во соба за одржување. Вакви неочекувани моменти се чести и суптилно допринесуваат до пријатни изненадувања и пореалистичен престој.

Уметноста на крадењето

Тешкиот живот, макотроното спојување крај-со-крај, како и константната глад да се успее во светот, ја има научено Кеј најразлични корисни вештини. Па така, девојката може да се прикрадува, да го привлекува вниманието на непријателите и тивко да ги елиминира. За да успее во прикрадувањето значително помага и тоа што девојката може ефикасно да се качува, лула и скока низ предизвикувачки терен.

Движењата потсетуваат повеќе на агилното напредување на Лара Крофт/ Uncharted, отколку на паркор лудилото од Assassin’s Creed.

Покрај импресивен приказ од агилно движење, прикрадување и тивко елиминирање, девојката може да користи импресивен арсенал од ласерски оружја. Секое од оружјата има уникатен изглед и примена, со реалистична тежина, форма на нишанење и пукање. А, во ситуации кога се чувстувувате надвладеано, можете да го успорите времето, да одбележите, пример, тројца непријатели за да Кеј етапно, брзо и задоволително автоматски ќе ги елиминира сите, еден по друг (нешто слично на механиката од Splinter Cell, или Red Dead 2).

Единствена забелешка која упатуваме во овој поглед е во неможноста да ги носиме секундарните оружја со нас и таман кога се израдувавме што најдовме интересно оружје истото инстантно го губевме во моментот кога сакавме да се качиме или провлечеме низ некоја препрека. Но, подоцна, откако го надградивме нашиот бластер, маката за таквата дизајнерска одлука беше значително поподнослива.

Кеј располага со арсенал од способности кои ги отклучува преку нејзиното запознавање со бројни експерти. Првиот експерт, на пример, ќе и дозволи да се бори со тупаници, да може да отвора заклучени врати, да го деконцентрира непријателот преку зборување, или да препознава и исполнува лични барања. Отклучувањето на овие способности не е баш едноставно и не се сведува на сувопарно собирање искуствени поени, туку мора да исполните серија од задолжувања.

Па така, за да можете да ја отклучите способноста за деконцентрирање преку зборување, потребно е тивко да елиминирате тројца непријатели, како и пет непријатели во блиска борба. Од друга страна, за да можете да работите на исполнување лични барања, потребно е да сретнете шест продавачи и да потрошите 1000 кредити кај нив.

Надградби ќе можете да отклучувате и за вашиот спидер. Иако со спидерот можете да се движите низ различни места, особено подоцна кога ќе отклучите корисни надградби, прилично сте ограничени во користењето на вселенскиот брод. И, иако нема да можете да ги заобиколувате целите планети и да слетувате каде сакате, сепак имате сосема доволно моменти за управување на металната грозотија и навигација низ импресивни вселенски локации.

Низ Outlaws ќе видите бројни возила и животни, но, со исклучок на спидерот, нема да можете да возите ништо друго

Ѕвездата во Outlaws не е само девојката, туку и нејзиниот симпатичен сопатник. Никс е мало животно кое игра огромна важност низ кампањата. Никс може да ја алармира девојката така што ги истакнува непријателите. Покрај ова, лесно можете да му наредувате да ви донесе нешто, да украде кредити/ гранати од некого, да отвори врата, да збунува или нападне непријатели, и многу повеќе! Особено ги чениме ретките моменти каде навлегувате во релаксирани, секојдневни ситуации на пријатна социјализација; јадење заеднички оброк е едно од најслатките моменти во играта.

Во одредени мисии е потребно да се прикрадувате и целосно да избегнувате непријателски рутини на движење. Овие мисии се направени со големо внимание, но знаат да ги исфрустрираат помалку трпеливите играчи. Кеј е одличен крадец кој може да свирне за да привлече внимание или пак да го задолжи Никс да ги деконцентрира стражарите.

Локациите низ кои се прикрадувате се огромни и, слично на Deus Ex, ви дозволуваат нелинеарно движење. Паралелно со ова, имате најразлични корисни ресурси на сите страни, со што се охрабрува внимателно истражување на сите можни агли. Единствената работа што не ни се допадна е тоа што доколку бидете фатени, играта премногу ве враќа назад, со што сте принудени одново да поминувате низ истите места и да ги собирате истите ресурси.

Уживање во малите работи

Низ играта имате и најразлични мини игри. Најчестите мини игри се механиките поврзани со отклучување брави и хакирање системи. Во поглед на отклучување брави, потребно е да ги слушате звуковите и да кликнувате во ритамот на таквите звуци (некако не потсети на Simon Says играта). Хакирањето системи е во стилот на wordle, каде избирате симболи или бројки низ серија од хоризонтални полиња. Доколку некој симбол/ бројка ја има, но е на погрешно место, ќе добиете жолта визуелизација. Во случај да го нема симболот, истиот ќе стане црвен. На тој начин, вршите прераспределба на симболите додека да ја најдете саканата комбинација.

Надвор од ова, ја имате и можноста за кладење на трки. Во оваа ситуација треба внимателно да ги проучите сите натпреварувачи; некои се истоштени, некои се под стрес, а некои се одморни. Нормално, трка не е трка без малку среќа и откако ќе го донесете вашиот избор, ќе ја гледате трката на холограмската маса. Трките се кратки и, за жал, неинспиритивни, но би можеле да ви послужат доколку ве следи среќата (или имате дупка во џебот). Од друга страна, пасак е феноменална игра со карти и се заканува да ја доживее истата слава како Gwent што направи за The Witcher. Ние никако не сме фанови на какви било игри со карти, но, мора да признаеме, има нешто посебно забавно во покер верзијата на Star Wars.

И, како шлаг на тортата, имате на располагање и неколку флиперски игри. Направени во духот на аркадните игри од осумдесетите, една игра ќе ви дозволи да избегнувате пречки и да собирате поени, а друга да уништувате бродови и залутани метеори. Ова се едноставни игри, но доволно забавни за разбивање монотонија низ детално осмислените градови.

Лојалноста се менува, предавствата се неизбежни

За брзо време во играта, ќе бидете запознаени со филозофијата на подземјето. Како пион на Синдикаток, ќе добивате најразлични мисии кои влијаат на вашата репутација. Но, успешно завршена мисија за една криминалистичка организација, значи затворање на вратите кај друга. Ова, меѓутоа, не е никако без предности и доколку развиете близина со една организација, тогаш би можеле слободно да се движите на нивен терен и да добивате пониски цени од нивните продавачи.

Скромниот почеток на нашата шверцерска авантура

Поради тоа, на вас се остава да одлучувате за кога ќе работите и, најважно од сѐ, како ќе работите. Благодарение на оваа механика со одлуки и последици, вредноста на преигрување кај Outlaws станува висока. Ова не значи дека одлуките што ги донесувате значително влијаат на главната приказна; Outlaws е далеку од игра која нуди таква наративна комплексност, но сепак ви се даваат многу флексибилни можности во поглед на тоа со кога сакате да „садите краставици“.

A long time ago in a galaxy far, far away…

Star Wars: Outlaws е игра чиј развој го следевме како првачиња кои со нетрпение го чекаат нивниот прв училишен ден. Како големи фанови на The Division и Avatar, некако знаевме дека Massive Entertainment нема да потфрлат со овој проект и посебно ни е мило што се дружевме со Кеј и Никс во огромен свет кој целосно го почитува Star Wars универзумот.

Да, одредени багови и лоша оптимизација знаеја привремено да го нарушат севкупното искуство, но тоа никако не значи дека играта не го заслужува вашето внимание. Доколку сте големи фанови на Star Wars, најновата игра на Ubisoft е доволно различна и храбро го менува урнекот со отворени светови за да понуди значително поконцизна акциона авантура. Топла препорака!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] Мега рецензија: Star Wars: Outlaws […]