Marko: Beyond Brave e metroidvania игра во која се соочувате со моќни митолошки ѕверови кои произлегуваат од бројни словенски легенди. За да успее во визијата, бугарското студио Мечка создава адреналинска акција во еден рачно-нацртан дводимензионален свет кој се чини како да е инспириран од дизни цртаните филмови од 90-те години на минатиот век.
Marko: Beyond Brave е игра во која ќе скокате, пукате и сечете сѐ што ќе се осмели да ви излезе на патот. На располагање имате бројни непријатели и супериорни противници чии дизајни се директно инспирирани од словенски митови и легенди.
По одличното демо, кое и понатаму останува достапно на Steam, решивме да го контактираме Бојан Василев и да го замолиме за краток разговор.
IT.MK: Што можете да ни кажете за вашето студио и вашите претходни проекти?
Бојан Василев: Го имам основано Студио Мечка во 2016 година, како аутсорсинг студио со помалку од пет луѓе. Како доверлив партнер во индустријата за игри, имаме допринесено во повеќе од 15 проекти за игри, со што посебно внимание посветуваме на раздлабочување на нашето искуство и градење на силна репутација. Оваа цврста основа ни овозможи да започнеме со развој на нашата прва оригинална игра, Marko: Beyond Brave, во 2020 година.
Што е тоа што прави Marko: Beyond Brave да се издвојува од другите слични игри?
Прво и основно – Марко е резултат на огромна љубов и макотрпна посвета. Ние веруваме дека забавен гејмплеј е како камен-темелник за една успешна игра и затоа потрошивме многу време обидувајќи се да го направиме овој дел онака како што треба. Како развивачи на игри, веруваме дека искуството на играњето треба да биде, пред сè, забавно. На крајот на краиштата, ако не е забавно, зошто да играте?
Лично, не можам да тврдам дека нашата игра е најдобра или пак револуционерна, па со тоа дека се истакнува на некој нов начин. Немаме напредна графика или неверојатни нови технологии. Ние користевме испробани и проверени методи. Она што е уникатно е приказната што ја раскажуваме. Неверојатно е тешко да се истакнете во денешното презаситено медиумско опкружување. Мојата единствена надеж е дека енергијата што ја вложивме во овој проект ќе биде препознаена, а можеби дури и сакана.
Marko: Beyond Brave излегува на 17 септември. Од самото демо, може да се забележи дека играта се одликува со интересни механики за истражување и впечатлива интеракција со легендарни херои. Бојан ни призна дека демото било одлично прифатено и дека им е посебно мило што играчите уживале во него. Светот е преубав, а битките пружаат бројни можности за тестирање на вашите рефлекси, особено кога ќе се појави некој бос. На располагање имате најразлични локации, а секоја од нив ни делува поразлична од претходната. Со сличен впечаток се здобивме и при соочување со непријателите; секој од противниците има уникатен изглед, но и различни офанзивни и дефанзивни механики. Како најсветла точка се босовите, но и респонзивниот систем за движење и битки. Има многу интересни работи во Marko: Beyond Brave. Токму поради тоа, го прашавме Бојан да ни каже што ги има инспирирано да го создадат светот, босовите, но и музичката подлога која, патем, апсолутно ја обожаваме!
„Мислам дека игрите се одличен медиум за раскажување приказни. Ако сакате некому да кажете приказна, игрите се фантастичен начин да го направите тоа, На крајот на краиштата, која е подобра приказна да ја раскажете од онаа што ја знаете или ја позајмувате од веќе-постоечки извори?
Многу инспирација црпиме и од словенските теми и од уникатните балкански бајки. Фигурата на Крали Марко / Марко Краљевиќ е одлична точка за фокусирање, особено мистеријата која произлегува од него. Ризницата на митолошки суштества од Југоисточна Европа е толку богата и пружа одлична можност за инспирација. Поголемиот дел од митовите и суштествата се отворени за толкување, само затоа што ретко има пишани или нацртани извори. Повеќето од овие традиции се зачувани вербално. Ова беше одлично затоа што можевме сами да протолкуваме кои извори постојат и да ги надополниме со уникатна визија без некој да чувствува дека би биле „погрешни“.“
Тука некаде, Бојан ни објаснува дека имале неколку механики или елементи кои сакале да ги вметнат во играта. „Како што знаете, soulslike игрите се доста популарни овие денови, а многу развивачи на игри лесно се привлечени од ваквите трендови. Ние никако не бевме исклучок. Отпрвин, размислувавме да му додадеме на Марко soulslike механика со цел да ги зголемиме влоговите и да создадеме чувство на итност и потенцијална загуба во играта. Го пробавме таквиот концепт, и апсолутно го мразевме. Концептот не помина добро ни од нашата малата група пријатели што ја тестираа играта. На крај, само се прашувавме зошто воопшто го додадовме ова. Одговорот не беше затоа што мислевме дека ќе биде забавно, туку само за да можеме да им се допаднеме на бројните soulslike фанови кои ќе решат да ја испробаат нашата игра. Ова беа погрешни причини и затоа целосно го исфрливме таквиот концепт.
При крајот од нашето интервју, поразговаравме со Бојан за најголемите предизвици поврзани со играта, како и за некои од највпечатливите моменти поврзани со Marko: Beyond Brave.
„Од почетокот на проектот, знаевме дека сакаме светот и ликовите да се класично анимирани, од кадар по кадар. Ова е многу трудоинтензивно, и јас навистина го потценив обемот на работа и време, но на крајот, сепак сметаме дека трудот се исплатеше и дека го направивме вистинскиот избор.
За нас, присуството на Gamescom со наш сопствен производ беше преубаво искуство. Ова не беше наш прв саем, но се чувствувавме благодарни за убедливо позитивниот прием и за бројните луѓе кои ги запознавме.“
Исто како вашето студио, имаме многу амбициозни програмери во Северна Македонија. Каков совет би дале на некој што штотуку почнува?
„Присуствувајте на game jam настани и, доколку можете, посетувајте саеми. Најважно е да соработувате меѓу себе и да си помагате еден на друг кога можете. Инди програмерите се тие што ја тераат индустријата да оди напред, а нашиот регион може само да има огромна корист од повеќе професионалци.“
Го прашавме Бојан дали би сакал уште нешто да сподели, дали за играта или пак за луѓето што му пружиле поддршка.
Би сакал да им се заблагодарам на сите наши поддржувачи на Kickstarter за нивното трпение и помош. Би сакал да се заблагодарам и на тимот за поддршка од Digital Dragons – тие ни помогнаа да го придвижиме проектот напред. За крај, огромна благодарност и до неверојатната онлајн заедница која е толку возбудена и со нетрпение ја искчекува играта што ја направивме.
Тимот на IT.MK од срце се заблагодарува на Studio Mechka, не само за одвоеното време, туку и за нивната игра, за која имаме впечаток дека многу ќе зборуваме во иднина.
[…] демото на Metroidvania-инспирираната акциона игра, како и да поразговараме со Бојан Василев околу инспирацијата, механиките и предизвиците […]