Некаде од 2010 кога Netflix и Hulu започнаa со својот онлајн стрим сервис, начинот на кој луѓето ја „конзумираат“ телевизиската програма засекогаш се промени. Паралелно со подобрувањето на интернет брзините и ограничувањата на интернет сообраќајот, стриминг платформите се популаризираа и на своите корисници им овозможија да следат програма кога сакаат и како сакаат, без паузи за реклами и без никаква опасност да пропуштат некоја содржина, за релативно мал месечен надомест. Низ годините, овие стриминг платформи се проширија масовно низ целиот свет и станаа еден од најпопуларните медиуми за конзумирање на серии и филмови.
Од минатиот месец корисниците од Македонија можат да гледаат локална содржина на платформата Gley.mk. Инспирирани од ПР текстовите насловени „Гледавме на Gley” последниве недели се решивме да го искористиме промотивниот период на платформата за гледање на неколку филмови и серии кои ни се видоа поинтересни, и да напишеме вистинска рецензија на сервисот со горенаведениот наслов.
Што е Gley.mk?
GLEY е македонска стриминг платформа која им дозволува на претплатниците да гледаат најразлични серии и филмови, истакнувајќи ги, првенствено македонските серии: „Фамилија Марковски”, „На терапија”, „Преспав”, „Светот на Биби“,„Беса”, хрватската серија „Црни бјели свет”, крими серијата „Тајкун”, „Клан”, филмовите „Трето полувреме”, „Џган“ и многу други. Во зависност од бројот на уреди преку кои сакате да ја користите услугата, имате на располагање три нивоа на претплата: 299, 399 и 499 денари. За корисниците кои ќе се регистрираат до 31-ви ноември, беше достапен 30 дневен промотивен бесплатен пробен период.Во ноември како дел од промоцијата за лансирање на платформата Gley.mk беше достапен 1 месец бесплатно. За да можевте да ја користите оваа промоција беше потребно да се регистрирате на платформата, и иако има бесплатен тест период потребни се податоци за плаќање. Можеби ова е веќе воспоставена, но секако е фрустрирачка пракса, особено за оние корисници кои се малце понеодговорни со тестните и демо периоди.
Тестниот период е достапен и сега, но наместо 30 дена трае 7 дена. Добра вест е дека ова е доволно долг период за да проверите дали платформата ќе ви биде корисна. Во моментов има три нивоа на претплата, 299, 399 и 499 денари во зависност од бројот на уреди на кои ќе може да се следи GLEY.
Како може да се гледаат содржините на GLEY.мк?
Кон GLEY може да пристапите преку::
- Компјутер или лаптоп преку Google Chrome, Safari, Opera и Mozilla Firefox интернет пребарувачите.
- LG Smart TV: на сите уреди со webOS верзија 3.0 и понови верзии.
- Samsung Smart TV – Tizen: на сите уреди произведени во 2017 г. и понови.
- Android TV: на сите уреди со оперативен систем верзија 8.0 и понови верзии.
- Мобилни уреди: Android (6.0 и понови верзии) и iOS (10.0 и понови верзии).
Каква интернет-конекција е потребна за да се гледа GLEY?
За пристап кон GLEY е потребна широкопојасна интернет-конекција, со брзина од најмалку 3 Mbps.
Со каков квалитет се достапни содржините?
Сите содржини се достапни во висококвалитена FULL HD резолуција (1080p). Квалитетот зависи од типот на уредот од кој пристапувате и брзината на интернет-конекцијата.
На кој јазик е достапна GLEY платформата?
Корисничкиот интерфејс е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, а содржините се со превод на македонски и албански јазик. Јазикот може да се промени во кој било момент во делот „КОРИСНИЧКИ ПОСТАВКИ“.
Дали може да се откаже претплатата?
Претплатата може да ја откажете во кое било време. Преку веб-страницата пристапете во делот „КОРИСНИЧКИ ПОСТАВКИ“ – „ПРЕГЛЕД НА ПАКЕТИ“. После откажувањето на претплатата имате пристап до содржините до крајот на веќе активираниот временски период.
Дали можам да ја користам услугата GLEY во странство?
Услугата GLEY може да ја користите во странство, но со ограничен пристап до содржините.
Регистрација и прво користење
Регистрацијата е прилично лесна, внесувате Име, презиме, и-мејл и одбирате лозинка… по што веднаш се бара да го верификувате имејлот, а по таа постапка треба да изберете пакет од достапните:
Она што е доста конфузно во процесот на регистрација (ако сте ја пропуштиле информацијата на почетната страна на Gley.mk над футерот како нас) е што по потврда на имејлот, немате никаква информација што е разликата помеѓу достапните пакети Basic (299 ден/мес) и Standard (399 ден/мес), додека за пакетот Family (499 ден/мес) може по името да претпоставите дека станува збор за можност да гледате повеќе корисници, но поради недостиг на информација и страв од кликање на пакетите бидејќи кликањето може да значи финален избор (не е наведено), можете само да се надевате дека претпоставката ви е на место, се до моментот дури не се охрабрите да кликнете на некој од пакетите и тогаш всушност да дознаете дека со клик добивате повеќе информации, а не правите финален избор… па така,
- Basic пакетот ви нуди гледање на 1 еден уред.
- Standard пакетот ви нуди гледање на 2 уреди истовремено.
- Family пакетот ви нуди гледање на 4 уреди истовремено.
Сите пакети имаат 7 дневен тест период, а за регистрација мора да внесете платежна картичка и наплатата започнува веднаш по истекот.
Наплатата се одвива преку интерфејсот на платежниот процесор Casys, чија интеграција отстапува од целосниот црн дизајн на Gley и нуди шарам-барам комбинација од сиво и црно – веројатно затоа што со години на Casys, од некоја неразбирлива причина, доста тешко им оди да понудат културен UX и добри услови за кастомизација на нивните скринови за наплата:
По внес на картичката, регистрацијата е комплетирана.
Дизајн и UX
Почетната страна на апликацијата е доста лесна за користење и стандардна како за стриминг апликација, воглавно има супер UX и дизајн:
На првиот скрин, почетниот, во позадина ви се врти видео преглед од понудената и предложена содржина (во нашиот случај Basic Instinct, филм од 1992 година :/) која поради заштитата имплементирана на сајтот не е прегледна во горенаведениот принт скрин, честа пракса кај стриминг сервисите со цел да ја заштитат содржината од screen recorder-и – што е добар знак за Gley.mk и нивната техничка интеграција, односно софтверот кој го користат.
Споредбено, интерфејсот на HBO Go апликацијата за компјутер изгледа вака:
Додека Netflix има малку поразличен концепт, но во истиот правец со примарен преглед на препорачана содржина и препораки на категоризирана содржина преку помали коцки (thumbs):
Гледање на содржината
Gley.mk го користевме на телевизор преку Gley.mk апликацијата и на мобилен, лаптоп и десктоп. На сите платформи искуството е фино. За апликацијата на телевизор по инсталирањето треба да преземете код од веб-страницата и да го внесете за да го активирате уредот. Ова не е воопшто сложено и потребно е да се направи еднаш, потоа уредот е „споен“ со корисничката сметка и си работи нормално, процес кој корисниците на HBO Go и YouTube апликацијата на телевизор веќе добро го знаат. За мобилен, лаптоп и десктоп не е потребно ништо вакво – отворате содржина преку Gley.mk, ја пуштате и уживате.
Квалитетот на стримот е Full HD и досега нема најава за 4K, секако ова не значи дека нема да го има во иднина – нашето барање за интервју иако уредно примено и два пати потсетени, од Gley.mk се уште го игнорираат. Квалитетот на стримањето е одличен и нашите замерки главно се однесуваат на тоа што најголем дел од содржината е постара, снимена во 4:3 формат, и е несоодветна за новите телевизори. Можеби во моментов нема доволно корисници кои би користеле 4К, но цените на 4К телевизорите се намалуваат и тоа е иднината, а и со побараните цени за 299, 399, и 499 денари понудата мора да се подобри за да има логика, особено кога се достапни сервиси како Netflix – за кој аргументирано може да се тврди дека не е конкуренција на Gley бидејќи нема преводи на македонски, но тука е HBO Go, а наскоро и HBO Max, чија цела содржина има македонски преводи, а кај дел од детската содржина и македонски надсинхронизации, и чини 370 денари.
Предности на Gley.mk
Она што најмногу ни се допадна и е најкорисно на платформата е што целата содржина е преведена на македонски и на албански. Дел од сериите за деца не само што се титлувани, туку се и синхронизирани на македонски и албански.
Ова е супер решение за проблемот кој го имаат дел од претплатниците на Netflix или Amazon Prime Video кои не можат да пронајдат содржина за своите постари родители или деца. Netflix иако е достапен во Македонија од 2016 досега има превод на едвај две содржини на македонски, серијата Gotham и анимираниот филм Animal Crackers, на албански од Македонија е достапен единствено Animal Crackers.
За содржината
Дел од содржината на Gley.mk доаѓа од домашната продукција македонските серии како „Фамилијата Марковски“, „На Терапија“, „Преспав“ како и детската „Зоки поки“ се достапни на платформата, а има и неколку македонски филмови. Дел од овие серии досега беа достапни за гледање на YouTube, но од излегувањето на Gley.mk се отстранети оттаму и сега се достапни ексклузивно на платформата.
Имено, пред излегување на услугата gley.mk, сите епизоди од сите сезони на македонската серија „Преспав“ како и детската ТВ серија „Зоки поки“ можеа да се гледаат на YouTube. Официјалната YouTube страна – PansionPrespav ги имаше сите епизоди, уредно подредени во различни категории, според сезони. Многу други јутубери исто така со години имаа поставувано најразлични епизоди, пиратски секако. Официјалната страна на „Преспав“ сега изгледа исклучително сиромашно и сè што можете да најдете на неа во целосна форма се само епизодите од т.н. серијал „Кујната на Марио“. Стотиците целосни епизоди се целосно отстранети, а таква е и ситуацијата со бројните YouTube канали на фанови кои ги имаа поставувано бројните епизоди најверојатно отстранета преку copyright claim функциите на YouTube. На YouTube, сега-за-сега, сè што можете да најдете се само инсерти од најразлични серии и зад-сцени инсерти поврзани со Преспав. Тешки вести за сите оние што со години навикнаа да си ги гледаат епизодите на YouTube. Ништо од тоа повеќе нема. Секако ова не е случај со секоја локална содржина што ја има на Gley.mk – како што може да се види од Светот на Биби – кои и покрај тоа што се достапни на Gley.mk, на нивниот YouTube профил стојат сите досега објавен и 185 видеа.
Од економска гледна точка, отстранувањето на понудената локална содржина од YouTube има апсолутна логика. Зошто би се претплатиле да гледате нешто што веќе го има бесплатно и во одличен HD квалитет? Но, од друга страна, претпоставуваме дека многу корисници се разочарани од целосната екстерминација на YouTube, која како да се случи преку ноќ.
Најголем дел од содржината на Gley.mk е регионална продукција, има неколку популарни серии како „Клан“ или „Беса“, кои се наменети за некоја друга публика, лично не и за нас. Малку е чудно за локална платформа да има само 7 домашни филмови, но претпоставуваме дека во тек се преговори со продуцентските и дистрибутерските куќи за набавка на права и за другите филмови – бидејќи друга не треба да постои за платформа која се промовира како прва македонска стриминг платформа:
Во моментот на пишување на оваа рецензија, ова е листата на најгледани филмови на Gley.mk од страна на нивните сегашни корисници:
Додека за сериите нема достапна информација за најгледани, туку листа на Препорачани:
Привлечни за родителите, т.е. за нивните деца, се посекако македонските детски содржини, чиј дел како што спомнавме има и надсинхронизации на македонски и албански, меѓутоа сегашната содржина од 13 детски филмови и исто толку серии (од кои едната е и Светот на Биби кој е достапен на YouTube) е доста лимитирачка за да се оправдаат 300 денари месечно да се трошат на Gley наместо на HBO Go кој нуди многу, многу повеќе детска содржина – секако не цела синхронизирана на македонски.
Што мислиме за Gley?
Создавањето на локална стриминг платформа која ќе ја обедини најпрвин локалната понуда на содржина е супер и доста храбар потег, особено во времето на глобализацијата и достапноста на сервиси како Netflix, Amazon Prime Video, HBO Go и други слични глобални и регионални проекти… Потегот да се направи локален проект од ваков калибар е доста тежок, а она што е особено потешко е да се оствари добра заработка од тоа за да може проектот да опстане и да продолжи со поголеми подобрувања и инвестиции, нешто што искрено му го посакуваме на Gley.мк.
За дел од корисниците, Gley.mk ќе биде и носталгично искуство. Дел од содржината која ја има на платформата ќе потсети дел од повозрасните корисници на првите видеотеки во Македонија. Дејан го потсети на една видеотека во подрумот кај Ким (не му текнува како се викаше колку и да се обидува; Оттаму пред триесетина години ги изнајмувавме филмовите како „Universal Soldier“, „Hard Rain“, „Angel Hearth“, „Rocky: First Blood“. Ако сакате ди ги гледате денес, може да ги најдете на Gley.mk.
Секако има и неколку понови филмови на Gley, но ако се надевате на најновите наслови може да заборавите на тоа – што посекако прилично ја ограничува целната група на сервисот.
Gley веројатно има доволно целна публика за да ги задржи корисниците, љубители на ваквите сериите, неколку месеци, но што им е идејата со понатамошниот бизнис модел, останува да видиме, бидејќи од Gley.mk не сакаат да ни кажат… :)
Неспорен е и фактот дека Gley.mk ќе им помогне на македонските продуценти и продуцентски куќи да го пласираат својот труд на канал кој нуди лесна монетизација, наместо сами да си изнаоѓаат начини и да прават такви сервиси.
TL;DR: Апликацијата е супер и лесна за користење ако сте користеле барем некој друг стриминг сервис; интерфејсот потсетува на оној на Netflix и HBO Go, квалитетот на филмовите не е 4К, но и HD е сосем доволно барем засега. Она што нас ни недостасуваше е содржина, и тоа многу повеќе, најпрвин зголемување на понудата на локалната содржина, па после како од регионот, така и од целиот свет, особено за месечните претплати кои сервисот ги бара.
20 filma, novi filmovi tesko da stavat naredni 10 godini
Одлична рецензија. Би додал дека 400 денари, за толку мал избор … многу е. Да беше 200 денари .. некако ќе разберев, ама 400, многу е.
Сигурно за цигари давате дневно по 400ден, ама тоа е во ред, за тв ви е многу по 13ден дневно за 2 тв., или по 6,5ден по тв…
Можеш да полираш г**но пак е г**но, за 10 работи ќе пропушам повеќе ќе вреди него 400 месечно на Глеј.
Одлична и искрена рецензија, браво. Сепак мислам дека сервисов не вреди, барем сега засега.