По успехот на првиот дел, Tormented Souls 2 ја враќа протагонистката Керолајн Вокер во уште еден кошмар. Овој пат, развојното студио Dual Effect се имаат потрудено борбата да е подлабоко лична, а мистеријата да нè води во изолираните и злокобни предели на Јужна Америка. Дали второто продолжение нуди генеричен и допро-познати хорор механики или пак ќе успее да ги оправда очекувањата на фановите на оригиналната игра, сервирајќи ви ужас во најчиста форма?

Нов кошмар, иста хероина
Приказната во Tormented Souls 2 започнува по трауматичните настани од првата игра. Керолајн се обидува да изгради привидно нормален живот со својата сестра, Ана. Меѓутоа, мирот е краткотраен. Ана станува жртва на мачни визии и необјаснива болест, која ја тера да создава вознемирувачки цртежи кои, пак, почнуваат да се манифестираат во реалноста. Очајна да ја спаси својата сестра, Керолајн ја следи трагата до оддалечениот град Вила Хес во Чиле, каде што се наоѓа мистериозна клиника. Но идиличната фасада на установата и спокојните насмевки на персоналот се распаѓаат уште во првите пет минути, откривајќи дека сестрите Вокер се во центарот на нов, изопачен култ и борба за опстанок.

Наративот, кој е значително покомплексен овојпат, е поддржан со солидна гласовна глума. Оваа комбинација успева да создаде длабока емотивна поврзаност, мотивирајќи ве вистински да инвестирате во судбината на Керолајн и нејзината сестра. Во текот на она што изгледа како релативно долга и исцрпувачка кампања, водени сте низ серија на сè помрачни заплети и шокантни откритија. Секој чекор напред е само борба за гол опстанок, очајнички обид да се извлече жива глава, но и постојана ментална битка да се надмудрат изопачените умови кои стојат зад живиот пекол во кој се наоѓате.

Tormented Souls 2 останува верен на своите корени инспирирани од 90-тите, нудејќи класично искуство на хорор-преживување. Гејмплејот е методичен спој на истражување, решавање загатки и очајничка борба. Во поглед на истражување, на располагање имате широк спектар на локации, вклучувајќи морничав манастир, напуштен трговски центар и училиште замрзнато во времето. Она што ја издвојува оваа игра е воведувањето на натприродна способност за менување на реалноста, дозволувајќи и на Керолајн да се префрла помеѓу димензии и да го менува минатото за да ја преобликува сегашноста. Се работи за длабоко интегрирана механика поврзана со решавањето на загатките и наоѓањето алтернативни патишта низ кошмарот. Загатките се дизајнирани да бидат (исклучително) сложени, барајќи од вас внимателно да испитувате, комбинирате и манипулирате со предмети од инвентарот за да откриете скриени информации кои ви овозможуваат понатамошен напредок.

Наместо арсенал од воено оружје, Керолајн мора да се потпре на импровизирани алатки како што се, пример, пиштол за клинци и моторна пила. За подобро справување, на располагање ја имате опцијата за брзо избирање оружје. Непријателите ги има за извоз и се движат од брзи суштества со сечила до огромни оклопни монструми. Графички, играта ја продолжува естетиката на својот претходник, користејќи фиксни агли на камерата за да создаде кинематографско и клаустрофобично чувство, со повремено дозволување да се користи слободна камера. Очекувано, визуелниот дизајн се фокусира на распаѓање и атмосферски детали, додека мрачните, слабо осветлени средини се раздлабочени со минималистичка, но ефективна музичка подлога и амбиенталните звуци кои мајсторски го нагласуваат чувството на изолација.

Патување во лудило
Tormented Souls 2 е достоен наследник кој ги зема цврстите темели на првиот дел и ги надградува со поамбициозна приказна и нови, интригантни механики за менување на реалноста. Ако сте љубител на класичните Resident Evil и Silent Hill игри, или ако уживавте во првиот Tormented Souls, ова продолжение е задолжително за вас бидејќи се одликува со бавно градење на атмосфера, сложени загатки што бараат размислување и чувство на вистинска беспомошност наспроти надмоќниот хорор.








