Наум Шапкаровски: Македонија може да гради продукти. Само треба да се охрабри

Наум Шапкаровски е софтверски инженер и билдер кој последните седум години ги поминува во градење дигитални продукти, тимови и компании. Како основач на Екселерејт и MVP Masters, неговиот фокус е процесот на создавање – од идеја, до прототип и MVP. Денес, неговата мисија е да ги инспирира инженерите и креаторите кај нас да градат свои продукти и да се придвижи локалната технолошка сцена од доминантниот аутсорсинг модел кон „продуктна“ економија.

„Денес сум на мисија да инспирирам инженери, дизајнери и секој што сака да изгради свој продукт, преку јавно споделување на процесот, продуктите што ги градам, алатките што ги користам и бизнис идеите што ги анализирам. На долг рок, целта е Македонија постепено да се придвижи од над 90% (да, 90) аутсорсинг кон „продуктна“ економија.“, вели Наум.

Со Наум разговаравме по неговото патување на островот Forest City во Малезија, каде живее со луѓе што имаат слична цел: да создаваат, учат и споделуваат.

Зошто отиде дури до Малезија, и зошто токму на островот Forest City?

За патешествието во Малезија ме привлече концептот на Network School (ns.com) и можноста да живеам со луѓе со кои делам исти вредности – не по јазик, религија или традиција, туку по желба за самоподобрување, здрав живот и градење нешто свое.

Network School е основан од Balaji Srinivasan, поранешен CTO на Coinbase, чија визија е да изгради „Network State“ – дигитална држава. Неговата филозофија е дека полесно е да изградиш ново „Сан Франциско“, отколку да го поправиш. Во свет каде интернетот е „земја“, вештачката интелигенција е „работна сила“, а блокчејн носи „доверба и договори“, физичките граници губат тежина, а “Network State” е дигиталната држава. „Дигитална држава“ значи дека заедницата прво се создава онлајн, а потоа се „спушта“ на земја.

Оттука, како локација за NS е избран Forest City, град изграден во 2016 година од кинески инвеститори, подоцна наречен „ghost town“ или празен град. Ваквите рурални и празни места очајно имаат потреба од демографски и економски развој, па целосно го поддржуваат концептот на NS, затоа што им носи во просек по околу 300 (број што расте) луѓе месечно кои живеат и трошат таму. Верувам дека и мојот Охрид, со половина празни станови преку зима, би бенефитирал од сличен концепт.

Како изгледа секојдневието во Forest City? Што најмногу те изненади во однос на тоа како живеат и размислуваат луѓето околу тебе?

Живееме во тропска клима, во мирна и фокусирана средина. Целиот концепт функционира на база „Society-as-a-Service“, односно „општество како сервис“. Со месечна претплата од 1500 долари добиваме “општество”: стан, простор за работа, храна, заедница, спортски активности, настани и секојдневен контакт со луѓе со слични цели.

Ако треба да направам споредба, тоа е како колеџ кампус за возрасни. Просечната возраст е околу 30 години, а секој е фокусиран на раст и учење.

Највпечатливо е што луѓето се љубопитни, отворени и внимателно слушаат. Разговорите се околу идеи, искуства и проекти, не околу политика или негативност. Секој е во ред со тоа да биде „изгубен“ додека го бара својот пат. Кај нас, напротив, најголемиот страв е како ќе нè перципираат другите.

Секој месец го следиме личниот напредок преку InBody-тестови (мерење на масти, мускулна маса, тежина), поставуваме цели и ги следиме резултатите. Здравиот живот е составен дел од културата, под влијание на Брајан Џонсон (Don’t Die). Вечерата завршува до 20 часот, кафе по пладне речиси никој не пие.

Што значи „да живееш со билдери“ во пракса? Што најмногу те инспирира во нивната енергија?

Тоа значи дека 80% од разговорите се продуктивни и носат позитивна енергија. Никој не се жали за системот или државата. “Билдерите” постојано бараат решенија – не проблеми. Секојдневните разговори се полни со идеи и практични примери. Додека пиеш утринско кафе, можеш да научиш како некој инвестира на берза, како друг гради маркетинг инка (funnel) или тестира Google Ads кампања, а третиот објаснува психолошки модел зад донесување одлуки кај корисници.

Таквата енергија те тера и ти да градиш, да пробаш, да истражуваш. Не поради притисок, туку затоа што тоа е заразно.

Никој не зборува за „комшијата“.

Можеш ли да споделиш пример од таму, некој проект или начин на работа што те воодушеви?

Дефинитивно концептот „Learn, Burn, Earn“ ми остави најсилен впечаток.

Learn – учење преку секојдневни настани/лекции објавени на платформата lu.ma/ns од секој што сака да зборува на одредена тема и да сподели знаење. Тотално уживање за некој што е љубопитен и сака да учи нови работи – од видеографија до историја, од блокчејн до машинско учење. Ангажираноста е прилично висока.

Burn – „горење калории“, односно секојдневни спортски активности: функционални тренинзи, одбојка на вода, бадминтон, фудбал и други.

Earn – заработка. На нивната платформа се поставуваат задачи со опис и буџет, па секој може да се пријави да работи и да заработи. Со секое присуство во теретана зголемуваш низа (streak), а за секоја сработена задача добиваш NFT.

Наместо како во традиционалното образование да учиш 4 години за една диплома, тука секојдневно градиш профил и добиваш конкретни признанија за твоите вештини. Тоа овозможува некој веднаш да ја види твојата експертиза, наспроти генерализирана диплома за „компјутерски науки“. Филозофијата е едноставна: натпревар со самиот себе и постојано надградување.

Во објавата спомена дека во Македонија има многу талентирани луѓе, но и страв од неуспех. Што најмногу ја разликува културата таму од нашата?

Длабоко сум убеден дека имаме многу квалитетни и талентирани луѓе. Имав среќа да бидам опкружен со такви во последните години. Прекрасни, интелигентни и талентирани. Главната разлика е во начинот на размислување.

Се раѓаме со „Црното семе“ и „Парите се отепувачка“ – прекрасна литература, но тој менталитет е длабоко инкорпориран во нас, до степен каде што сме жртви за сè и мислиме дека „ние не можеме“ или „не ни е место тука“.

Покрај тоа, родителите од мали нè „трујат“ со носталгија за Југославија. Често со пријателите дискутираме за социјализам наспроти капитализам. Според мене, не треба воопшто да постои аргумент што е подобро, кога моменталната „игра“ е капитализам – игра каде парите се нуспроизвод на вредноста што ја создаваш на пазарот. Кај нас правилата на таа игра се измешани, нејасни, и секој игра различно, што води кон т.н. олигархиски капитализам. Не можеме да играме фудбал со правила од ракомет.

Дополнително, малата средина создава притисок за тоа како те перципира околината и што ќе кажат другите. Овде луѓето, верувајте ми, не се поспособни. Само немаат страв од неуспех и почнување од нула. Не се плашат да се обидуваат и да споделуваат каде паднале и каде згрешиле.

Замислете, со толку многу инженери кај нас, над 90% се дел од аутсорсинг економијата. Ретко ќе слушнеш некој да се обидува да испорача нешто свое, а живееме во време кога преку викенд можеш да креираш MVP и да дознаеш дали постои пазар – без трошоци.

Што мислиш дека недостасува кај нас за да се појави слична „builder“ култура?

Прво, многу е важно да ја разграничиме улогата на основач (founder) и билдер (builder).

Светот се менува на секои „пет минути“. Само пред пет години, пред ковид-пандемијата, сите бевме во канцеларии. Не постоеше ChatGPT. Во тој свет беше потребен голем тим и капитал за да се изгради нешто значајно. Затоа кај нас поимот „founder“ се поврзува со тежок и ризичен пат: инвеститори, капитал, вработувања, непреспиени ноќи. Дополнително, многумина мислат дека треба да измислат “топла вода“ или да имаат уникатна идеја за да започнат нешто. Така, „стартап“ сцената се развиваше околу фондови (ФИТР), клубови и натпревари за стартап-основачи. Фокусот целосно се насочи кон “founders”. Од една страна имаме над 15.000 инженери кои испорачуваат услуги за надвор, а од друга, целата приказна е за основачи, инвестиции и „тешкиот пат“. Јазот меѓу двете страни е очигледен. Треба да ги стимулираме тие инженери да почнат да градат нешто свое, да “фрлаат” идеи на пазарот секојдневно.

Зошто баш сега? Затоа што денес веќе не е потребен голем тим, ниту капитал за да се изгради и тестира продукт на пазар. Светот е полн со приказни каде инженери, на страна од својата примарна работа, започнуваат нешто свое – мал продукт, идеја или експеримент. Со тек на време, некои од тие обиди се претвораат во успешни приказни. Така природно се раѓаат соло-претприемачи, а потоа бараат помош, вработуваат и растат. Кај нас постои страв од обиди, страв од неуспех. Штом ја зголемиме бројката и свеста на луѓе што секојдневно експериментираат, лансираат продукти и споделуваат, тогаш истите тие ќе бидат поблиску до поимите „founder“, „startup“ и „претприемач“. Верувам дека тука е почетокот!

Сума сумарум: кај нас недостасува насока, едукација, храброст, взаемна поддршка и доказ дека тоа функционира.

Дали во Македонија може да се изгради заедница слична на онаа во Forest City? Кој би било првиот чекор?

И можеме, и мораме. Веќе постојат заедници како BeerJS, .NET и други, но тие се технички, фокусирани на програмски јазици. Она што ни фали е “builders” заедница. Заедница што ќе го промовира патот од наоѓање идеја до излегување и тестирање на пазар, преку транспарентно споделување на алатките и целиот процес. Патот на Pieter Levels, Marc Lou… Односно, заедница што ќе ги насочува инженерите кон т.н. “indie-hackers” и соло-претприемачи”, а со тоа ќе се зголеми бројот на луѓе што ќе развива продукти.

Со задоволство најавувам дека веќе подолго време работам на тоа, и наскоро ќе го имаме Builders.mk – првата прагматична заедница за “билдери”. „Прагматична“ значи полна со ресурси, конкретни стратегии, фокус на резултати, како и алатки и идеи што можат веднаш да се применат.

Во тек е изградба на платформа што ќе содржи:

– база на стотици студии на случаи (како конкретни “билдери” стигнале до првиот корисник),

– база на идеи со целосна анализа,

– видеа, алатки и рамки за развој и излегување на пазар,

– заедница – место каде сите ќе споделуваме, учиме и се поддржуваме меѓу себе.

Филозофијата е: „На Македонија не ѝ треба капитал – ѝ требаат билдери.“ А мисијата е: „Поместување кон продуктна економија.“ Како? Преку процесот што го нарекувам „The Builder Trifecta: Learn, Build, Share.“ Тоа е првиот чекор.

Платформата моментално е во затворена бета и веќе ми се придружија врвни инженери. Ги поканувам сите заинтересирани да се приклучат на мисијата. Ова може да има големо влијание врз Македонија!

Велиш дека околината е најсилен катализатор за раст. Како ова искуство влијае на тебе? Што би донел со себе по враќањето?

Замислете околина од пет луѓе каде секој гради нешто свое. Еден развива продукт што ти овозможува да го паузираш подкастот и да „скокнеш“ во дискусија со Џо Роган, друг прави алатка за анализа на макроекономија, трет гради платформа за оптимизација на средства преку DeFi-протоколи, итн. Секој споделува за своето, бара повратен одговор (feedback) и секој на секого помага – било за маркетинг, продажба или Google реклами. Со тек на време, таа атмосфера води кон раст и се повеќе нови продукти.

Исклучително позитивно искуство за мене. Повторно ќе кажам, имав среќа што и последните пет години сум опкружен со прекрасни луѓе во Македонија, а ова само ми потврди дека можеме и кај нас! Се враќам со поширок спектар – од економија и блокчејн до здрав живот, како и со полни батерии да ја ширам мисијата на Builders.mk!

– прагматичниот билдер

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments