Агенцијата за електронски комуникации побара од операторите да ја воведат опцијата тест-период за дата стиковите за мобилен интернет. Сега, како што објаснува АЕК, кога ќе сакате да купите мобилен дата стик (USB modem) ќе може да побарате од операторот да ви даде 7 дена за да ја тестирате услугата.
Ако не сте задоволни од квалитетот на услугата, немате обврска да склучите претплатнички договор. Но, иако корисникот има 7 дена да ја тестира услугата пред да склучи договор, сепак ќе треба да го плати потрошениот интернет сообраќај и да ја врати опремата.
Оваа услуга наречена Try&buy (или на македонски, Пробај пред да купиш) ќе им помогне на корисниците полесно да изберат квалитетна услуга, односно ќе ја зголеми конкурентноста помеѓу интернет операторите. Со услугата која е додадена во Правилникот за општи услови и квалитет на мрежа, се штитат правата на крајните корисници од една страна, а на операторите им се наметнува обврската уште повеќе да внимаваат на квалитетот на услуги кои им ги сервираат на граѓаните, вели директорот на АЕК, Роберт Орданоски.
„Измените во Правилникот за општи услови се во насока да ги натераме операторите повеќе да инвестираат во тој безжичен интернет и затоа одредивме минимална брзина која треба ја обезбедат на територијата на земјава.“, вели г. Орданоски.
Услугата „Пробај, па користи“ е стартувана од 1 ноември и секој корисник може слободно да побара тест период кај сите оператори кои нудат мобилен интернет преку дата стик.








*buy