Идејата е едноставна. Во Македонија имаме стартап заедница во неколку градови, имаме успешни приказни и искусни ментори; има добри акцелератори и иновативни претприемачи. Но, тоа што фали е меѓусебната соработка, што е можеби причина на поларизираното општество. Сепак, кога зборуваме за бизнис иновации и креативност, сите се согласни дека доброто на заедницата треба биде на првото место. – вака започнa текстот објавен на 16-ти август, 2016-та година во кој ја претставивме работата на тогаш новооформената организација Startup Macedonia, која според своето манифесто примарно ќе работи на:
- Да го поттикне претприемачкиот дух;
- Да охрабри култура на иновации и стартап-инвестиции;
- Да ја поврзе стартап заедницата и сите кои се вклучени во еко-системот;
- Да креира дата база на стартапи, ментори и експерти кои ќе споделуваат знаење;
- Да креира средина каде ќе се разговара отворено за проблемите и решенијата, и заедно ќе се работи кон поголема иновативност;
- Идентификување на проблемите, решенијата и елиминација на бариери кои го ограничуваат развојот на стартапите во Р. Македонија;
- Подобрување на правната регулатива која се однесува на стартапите и зголемување на атрактивноста за инвеститори надвор од Р. Македонија;
- Да ги промовира и поддржи настаните, хакатоните и демо деновите;
- Да поттикне соработка помеѓу македонските стартапи и интернационалните стартапи, стартап акцелератори и организации, фондови, и други иницијативи;
- Да поттикне соработка помеѓу бизнис заедницата во Македонија за да се креираат закони и бизнис култура кои ќе поттикнат иновативност.
Организацијата е оформена по иницијатива на Наташа Лазаровска-Трајчески, Дејан Алексов, Игор Маџов, Нина Николиќ, Виктор Дано и Ивана Станковиќ.
Шест години подоцна, организацијата може да се пофали со повеќе успешно завршени проекти, голем придонес кон вмрежувањето на заедницата и големи амбиции за во иднина. Поконкретно, за успесите и предизвиците на оваа значајна организација за македонскиот ИТ екосистем го поканивме да ни раскаже Игор Маџов, ко-основач и програмски директор во Startup Macedonia.
На 8-ми август пред точно 6 години започна со работа Startup Macedonia… вратете нè во времето – како се роди идејата и како се преточи во организација?
Понесени од целиот ентузијазам точно пред 6 години беше регистрирана Стартап Македонија како кулминација на процес кој претходеше од неколку месеци инициран од поширок тим од стартап основачи, претставници од стартап организации и ентузијасти кои беа вклучени во различни иницијативи како Silicon Drinkabout, Startup Weekend, Funky Coworking Fridays. Беше преубаво време во кој освен нас никој не збореше за стартапи и се изгледаше како Дон Кихот да се бори со ветерниците. Едно е јасно дека во мала држава како нашата само доколку работиме заедно и целиме кон развој на понудата на домашниот пазар и подобрување на пристапот на странските пазари може да забележиме успех.

Кој беше првиот проект на кој започнавте да работите?
За ова ќе треба да да погледнам во архивите :) … Покрај настаните кои ги подржувавме и организиравме поголема активност беше првиот обид за мапирање на екосистемот во 2016 (следеа уште неколку) и негово претставување интернационално на конференции низ светот. Споредено со сега тогаш имаше помалку компании и повеќе ентузијазам кај нас и кај младите генерации.
При креирањето на вакви организации, мотивацијата е пресуден фактор за да истите бидат одржливи и функционални. Како стоите на тоа поле? Од каде црпете мотивација и зошто го правите ова што го правите?
Некогаш и сами не си веруваме гледајки наназад со кој интензитет нештата се случуваа. Во време на Ковид ние ја ставивме активноста во повисока брзина наместо да намалиме. Причина за успех плус е што секој од основачите активно е вклучен во некој од чинителите од екосистемот, го работиме тоа што го сакаме и иако се трошиме на крајот успехот на компаниите ни е најважен. Може да кажеме дека сме зависни од успехот на компаниите и организациите кои ги подржуваме и се храниме со секое нивно постигнување.
Кои се топ 5-те работи/проекти кои Startup Macedonia ги направила во овие 6 години?
Секако она на што најмногу сме горди се успесите на самите компании и можноста да бидеме дел од нивните приказни но ако треба да ги издвоиме проектите би се задржал на
- Годишното Мапирање на екосистемот кој постојано го мониторираме како се развива уште од 2016 и публикациите 2018, 2021.
- Дигиталната платформа на Стартап Македонија која набрзо ќе забележи освежување
- Промените на законот за Трговски Друштва со кои по 2 години соработка со институциите се овозможува инвестиции преку конвертибилен заем и веќе ги бележиме првите инвестиции од ангели и акцелератори.
- Преку 1.000 Настани кои ги имаме организирано за да се поврзе екосистемот, пренесат знаења и истакнат основачите без кои неможеме но како најголем е Глобалната недела на претприемништво што сега 4та година по ред ке ја организираме секој Ноември
- Иницирање на различни програми за да се обезбеди подобра позиција на стартапите преку Стартап советот со владата на Република Македонија, Инвестицискиот Клуб, Корпоративниот Совет, и други.
- Со ИТ.мк ja лансиравме иницијативата Startup of the Month (забелешка: кој по пилот текстовите со Howitzer, Konceptiva и FinqUp добива свој рестарт од август) кој потоа се надеваме ќе прерасне во архива на успешните стартапи од Земјава и уникатните приказни на нивните основачи

Кои се топ 5 планирани работи кои Startup Macedonia ќе ги реализира во следните 6?
По 6 години конечно може да зборуваме за сегментација на стартапите и понуда на услуги и активности во различна фаза на раст како и по региони како и континуирано застапување. Оваа година започнавме со Децентрализација на активности надвор од Скопје со првиот Стартап викенд Охрид кој ќе продолжи како и останати програми кои се во најава. Зголемување на понудата на програми и сервиси во секоја фаза на раст и во соработка со партнерските организации и приватни компании да се обезбеди.
Ќе дадеме фокус на компаниите во понапредна фаза и развој кои членуваат во Founders Club, и градење на врски со корпорациите во земјава и странство. Активно ќе продолжиме со Менторството на Стартапи од програмите кои ги подржуваме и анимирање на младите да учат од младите претприемачи а тие од поискусните и да креираме култура на pay it forward. Ние секогаш стоиме на располагање да соработуваме со државните институции и да се помогне во креирањето на стратегии и и подобра клима за развој на стартапи. Покрај Годишното истражување на екосистемот допринесуваме во различни групи како Стратегијата за смарт-специјализација, фин-тек стратегијата и други кои треба да целат кон подобар екосистем.

Што ви претставува најголема пречка во македонскиот стартап екосистем, а што најголем поттик?
Најголем поттик се самите основачи кои докажуваат дека и покрај секодневните притисоци можат да се изградат компании кои креираат подобро секојдневие за своите вработени и ја менуваат перцепцијата за каков живот се живее овде. Би сакале овој меур од 20.000 луѓе да стане реалност за се повеќе и да го исполниме етерот со позитивност, и приказни за идеи и успех . Не ги одбегнуваме прашањата за пречки но ги има премногу од инфраструктурни до човечки капацитети. Нешто што најмногу лично ме иритира а директно влијае врз активноста на организацијата е дека нема континуитет на активностите на државно ниво и премногу акцент се става на помпезни изјави и ПР кои само штетат на долг рок.

Како би го оцениле македонскиот стартап екосистем споредбено со регионалните?
Македонија ја ставаат во различни консталации, а од перспектива на Западен Балкан нема премногу голема разлика меѓу државите. Разликата се однесува во подршката што ја добиваат од државата, големината на компаниите, квалитетната работна сила и пристапот до финансии. Србија е прве која сериозно инвестира во инфраструктура и има најголем пазар, Македонија малку предничи пред другите и особена предност е заедницата и пристапот до информации. Она што е предност на Косово, Албанија Босна и Србија е што дијаспората активно инвестира во компании и помага во излез на странски пазари преку своите конекции и ние треба да поработиме повеќе на ова поле. Од страна на инвестиции на регионалниот пазар постои само еден VC фонд финансиран од EIF што е показател за како Европа го гледа пазарот па затоа значително се активираа локални приватни иницијативи и ангели. Од друга страна 2022 може да ја одбележиме како година во која најмногу се слушаше за Македонската ИТ и Стартап сцена што допринесе за зголемен интерес на Фондовите од Централно Источна европа
Пред 10-тина години најголем изговор за стартапите беше дека во Македонија нема пари и инвеститори, сега се чини дека ги има… но некако прашањето е сега преформулирано во дали има одржливи стартапи?
Ако ги прашате инвеститорите ќе речат нема компании :). Тоа почесто го слушаме зошто апетитите се големи во земјава а подготвеноста да се ризикува е мала. Ме радува што имаме се поголем број едуцирани ангел инвеститори. Да се разбереме македонскиот пазар е мал па за бисниси кои имаат глобални аспирации секогаш е тежок процесот на fundraising особено за основачи кои немаат работено за интернационална компанија или сретства да вложат додека продуктот не дојде до лансирање. За оние Компании кои успеаа да добијат финансиранје преку грантови како ФИТР секогаш е прашањето дали тоа ке го дабрза нивниот раст или само ќе ги стави во комфор зона. Се зависи од основачите и колку ќе ги искористат приликите и можноста да донесат smart money во компанијата.
Оваа година бевме дел од Првата регионална Investment Readiness Programa на SwissEP во која доминираа македонските компании и во финалето 2/5 беа од Македонија. Ова покажува спремност на компаниите да се развијат и стигнат до инвестиција. Набрзо ќе ги споделиме и резултатите од програмата зошто само тоа е муабет сам за себе

Според вашите согледување, на што треба да поработат стартапите за во Македонија да го добиеме првиот unicorn?
Во едно претходно интервју кажав дека сакам да видам повеќе компании (5-10) кои ќе бидат soon-unicorn или валуација од над 100М ЕУР отколку само еден еднорог. Неодамна ја поздравивме веста за првиот бугарски еднорог кој е создаден во Британија во Лондон со VC пари од странство но голем дел од тимот е во Бугарија. Потребно е повеќе да ги отвориме компаниите кон странство да креираме мешани тимови и да се фокусираме на едукација на вработените и градање претприемнички капацитети кај новите генерации.
Зошто во Македонија немаме функционален coworking простор во кој стартапите ќе се дружат, како на пример Hub385 во Загреб или Startit во Белград?
Уф ме погоди во срце со прашањево. Чекавме 6 години некој од екосистемот да го пополни овој простор и имаше неколку неуспешни обиди и многу технолошки паркови кои се најавија со милионски инвестиции и потоа ништо. Постојат мали просторчиња и алтернативи но ништо конкретно. На рекорд го имаме МКСтартап спејс во партнерство со ФИТР кој сакаме да остане инфо канцеларија и место за секој стартап во срцето на градот како дел од една поголема приказна. Она што сакаме да го видиме е функционален хаб во кој Стартап Македонија ке има простор и ќе може дел од заедницата да дише и расте заедно. Ги повикуваме сите компании кои сакаат да бидат дел од еден ваков хаб да не контактираат и заедно да си го креираме нашето гнездо.
Како може некоја компанија, организација или индивидуа да се приклучи на иницијативата на Startup Macedonia и да ви помогне или да ве поддржи?
Активни сме на социјалните мрежи и ги објавуваме случувањата на кои сме присутни или ги организираме и можат таму да не заследат. Секоја компанија и организација е добредојдена во нашите простории на рекорд во МКСтартап Спејс или виртуелно да креира свој профил на Платформата со кој ќе може да се поврзе понатаму со екосистемот. За сите кои сакаат да се вклучат, имаат идеа за активност со нас или да волонтираат во организацијата слободно може да ни пишат на [email protected]