Пред дваесетина години, кога хрватскиот комуникациски гигант Infobip ги правеше првите чекори во малиот град Водњан, стартап екосистемот во земјата изгледаше сосема поинаку. Ризичниот капитал беше речиси недостапен, акцелераторите беа реткост, а основачите најчесто се потпираа на сопствени средства, поддршка од семејството и неколку ентузијасти кои веруваа во нивната идеја.
Денес таа ситуација е значително поинаква. Хрватска има компании кои се препознаени на глобално ниво, активни фондови за ризичен капитал и сè поголема мрежа на инвеститори, инкубатори и партнери. Во центарот на таа трансформација се наоѓа токму првиот хрватски еднорог, кој последниве години сè повеќе инвестира во развојот на нови стартапи, а не само во сопствениот раст.
Еден од највидливите примери е Startup Tribe, глобална програма што компанијата ја започна во 2021 година. Наместо класична програма со попусти за стартапи, Startup Tribe им овозможува на раните компании пристап до комуникациската инфраструктура на Infobip, менторство, партнерства и глобална мрежа на инвеститори и акцелератори.
Програмата денес ја води Луција Реиќ, чиј професионален пат не започнал во технологијата. Таа студирала филозофија и хрватски јазик и книжевност, а кариерата ја започнала на Универзитетот во Сплит, во одделот за меѓународни односи. Подоцна, преку консултантска работа, првпат се сретнала со светот на претприемништвото.
„Една од првите задачи што ги добив беше да напишам прирачник за управување со бизнис инкубатори, а дотогаш никогаш немав слушнато за тоа што всушност е бизнис инкубатор“, вели таа во разговор за IT.mk.
Токму тој проект ја вовел во стартап екосистемот. Подоцна учествувала во развојот на една од првите државни предакцелераторски програми во Хрватска, а внимателно го следела и развојот на конференцијата Shift, која Infobip ја презеде во 2021 година.

Неколку месеци подоцна беше објавено формирањето на Startup Tribe. „Го посетив првиот Infobip Shift, го запознав тимот и подоцна аплицирав кога се отвори работна позиција. Го напуштив менаџерското место за да се приклучам како јуниор во Startup Tribe. Тоа беше голем чекор“, вели Реиќ.
Од три „F“ до глобална мрежа
Идејата за Startup Tribe произлегува од сопственото искуство на Infobip. Кога компанијата започнувала, институционалната поддршка за стартапите во Хрватска речиси и не постоела. Како што објаснува Реиќ, претприемачите најчесто зависеле од таканаречените „три F“ – friends, family and fools (пријатели, семејство и луѓе кои биле подготвени да ризикуваат).
„Денес ја имаме првата корпоративна стартап програма во Хрватска. Не добивате само кредити за користење на платформата, туку и многу дополнителни придобивки“, вели таа.
Од самиот почеток Startup Tribe не била ограничена само на Хрватска. „Програмата беше глобална уште од стартот. Еден од првите големи партнери беше 500 Global, а подоцна се приклучија Techstars, Y Combinator и Sequoia. Одлучивме веднаш да размислуваме глобално“, додава таа.
Иако многу корпоративни програми нудат бесплатни кредити за користење на своите производи, Startup Tribe се обидува да оди чекор понатаму.
Денес програмата соработува со повеќе од 170 фондови за ризичен капитал, акцелератори и партнерски организации, што им овозможува на стартапите директни препораки и воведувања кај потенцијални инвеститори.
Покрај тоа, учесниците добиваат поддршка за излез на пазарот, правни и консултантски услуги, попусти за различни алатки, како и пристап до програми како AWS Activate и GitHub for Startups.
Составен дел од програмата е и конференцијата Shift, каде членовите на Startup Tribe бесплатно учествуваат, а дел од нив добиваат можност да изложуваат, презентираат пред публика и да се сретнат со инвеститори.
Поддршката продолжува и по завршувањето на програмата. „Дури и кога ќе дипломираат, стартапите остануваат во контакт со нас. Заедно размислуваме со кои инвеститори треба да ги поврземе и како да им помогнеме во следната фаза од растот“, вели Реиќ.
Според Реиќ, најголемото достигнување на Startup Tribe не може лесно да се измери преку инвестиции или број на корисници. „Кога стартапите доаѓаат кај нас да разговараат за идеи кои воопшто не се поврзани со Infobip, кога бараат совет или мислење за развојот на својот производ, тогаш знаете дека сте изградиле доверба.“
Токму тоа, според неа, ја прави разликата меѓу обична корпоративна програма и вистинска заедница.
Во изминатите пет години низ Startup Tribe поминале голем број компании, меѓу кои SEON, една од најбрзорастечките компании за спречување измами во Централна Европа, како и хрватските стартапи Crumbs, Hypefy, Daytona, Megi AI и Enfuse.
„Имаме неколку компании што станаа еднорози, но и многу таканаречени мини еднорози“, вели Реиќ.
На Балканот не му недостасува знаење, туку самодоверба
И покрај напредокот на стартап сцената во Хрватска и пошироко во Југоисточна Европа, Реиќ смета дека регионот сè уште има еден голем предизвик.
„Основачите кај нас се многу технички потковани и многу скромни.“ Токму таа скромност, според неа, понекогаш станува пречка кога треба да разговараат со инвеститори или да ги продаваат своите производи на глобалниот пазар. „Кога ќе ги споредите презентациите на основачи од Западна Европа или САД, разликата е во начинот на размислување.“
Според неа, многу претприемачи се концентрирани исклучиво на производот и ја потценуваат важноста на продажбата и раскажувањето на приказната.
Затоа Startup Tribe денес сè повеќе организира работилници посветени токму на комуникацијата со инвеститори и подготовката за прибирање инвестиции.

Реиќ смета дека една од најголемите можности за стартапите од регионот лежи токму во подобрување на начинот на кој ја раскажуваат својата приказна.
Таа се сеќава на презентација што ја следела на конференцијата SuperCharger Festa во Малта. „Имаше само еден слајд. Со тој еден слајд ја раскажаа целата приказна и го објаснија целиот производ.“ вели Реиќ.
Според неа, основачите треба постојано да ја претставуваат својата компанија, без разлика дали во моментот размислуваат за инвестиција или не.
„Мора постојано да презентирате. Никогаш не знаете кога едно запознавање со некого ќе доведе до следен инвеститор или нов клиент.“ порачува таа.
Во исто време, додава, тоа не значи дека стартапите од Југоисточна Европа треба да се обидуваат да бидат копија на Силициумската долина. „Не мора да бидете американски тип на основач. Земете го она што тие го прават добро, научете од нив и прилагодете го на сопствениот стил.“ заклучува Реиќ.
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.