0 коментари 5 мин. читање

Интервју со Симона Стојановска: „Сакав да создадам место каде донирањето ќе биде едноставно за сите“

Веројатно сите или барем поголемиот дел од нас имаат барем една кутија полна со заборавени работи, сочувани предмети и облека кои „можеби еден ден ќе затребаат“. За жал често овие работи не ги користиме, а на некој може да му бидат супер корисни. Токму со ова, но и желбата да создаде нешто со вистинска вредност, започнува и Дарувај.мк на Симона Стојановска.

Симона е UX/UI дизајнерка, а во слободно време љубителка на креативни уметности и изработка предмети од глина, Таа сака да решава практични проблеми преку добар дизајн и да создава корисни работи за заедницата. Наместо да ги остави некористените работи да собираат прашина или да бара соодветни групи по социјалните мрежи, Симона одлучи да ги спои своите вештини и еколошката свест во нов проект: Дарувај.мк.

Станува збор за бесплатна, локална платформа со која се обидува да им даде нов живот на предметите, да го намали отпадот и да ги поврзе луѓето кои сакаат да подарат со оние на кои тоа им е најпотребно. Со Симона зборувавме за идејата, предизвиците при развојот и визијата за заедница која повеќе дарува, а помалку фрла.

Симона Стојановска

Што беше твоја инспирација за креирање на Дарувај.мк?

Идејата започна од мене и од мојата околина. Како и многу други, дома имавме многу работи кои беа во одлична состојба, но повеќе не ги користевме. Искрено, мислам дека секој од нас има барем една кутија со работи за која си вели „ова можеби еден ден ќе ми затреба“, а тој ден никогаш не доаѓа. 

Често сакав да ги донирам, но искрено, никогаш не ми беше практично да објавувам по различни Facebook групи и да барам кому навистина му се потребни. Тогаш сфатив дека сигурно не сум единствената со тој проблем. Така се роди идејата за Дарувај.мк, едно место каде што донирањето ќе биде едноставно, организирано и достапно за секого.

Што е Дарувај.мк и за кој е наменета?

Дарувај.мк е бесплатна платформа преку која секој може лесно да подари предмети што повеќе не му се потребни, а на некој друг можат многу да му значат. Наменета е за сите, без разлика дали сакаат да донираат или да пронајдат нешто што им е потребно.

Главната мисија е да поттикнеме луѓето повеќе да донираат, а помалку да фрлаат. Секој предмет што повеќе не ни служи може да добие нов сопственик и повторно да биде корисен. Верувам дека на тој начин не само што му помагаме на некого, туку придонесуваме и за намалување на отпадот и за создавање подобри навики во нашето општество.

Колку време ја развиваше идејата од првиот концепт до моментот кога ја пушти веб-страницата во употреба? 

Од првата идеја до пуштањето на платформата поминаа неколку месеци. Во тој период посветив многу внимание не само на изгледот на веб-страницата, туку и на тоа како целото искуство ќе биде што поедноставно за користење. Имаше многу размислување, тестирање и доработка на различни детали. Сакав секој што ќе ја отвори страницата лесно да може да објави предмет и без комплицирани чекори да го подари на некој кому навистина му е потребен.

Категориите покриваат речиси сè – од мебел до едукативни материјали и играчки. Дали некоја категорија е популарна меѓу првите корисници?

Според првите објави, најголем интерес има за категоријата со облека. Искрено, тоа и не ме изненадува, бидејќи токму алишта сите имаме најмногу дома. Често купуваме нови, а старите остануваат неискористени иако се во одлична состојба. Верувам дека оваа категорија ќе остане една од најактивните, но очекувам со текот на времето да се зголеми бројот на објави и во останатите категории.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш во оваа почетна фаза како основач?

Во оваа почетна фаза најголемиот предизвик е што повеќе луѓе да дознаат за платформата и да почнат активно да ја користат. Ваквиот концепт функционира само кога има активна заедница која постојано објавува и подарува предмети. Верувам дека со време, преку препораки и задоволни корисници, Дарувај.мк ќе стане препознатливо место каде што донирањето ќе биде првиот избор.

Една од потенцијалните предности на Дарувај.мк е намалување на отпадот. Сметаш ли дека во Македонија сè уште премногу брзо ги фрламе работите кои за друг би имале голема вредност?

Апсолутно. Искрено, тргнувам и од себе. Во минатото сум фрлила многу работи кои денес сфаќам дека можеле некому да бидат од голема корист. Мислам дека многу луѓе се во иста ситуација. Понекогаш не знаеме каде да ги донираме, а понекогаш ни е полесно едноставно да ги фрлиме. Верувам дека ако имаме едноставна и достапна платформа, многу повеќе луѓе ќе изберат да ги подаруваат работите наместо да ги фрлаат.

За заживување на ваков тип платформи, од клучна важност е заедницата. Какви се реакциите на луѓето откако ја сподели страницата?

Првичниот фидбек навистина ме изненади во позитивна смисла. Речиси сите што ја видоа платформата ми рекоа дека идејата е одлична и дека вакво нешто одамна било потребно кај нас. Добив многу охрабрувачки пораки и позитивни реакции, што ми даде дополнителна мотивација да продолжам да работам на проектот. Сега најважно е што повеќе луѓе да ја користат и заедно да изградиме активна заедница.

Каде ја гледаш Дарувај.мк за една година од сега? 

Се надевам дека за една година Дарувај.мк ќе прерасне во препознатлива платформа која активно ја користат луѓе од цела Македонија. Би сакала да има илјадници успешни донации и да создадеме заедница во која подарувањето ќе стане сосема нормална навика. Исто така, планирам постојано да ја подобрувам платформата со нови функционалности и идеи што ќе им го олеснат користењето на сите корисници.

Што би им порачала на сите оние кои во моментот дома имаат куп работи кои не ги користат, но се двоумат дали да ги објават?

Би им порачала да не размислуваат предолго. Предметите што со години стојат во плакар, подрум или гаража можеби повеќе не им се потребни ним, но за некој друг можат да бидат навистина вредни. Со една едноставна објава можете да направите некого среќен, да му помогнете и истовремено да дадете нов живот на предметите што инаку би останале заборавени или би завршиле во отпад. Мал гест за вас може да значи многу за некој друг.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top