Во февруари годинава, Народната банка објави секција на својот сајт, на т.н. Порта за иновации, каде што достави одговори на едни од најчесто пoставуваните прашања поврзани со криптовалутите како и локалните регулативи на оваа тема.
Прашањата кои НБРСМ иницијално ги покри беа:
- Што се крипто-средства?
- Како изгледаат крипто-средствата?
- Кои се разликите меѓу крипт-средствата и суверените валути (пари)?
- Дали централните банки издаваат дигитални валути?
- Каква е улогата на Народната банка во врска со крипто-средствата?
- Дали може да се плаќа со крипто-средства во Република Северна Македонија?
- Дали е легално вложувањето во крипто-средства во странство и каков третман имаат овие трансакции во платниот промен со странство?
- Дали крипто-средствата се депозити?
- Кои се ризиците од вложување во крипто-средства?
Одговорите на сите овие прашања ги имате на горенаведените линкови.
Како дополнување на овие информации, НБРСМ неодамна објави прашање кое се однесува на тоа како домашните банки треба да гледаат на трансакциите и вложувањата кон крипто-берзите. Практично треба да се третира таквата трансакција како тековна трансакција помеѓу резидент и нерезидент, што значи мора да постои документ со кој може да се утврди основот и обврската за плаќање, а се остава и на самата банка да одлучи кои дополнителни документи ќе смета дека се потребни – знаејќи каква бирократија уживаат банките, ова и не е баш добра вест.
Со оглед на тековните случувања на пазарот на криптовалути како што може да видите во долунаведената табела, како и општата популаризација на криптовалутите, немањето конкретна политика на државава за како да се адаптира кон нивно користење и да се приклучи кон возот за иновации, а притоа и да собере даноци од луѓето кои посекако инвеститраат во криптовалути, не е за пофалба. Секако дека тука постојат најавите дека случајот се разгледува и се планираат одредени политики, меѓутоа, конкретно сè уште криптовалутите се третираат како табу тема од сите релевантни институции и финансискиот сектор. Дел не разбираат, дел не сакаат да разберат, а на дел од нив (читај: банките) не им одговара нешто да се промени…
Bitcoin
$28,192.37
Ethereum
$1,803.63
Binance Coin
$335.97
Solana
$22.64
Cardano
$0.37
XRP
$0.47
Како постапуваат домашните овластени банки во вршењето на платниот промет со странство при вложување на резидентите во криптосредства?
Одговорот на ова прашање, го пренесуваме интегрално:
Согласно со постојните меѓународни препораки, имајќи предвид дека работењето со криптосредства не претставува конвенционално вложување во регулирани финансиски средства, туку најчесто купување произведено нефинансиско, нематеријално средство, домашните овластени банки треба да ги сметаат ваквите трансакции во платниот промет со странство како тековни трансакции помеѓу резиденти и нерезиденти. Треба да се има предвид дека оваа материја е променлива и е предмет на постојано следење, поради што и тековните препораки може да бидат променети.
Согласно со Упатството на Народната банка за начинот за вршење на платниот промет со странство за плаќање на нерезидент врз основа на тековна трансакција се бара документ од којшто може да се утврди основ и обврска за плаќање во странство, оттука при купувањето криптосредства од страна на резидентите, со оглед на нивната специфичност, домашната банка треба да определи кои документи ќе ги смета за доволни заради постапување согласно со регулативата. Како соодветен документ може да се смета и налог за извршување трансакција даден од резидентот, или договор или друг документ со кој може да се потврди трансакцијата.
При вршењето на плаќањето / наплатата треба да се користи шифрата на основ 112 (увоз / извоз на стоки) предвидена во Шифрарникот на основи за плаќања и наплати којшто е составен дел на Упатството за начинот за вршење на платниот промет со странство.
Од аспект на приливите за резидентите од продажба на криптосредства во странство, домашната банка треба да примени постапка за директна наплата, односно да ја одобри трансакциската сметка на резидентот корисник на наплата, доколку располага со претходна писмена информација добиена од корисникот на наплатата за видот на трансакцијата и бројот на трансакциската сметка на која треба да се одобри наплатата, без притоа да се бараат посебни документи.
Секако, како што вели напомената на сајтот на NBRM.mk, треба да имате во предвид дека одговорите можно е да се променат со динамиката на пазарот, која деновиве и те како е брза.
Потребно е да се напомене дека овие одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации. Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.