Како македонските угостители го замислуваат користењето на криптовалути и токени [Интервју со НУК]

На почеток на декември Независната угостителска комора (НУК) во Македонија прилично агресивно ја претстави својата иницијатива со која со помош на криптовалути ќе се бара решение за тешката финансиска состојба во која се наоѓа угостителската индустрија, односно побараа од премиерот, Народната банка, министерствата за финансии и економија, управата за јавни приходи и централниот регистар да го разгледаат нивното барања за прифаќање на криптовалути.

Комората од Владата побара креирање на законска рамка со која ќе бидe овозможенo плаќање со криптовалути, но и издавање на сопствени крипто токени. Дел од барањата се однесуваат и на решение кое ќе овозможи регистрација на крипто менувачници и поставување на крипто банкомати. Иницијативата на македонските угостители беше широко пропратена во медиумите, меѓутоа само во кратка, информативна ставка во која не се објаснуваше како технички сетоа тоа би функционирало.

Во Македонија веќе постои локална крипто-валута, Вевчански личник, кој иако е базиран на ETH и се извршува како паметен договор фигурира повеќе симболично и нема баш конкретна примена, туку е еден вид на модерно дополнување во вевчанската приказна. Сепак во суштина идејата на оваа крипто-валута беше да помогне во промоција на оваа туристичка дестинација. Повеќе за Крипто Личникот може да прочитате во интервјуто со поранешниот градоначалник на Вевчани, Сашо Јанковски.

Бидејќи во барањето на Независната угостителска комора ни недостасуваа техничките детали за како угостителите би ја примениле технологијата, односно реално би ги искористиле криптовалутите и блокчејн технологијата за вистинска придобивка на угостителската индустрија, иако за тоа има совршени примери, решивме да побараме објаснување на темата од претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Што е НУК?

НУК – Независна угостителска комора e специјализирана независна комора која ги претставува и штити интересите на угостителите и угостителската индустрија и како таква е единствената комора формирана од постоењето на самостојна Македонија. Сите останати комори кои во моментов работат се туристички комори кои во своето работење покрај останатите сектори го опфаќаат и секторот угостителство. НУК согласно законот за комори е независна, неполитичка и непрофитна организација формирана од 67 реномирани угостители за потребите на сите угостители.
Дел од членовите на НУК – фото twitter.com/nukskopje

Кажете ни нешто повеќе за овој крипто-коин, како ви е замислено дека ќе функционира?

Секојдневно сме сведоци дека се повеќе држави и разни индустрии покрај стандардните начин на плаќање изразени во разни глобални т.н. фиат валути веќе воведуваат и дозволуваат можности за плаќања и директно со најпознатите крипто средства. 

Доколку иницијативата НУК за издавање глобален алтернативен крипто-коин наиде на прифаќање од угостителите и поддршка од соодветни партнери и инвеститори би можеле ја реализираме идејата со развој на самостојна блокчејн технологија на која би се креирал и издал овој независен крипто-коин со кој би овозможиле сите цени на угостителски услуги во угостителските објекти на локално и глобално ниво да бидат изразени и плаќани со истиот. На овој начин би создале угостителска валута т.н. угостителско крипто средствo – коин наменет за користење во туристичко угостителската индустрија. Поради процесот на усогласување на разни законодавни регулативи во Македонија за реализација на оваа иницијатива на локално ниво веројатно ќе ни треба подолго време, затоа во моментов нашата иницијатива би ја ориентирале кон издавање на крипто средство – кориснички токен (анг. utility token) пропратен со соодветен паметен договор (анг. smart contract) на постојна блокчејн технологија со кој веруваме дека би имале побрз придонес и повеќе ефект за угостителите со неговата употреба како алтернативен начин и основ за обезбедување на финансиски средства по основ на продажба на идни угостителски услуги платени по сегашни загарантирани и повластени цени. 

На овој начин би им овозможиле на угостителите самостојно да можат да обезбедат неопходни финансиски средства од авансни продажби на угостителски услуги за своите угостителски објекти како што се хотели, ресторани, кафетерии и клубови и истите да ги испорачаат на корисниците и инвеститорите на овие крипто средства во идно време по завршување на пандемијата и создавање на услови на нормално функционирање на туристичко угостителскиот сектор. Со овој процес популарно наречен „токенизација“ идејата е да извршиме дигитално конвертирање на одредени права врз средство или услуга во дигитален облик на одредена блокчејн технологија кое во нашиот случај, претставува право на сопственост на идно користење на одредена угостителска услуги – Пример: ноќевање во хотел претставено како дигитален запис изразен во кориснички токен пропратен со условите дефинирани во соодветниот паметен договор. 

Со други зборови, со поседување на крипто средството – кориснички токен всушност се располага со еден вид на доказ и потврда во дигитален формат дека сопственикот на тоа крипто средство поседува право од непроменлива природа на соодветна блокчејн технологија за користење на одредена услуга во случајов угостителска услуга која би можел да ја искористи во било кое време по цена загарантирана кога го стекнал правото на сопственост на крипто средството – корисничкиот токен.Реализацијата истовремено би им помогнала на угостителите самостојно и независно полесно и побрзо да обезбедат неопходни финансии за надминување на кризата и да ги санираат штетите и загубите кои ги трпат од пандемијата со ковид-19.

Од каде е идејата за креирање на сопствен крипто-токен и користење на криптовалути?

Како резултат на пандемијата угостителската индустрија на глобално ниво се соочува со големи штети и загуби поради ограничувањата на работа на угостителските објекти и ограничувањата на движењето на луѓето и туристите. Со еден збор целокупниот туристичко угостителски сектор е целосно колабиран. И покрај огромните приходи и промет што се реализираа во угостителската индустрија, поради предолгиот период на состојбата и неизвесноста со пандемијата од ковид-19 како никогаш досега енормно се зголемуваат минусните салда и наталожените обврски кои произлегуваат од смалениот обем на работа кај угостителите.

Банките, инвеститорите и владите се помалку издвојуваат финансиски средства да се поддржат угостителите во своето работење, додека туроператорите се помалку се осмелуваат стандардно авансно да инвестираат и закупуваат ресурси – хотелски комплекси поради целокупната неизвесност од состојбата со пандемијата. Ваквата ситуација ја остава туристичко угостителската индустрија на милост и немилост од времето и секој угостител да се снаоѓа сам како може и умее. Актуелноста и популаризацијата изминатиот период на блокчејн (анг. blockchain) технологијата и појавата на се повеќе комбинации и примена од крипто средства кои можат да служат за размена и плаќање на разни услуги и/или производи нè примора да размислиме, изнајдеме и разгледаме можности и начини за нивна реална примена во угостителската индустрија. Новите можности од информатичките технологии што ги нудат овие виртуелни средства создаде услови и простор за еден нов начин на размислување и пристап во идното работење на угостителите не само на локално туку и на глобално ниво.

Резултат на овие анализи доведе до предлози на решенија за надминување на проблемот од недостиг на гости, враќањето на довербата на соработката на угостителите, гостите и туроператори и туристичките агенции и можноста за достапност на алтернативни извори на финансирање за одржување на бизнисите – угостителската индустрија ни покажува дека може да надмине со издавање на независно крипто средство – кориснички токен кој би можел да се користи на глобално ниво како средство за размена, плаќање  и користење на услуги во угостителската индустрија.

Што ќе биде најголемиот бенефит од креирањето и користењето на овој токен? Кои се предностите од плаќањето со крипто валути кои ги очекувате доколку се прифати вашата иницијатива?

Во моментов во многу земји низ светот и во соседството веќе активно се користат одредени актуелни и познати крипто средства за онлајн плаќање на разни услуги и производи или директно во самите продавници и продажни места вклучувајќи и разни угостителски услуги во светски познати ресторани и хотели. Издавање на овој токен како финансиско средство/вложување му овозможува на инвеститорот (гостинот/туристот/купувачот) односно корисникот со негово купување и инвестирање да се стекне со одредени права за точно определени стандардизирани услуги или производи дефиниран со паметниот договор.

Всушност најголемиот бенефит од креирање и користење на токен во угостителската индустрија е пред се начинот и можноста за враќање на довербата за инвестирање или популарно кажано авансно купување на угостителски услуги од страна на гостите и туристите и нивно користење било кога во текот на годината односно наредниот период без да постои страв дека не би ја добиле платената услуга. Оваа можност постоела и порано, гостите и туристите да ги планираат своите одмори неколку месеци или дури години пред да ги реализираат, но за жал денес поради стравот од сите ограничувања во движењето кои ни се случуваат од пандемијата со ковид-19 скоро да не постои односно можност со сигурност пред или на време ги планираме и фиксираме нашите планови за бизнис патувања или годишни одмори. Целта е да се обнови можноста и начинот за стандардизирани угостителски услуги како што се ноќевања, разни угостителски услуги во ресторани, клубови и кафетерии да се понудат за продажба или инвестиција преку крипто средства по сегашни загарантирани повластени цени и истите благодарение на можноста на токените за нивната едноставна преносливост и трговија да се користат за добивање и плаќање на овие услуги во идно време. 

Како појаснување за бенефитот за гостите и угостителите би посочиле за можноста доколку денес инвестирате или купите 30 токени по некоја повластена цена со која ви е гарантирано во било кое идно време да можете да ги искористите како 30 ноќевања во точно дефиниран стандард на соба не во еден хотел на една фиксна дестинација туку во цела група на хотели на различни територии и дестинации сите со иста категоризација од 4-ѕвезди. Без разлика на цената која сега сте ја платиле пр. 35 евра за ноќевање корисникот на токенот секогаш ќе може да добие ноќевање за еден токен било каде во Македонија, Балканот или светот во соодветна стандардна соба во хотел од 4-ѕвезди без разлика дали во моментот на користење на ноќевањето цената за ноќевање би изнесувала 40, 90 или 140 евра.

Прифаќањето на користењето на овој токен во случајот од страна на хотелите како угостители би значело обезбедување на континуитет на нови идни гости во и вон сезона и можност на планирање на приходите по основ на понудата на своите услуги.

Фото Љупчо Џамбазовски на Pexels

Токенот треба да биде регионален. Дали тоа значи дека веќе има поддршка за идејата и од регионалните угостители?

Истражувањата што ги правевме за потенцијалниот интерес и поддршката за користењето на можностите на корисничкиот токен не беше направена само локално. Разговаравме со повеќе угостители и здруженија од регионот со цел да го дознаеме нивниот начин на размислување и очекувањата за нивната поддршка.  Нормално е можностите што се нудат од новите технологии да не се локализирани и ограничени со територии. Со оглед дека при глобална промоција на една ваква нова можност и услуги во угостителската индустрија како балкански регион ни дава многу повеќе можности и потенцијал размислувањата беа токенизацијата да не биде презентирана само кај македонските угостители туку во соработка со регионалните здруженија и комори ја презентираме и воведеме кај сите угостители од балканскиот регион со што би се зголемил интересот за купување и инвестирање од страна на корисниците и инвеститорите на овие токени со што би им овозможиле многу поголем избор во нивната употреба и користење.

Факт е колку повеќе угостители се приклучат и колку поголема поддршка би добиле за целата иницијатива толку се поголеми шансите истата да биде прифатена од што повеќе угостители кои ќе придонесат и овозможат побрза промоција и реализација на примената на корисничкиот токен како еден од можностите гостите да инвестираат за да можат да користат угостителски услуги по загарантирани и повластени цени.

Приходите од инвестициите во крипто ќе се исплаќаат авансно и ќе се инвестираат во угостителите кои ќе имаат за обврска добиените средства да ги враќаат и исплаќаат со реализација и испорака на сопствени угостителски услуги. Може ли подетално да ни го објасните ова, со некој пример?

Точно е финансиски средства од приходите односно инвестициите во токенот во зависност од големината на угостителите односно угостителските објекти и обемот на приходи што го остварувале пред и за време на пандемијата ќе бидат авансирани во висина од 10% до 30% од остварениот просечен годишен приход.

Она што е разлика во однос на постојните субвенции и финансиска помош која беше дадена од владите е дека приходите остварени од продажба на крипто средството – корисничкиот токен за угостителите и угостителската индустрија се наменети за постојни и новите членки на комората без разлика дали се локални или глобални кои припаѓаат во една од наведените групи на угостителски објекти или угостителски партнери: 

– СИТЕ ВИДОВИ КАТЕГОРИЗИРАНИ ХОТЕЛИ, МОТЕЛИ, КАМПОВИ И ОСТАНАТИ СПОРТСКО РЕКРЕАТИВНИ СМЕСТУВАЧКИ КОМПЛЕКСИ

– РЕСТОРАНИ, КАФЕТЕРИИ, БАРОВИ, НОЌНИ КЛУБОВИ

– СМЕСТУВАЧКИ КАПАЦИТЕТИ ОД МАЛ ОБЕМ – ВИЛИ, КУЌИ, АПАРТМАНИ И СЛИЧНО ЗА СЕЗОНСКО ИЛИ ЦЕЛОГОДИШНО ИЗДАВАЊЕ

– ТУРОПЕРАТОРИ, ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ И РЕНТ-А-КАР АГЕНЦИИ

– НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ, РАЗНИ МУЗЕИ, ТУРИСТИЧКИ ДЕСТИНАЦИИ И ЛОКАЛИТЕТИ

Генерално финансиските средства се наменски и можат да се искористат еднократно или како загарантирани месечни авансни приходи неопходни за одржување на функционалност на угостителскиот објект. Средствата можат да бидат и користени наменски за инвестиции во опрема или реновирање на објектот при што истите не влијаат на билансите на состојбата на задолженост кај угостителите туку напротив истите обезбедуваат загарантирани приходи од понудата на идните услуги.И она што е најбитно сите постојни и нови членки и основачи на НУК се стекнуваат со правото да бидат веднаш корисници на овие финансиски средства кои можат да изнесуваат од неколку илјади евра па до неколку десетина или стотина илјади евра и со единствена можност сите добиени средства да имаат обврска да ги враќаат и исплаќаат со реализација и испорака на сопствени угостителски услуги од нови гости инвеститори и корисници на крипто средствата. 

Освен како крипто-пријателска туристичка дестинација, дали има и некои други придобивки кои можат да ги привлечат крипто ентузијастите?

Нормално, ако со нашата најавена регулатива се дозволи можност за отворање на крипто берзи, крипто менувачници, можности за издавање и креирање на крипто коини и различни крипто токени не гледаме причина зошто фирми и лица кои имаат идеи за формирање на овие друштва односно издавање на крипто средства – коини и токени не би го направиле сето тоа од Македонија како стартап фирми.

Од друга страна доколку банките се спремни да го прилагодат нивното работење и ги намалат своите провизии и трошоци за плаќање исто така би имале дополнителни бенефити бидејќи со издавањето на крипто средства се прибираат со голем број финансиски средства – пари во фиат валути за кој е факт дека на крајот би завршиле на депозитни сметки на фирмите кои ги имаат во банките со што во еден момент не би ме чудело на тие сметки да се најдат од износи во висина од неколку десетици па до стотици и повеќе милиони евра. Познато е од друга страна дека актуелниот дневен промет од работењето на повеќе глобални крипто менувачниците и крипто берзите се брои во милијарди долари додека нивните провизии кои изнесуваат милиони евра во моментов се многу поголеми од било кои банкарски провизии. 

Со сигурност можеме да тврдиме дека одобрувањето за постоење на вакви менувачници и берзи кај нас, за банките што би го прилагодиле своето работење и помогнале и поедноставиле работењето и соработката со овие друштва ќе значи генерирање на огромни промети, приходи и добивки во повеќе финансиски индустрии и гранки.

Како ви е замислена техничката реализација на овој проект? Креирање на сопствена крипто-валута и систем за наплата со крипто? Дали би развивале свој систем, или би користеле некое конкретно решение и кое?

И покрај тоа што подолг период настојуваме да најдеме локални македонски партнери и стручни лица со познавање и искуство за примена на блокчејн технологиите со кои би направиле реализација на нашите идеи и иницијативи за издавање на крипто-коин досега не успеавме во тоа. Од друга страна факт е дека во подготовка ни е првична специјализирана веб платформа за резервации на угостителски услуги во угостителските објекти која ќе биде функционална исклучиво со плаќање и реализација на крипто средства односно нашиот кориснички токен. Издавањето и почеток на продажба на корисничкиот токен согласно постојната законска регулатива е планирано да го направиме до крајот на годината, додека платформата за негова примена, имплементација и користење веруваме дека ќе успееме да ја ставиме во функција до крајот на март 2022 година од кога би можеле и практично да се користат овие токени во угостителските објекти.


Ако имате искуство и познавање на блокчејн технологии, како и искуство во издавање, тргување и работење со крипто средства со соодветни паметни договори Независната угостителска комора ве повикува да се приклучите и да и помогнете со своите познавања, искуства и експертиза за поставување и имплементација на крипто менувачница и креирање и издавање на крипто коин и кориснички токени со што би придонеле во побрза реализација на иницијатива и идеите. 


За сите информации може да ги контактирате телефонски на 070-318279 или преку имејл на [email protected]

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk