Ел Салвадор: Добрата и лошата страна на воведувањето на Bitcoin како валута

на кратко

  • Ел Салвадор го прифати Bitcoin-от како официјална валута во септември, 2021.

  • Имплементацијата има и добри (пр. поевтини меѓународни трансфери), но и лоши страни (помала контрола за перење пари).

  • 70% од жителите во Ел Салвадор немаат банкарски сметки.

  • Се очекуваат долгорочни бенефити од користењето на Bitcoin како валута, особено преку странските инвестиции.

  • Кој ќе потроши три Bitcoin-и, добива дозвола за престој во Ел Салвадор.

Минатата недела дојдоа добри вести од Ел салвадор, македонскиот кодерски-тандем на татко и ќерка Јордан и Андреа Стојановски освоија прво место на биткоин хакатон одржан во склоп на LABITCONF конференцијата.

Конференцијата се одржа во главниот град на Ел Салвадор, Сан Салвадор. Изборот на градот во кој ќе се организира конференцијата е поради популарноста на криптовалутите во оваа држава – Ел Салвадор е прва држава која го прогласи Bitcoin-от за валидно платежно средство во земјата. Властите во Ел Салвадор отидоа и чекор понатаму, па од септември сите продавници како платежно средство мора да ја прифатат и оваа криптовалута. Главен „мотор“ на имплементација на криптовалутите во Ел Салвадор е претседателот на државата Наиб Букеле. Законот со кој се регулира плаќањето во Биткоин беше донесен за 24 часа по неговото поднесување во парламентот, а официјалната објава за додавање на Bitcoin за валидно платежно средство дојде во јуни оваа година на Bitcoin 2021 конференција во Мајами.

Bitcoin

Bitcoin

$62,100.39

BTC 3.07%


Додека кај нас дури сега актуелна тема стана копањето на криптовалути, се смееме на ГТЦ-БТЦ референци и секојдневно читаме за што значи копањето на криптовалути, а на тоа институциите гледаат како на некој вид криминал, Ел Салвадор, земјата со проблематична економија, се реши на еден многу храбар чекор – да биде првата земја во светот која ќе адаптира криптовалута како платежно средство.

Ел Салвадор

Ел Салвадор е независна држава со популација од 6,8 милиони жители која се наоѓа во Централна Америка. Граничи на североисток со Хондурас, со Гватемала на северозапад а на југ излегува на Тихи Океан. Главниот град е Сан Салвадор, кој воедно е и најголем град во државата. Службен и најзборуван јазик во државатаа е шпанскиот.

Официјалната валута во земјата од 2001 година е американскиот долар (USD), а од септември, 2021 и биткоинот (BTC).

Теренот се припрема уште од 2019 година

Тестовите за применливост на криптовалутите во секојдневното плаќање во Ел Салвадор започнаа пред неколку години. Во 2019 анонимен американски донатор испратил донација вредна над 100 000 долари во криптовалути на невладина организација во Ел Зонте. Ел Зонте беше мало рибарско село во кое рибарската индустрија е единствена можност за работа на жителите. Поради ова најголем дел од луѓето или се иселуваа или планираа да се отселат.

Оригинално донацијата била наменета за социјалните програми. Од невладината организација започнале да ги убедуваат луѓето и бизнисите да користат криптовалути. Жителите на Ел Зонте кои дотогаш немале ниту сметки во банка (честа пракса во Ел Салвадор) започнале да  штедат во криптовалути. Растот на криптовалутите придонесе и за пораст на заработката. Набрзо Ел Зонте го доби името „Bitcoin Beach“, туристи и биткоин ентузијасти започнаа да доаѓаат во посета, дел поради љубопитство, а дел и за да отворат сопствени бизниси бидејќи институциите не ги гледале по автоматизам како криминалци луѓето кои работат со криптовалути.

Успехот на Ел Зонте е една од причините поради кои Ел Салвадор се одлучи на имплементација на Биткоин како платежно средство на целата територија на државата, но не е и единствената причина. Криптовалутите го олеснуваат праќањето на пари од дијаспората назад во Ел Салвадор, на овие трансакции отпаѓа една петтина од бруто-домашниот производ на Ел Салвадор. Трошоците за трансакциите се високи, а дополнителен проблем е што 70 отсто од жителите на Ел Салвадор немаат банкарски сметки. Наместо ова, трансферите со биткоин и останатите криптовалути се значително поедноставна и побрза алтернатива.

Во 2020 дознаките од странство во Ел Салвадор изнесуваа 5,9 милијарди долари. Замената на банките со биткоин треба да ги намали провизиите за 400 милиони долари, тврди претседателот Букеле.

Користењето на криптовалути во секојдневните исплати секако носи куп придобивки, но за жал има и свои недостатоци. Од 1892 до 2001 година, официјалната валута на Ел Салвадор беше колон. Во 2001 година валутата беше заменета со американски долари кои денес се официјално платежно средство во државата. Целта беше да се олесни размената од долари во колони за голем дел од населението кое живее во САД и да се намали влијанието врз локалната валута кое го имаат приливите на долари од иселениците. Дополнително беше прифатен фиксен курс на од 8.75 колони за 1 долар. Иако колонот и натаму е официјална валута на Ел Салвадор во пракса не се користи и претежно има сентиментална вредност.

Една од причините за воведувањето на доларот наместо колон беа скоковитите промени на вредноста на валутата, а сега со биткоин, ова би можело да биде и поизразено. Во првите неколку денови од носењето на законот еден ваков шок и беше забележан…. За неколку дена цената на биткоин падна од 52 000 на 42 000 US долари.

Носењето на Bitcoin законот

Од 7-ми септември, 2021 година официјално во Ел Салвадор е на сила „Bitcoin закон“. Законската рамка им овозможува на граѓаните да го платат својот данок во биткоин, а секаде каде што има можност за плаќање треба да биде овозможено истото покрај американски долари да биде направено и со Bitcoin. Ако сакаат, трговците можат веднаш да направат промена на уплатите од биткоини во долари.

„Во Ел Салвадор се обидуваме да започнеме со дизајн на државата за иднината. Верувам дека биткоин може да биде една од овие идеи“, вели претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле.

За потребите на користењето на биткоин во финансискиот систем Ел Салвадор веќе потроши 2,7 отсто, или 200 милиони долари од државниот буџет. За првичното воведување Ел Салвадор купи 400 биткоини; неколку недели по стартувањето на биткоин законот, Ел Салвадор купи дополнителни биткоини и поседуваше 700 биткоини со тогашна вредност од 22 милиони долари. Од предвидените 200 милиони долари, 150 ќе бидат наменети за трошоци за конверзија од биткоин во долари.

Како мотивација за странски инвеститори, секој кој ќе потроши три биткоини ќе добие постојан престој во Ел Салвадор, а бидејќи биткоин е платежно средство, сите странци кои ќе се преселат во Ел Салвадор нема да треба да платат данок на капитална добивка ако вредноста на криптовалутата се зголеми. Државата е отворена за сите инвеститори, а Букели ги покани со зборовите:

„Одлично време, плажи за сурфање од светска класа, имоти на плажа на продажба.“

Купувачите или луѓето кои плаќаат може сами да одберат дали сакаат да користат биткоини или долари. Сите жители на Ел Салвадор кои ја преземаа државната апликација добија како подарок 30 долари во биткоин кои може да ги искористат како сакаат.

Но, сите не го поздравија воведувањето на криптовалути како платежно средство. Протести од околу 1000 граѓани го одбележаа додавањето на биткоин како платежно средство, а рејтинг агенцијата Moody’s веднаш го намали кредитниот рејтинг на Ел Салвадор. Неколку анкети покажуваат дека дури две третини од населението бара отповикување на Законот за биткоин.

Како се користи биткоин во Ел Салвадор

За користење на криптовалути за секојдневните трансакции се користи апликацијата Chivo Wallet (btw, сајтот блокира барања надвор од Ел Салвадор). Апликацијата на Google Play има над 1 милион преземања и средна оценка 2,8. Оценките во најголем случај поделени помеѓу 1 и 5, но во коментарите има сериозни забелешки за недостатоците на апликацијата.

Најголем број на забелешките се дека апликацијата не работи и дека корисниците воопшто не можат да се логираат. Дополнително има многу забелешки кои се однесуваат на багови и на бавната работа на апликацијата, дел од граѓаните се жалат и дека некои трансакции никогаш не го поминуваат „во очекување“ (pending) статусот, а дел се жалат дека за трансакциите понекогаш мора да чекаат и по три минути.

Претседателот на Ел Салвадор сепак вели дека над една третина од жителите на Ел Салвадор веќе ја инсталирале апликацијата.

Апликацијата е еден дел од целиот систем. За трансакции се поставени над 200 банкомати и уште 50 дополнителни локации на кои луѓето може да ги разменат средствата кои ги поседуваат од криптовалути во долари.

Имплементацијата можеше да биде и подобра…

Еден од најголемите недостатоци при имплементацијата на биткоин во Ел Салвадор беше недоволната едукација на луѓето. Најголем дел од луѓето на денот на воведувањето на биткоин како платежно средство не знаеа што е биткоин.

За голем дел на популацијата проблем е и ограничениот пристапот до интернет. Само една третина од популацијата користи интернет што донекаде соодветствува и со бројот на граѓани кои имаат банкарски сметки. Проблем е и покриеноста со интернет на целата територија на државата и ниската куповна моќ на населението.

By Karlalhdz – Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=106849281

Дополнителен предизвик на денот на пуштањето беше и недостапноста на апликацијата. На денот кога „Биткоин законот“ се официјализира, апликацијата „Chivo“ беше недостапна откако беше увидено дека е потребно да се зголеми капацитет на серверите по многуте барања кои пристигнаа. Апликацијата етапно беше пуштана за различни модели на телефони, иако системот веќе беше активен.

Какви се првите искуства…

Иако дел од предностите на воведувањето на биткоин се дискутабилни, еден сегмент нема никаков проблем. Уште од почетокот на имплементацијата испраќањето на пари од дијаспората кон роднините во Ел Салвадор е и поедноставно и поевтино. Неколку корисници на услугата за Coindesk го пофалија новиот начин за финансиски трансакции.

„Ги забележувам придобивките на праќањето пари преку телефон на моето семејство. Имама два члена на семејството на кои им праќам пари и досега морав да пратам трансакциски трошоци двапати“, вели Хозе Сантанеко кој емигрирал во Сан Франциско.

Поголем проблем претставува другата страна, односно онаа која ги добива парите. Често ова се повозрасни луѓе кои не се снаоѓаат ниту со паметни телефони, а криптовалутите, и апликацијата Chivo се дополнителен предизвик. За пошироко прифаќање ќе мора да се работи на нивна едукација.

Некои жители на Ел Салвадор го прифатиле биткоин уште и пред официјалното носење на законот. Нивното искуство покажува дека во прво време интересот за плаќање со биткоин не бил голем. Проблем за луѓето кои добивале исплати во биткоин била големата провизија од 10% при трансакција, па наместо да ги менуваат ги чувале криптовалутите во новчаниците. По носењето на законот овој трошок го покрива државата.

Перењето на пари е огромен недостаток

Дел од експертите предупредуваат дека непроверените трансакции може да придонесат за перење на пари, па пари од продажба на наркотици, оружје или трговија со луѓе може да се префрлат од криптовалута во долари во Ел Салвадор. Потоа на овие пари нема нема да може никако да им се влезе во траг.

Плановите на завршуваат тука – Првиот Bitcoin град

Планот на претседателот на Ел Салвадор е далеку од завршен. Оваа недела Ел Салвадор го претстави својот план за првиот биткоин град. Во најавата дознавме дека Bitcoin City ќе биде првиот град кој ќе биде ослободен од данок на приход, данок на имот и данок на капитална добивка.

Градот ќе биде лоциран вдолж заливот Фонсека во близина на вулканска зона. Геотермалната енергија на вулканите ќе биде користена за креирање на електрани. Електричната енергија произведена од овие гео-термални електрани ќе биде користена за копање криптовалути, но и за напојување на градот.

Планот е градот да биде како и секој друг со станбени зони, трговски зони, ресторани, аеродроми, пристаниште, и железница. Градот ќе биде во форма на паричка, а во центарот ќе има плоштад со споменик на биткоин.

За финансирање на изградбата на градот ќе биде издадена „биткоин обврзница“ од 1 милијарда долари. Обврзницата е финансиски инструмент развиен од Blockstream на Liquid Network. Сумата од 1 милијарда долари, ќе биде поделена во два дела од по 500 милиони долари. Едниот дел ќе биде искористен за креира потребна инфраструктура за копање на биткоин, заедно со целата енергетска инфраструктура потребна за напојување на овие „рудници“. Со втората половина ќе купат биткоин.

Според најавата изградбата на Bitcoin City ќе започне веќе следната година.

Планот за „биткоин обврзницата“ е да доаѓа со дополнителен купон од 6,5%. Првите пет години обврзниците ќе останат „замрзнати“. По пет години дел од овие обврзници ќе бидат продадени и инвеститорите ќе добијат дополнителен купон. Издавањето на овие обврзници е втемелено на огромен раст на цената на биткоин во следните 10 години. Според моделите кои ги користи Blockstream цената на 1 биткоин за 5 години ќе достигне 1 милион долари.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
3 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] донатор во 2019 година во социјални програми ја започна крипто револуцијата во државата. Сѐ започна во крајбрежното гратче Ел Зонте. Градот, […]

trackback

[…] разлика од властите во Ел Салвадор кои не ја кријат инвестицијата во криптовалути, Бутан […]

trackback

[…] ја изедначи својата валута со криптовалути досега е Ел Салвадор. Централноамериканската држава започна со првите […]

види ги сите огласи на kariera.it.mk