Како во Европа, така и во Македонија се цели кон законодавство кое ќе им гарантира приватноста на интернет корисниците. Идејата е да им се даде правото да бидат заборавени на Интернет, и нивните лични податоци да бидат целосно тргнати од сите друштвени мрежи и сите онлајн сервиси на кои се регистрирале во долгогодишното користење. Но, според Дирекцијата за заштита на податоци (ДЗП), овој предизвик не е толку едноставен.
„Правото да бидеме заборавени на Интернет мора да биде точно прецизирано за да биде корисно, а не да му штети на самиот корисник на Интернетот ниту, пак, на социјалните мрежи и другите веб-сервиси.“, одговара ДЗП на прашања на читатели на Нова Македонија. „За да се постигне оваа цел, правото да бидеме заборавени на Интернет треба да се однесува само на личните податоци што ние самите ги креираме за нас, а не на тоа кој што кажува за нас на Интернет“.
ДЗП се согласува со еврокомесарката за правда, Вивиен Рединг, дека треба да се воведе право граѓаните да бидат заборавени на Интернет, но истовремено велат дека „мислењата се поделени“ бидејќи модернизацијата на законодавството не оди во корист на друштвените мрежи и другите бесплатни онлајн сервиси кои сакат да заработат од корисничките податоци преку таргетирано рекламирање.
Засега, битката за приватноста се води на европското бојно поле, помеѓу Европската Унија и онлајн сервисите. Исходот од таа битка, ќе го диктира и законодавството во Македонија.
„Дали правото да бидеме заборавени на Интернет ќе заживее, останува да се види по конечната финализација на текстовите на новите, модернизирани европски регулативи за заштита на личните податоци“.