Горјан Јовановски: Животната средина секогаш е дел од нашата мисија и визија

во Вести

Пред две години, кога решија да градат B2B продукт, Горјан Јовановски и Драган Гелевски мораа да смислат ново име, кое секогаш беше привремен избор. Изборот падна на EarthCare.ai, но како што вели и Горјан: „Секогаш велевме дека кога ќе имаме подефиниран правец, продукт и клиенти, ќе мора да смислиме нешто подобро што ќе соодветствува на новата насока“. Со фокусот на енергетската индустрија и нејзината потреба за прецизни метеоролошки прогнози, изборот падна на hylosense. Името е кратенка од hyper-local sensing, поле во кое компанијата полека станува вистински експерт.

Покрај ребрендирањето со Горјан разговаравме за учество на стартап натпреварот во Хонгконг, за состојбата со животната средина во Македонија, и за учеството на ЗХГ на локалните избори кои ќе се одржат во октомври.

Горјан Јовановски на Techstars, Германија

Што беше главната причина за ребрендирањето од EarthCare.ai во hylosense? Што е hylosense?

Уште пред 2 години кога решивме да градиме B2B продукт, имавме многу кратко време со Драган (ко-основачот) да смислиме ново име, и се решивме за EarthCare како природен развој од апликацијата AirCare. Но секогаш велевме дека кога ќе имаме подефиниран правец, продукт и клиенти, ќе мора да смислиме нешто подобро што ќе соодветствува на новата насока.

Кога се насочивме кон енергетската индустрија и нивната потреба за добри метеролошки прогнози (со цел да знаат колку струја ќе произведат), се роди hylosense. Името всушност е скратено за hyper-local sensing, поле во кое полека но сигурно станавме експерти. 

Сега градиме метеролошки модели за енергетски фирми кои произведуваат, дистрибуираат или доставуваат енергија, и им помагаме да се многу попрецизни во проценката колку од се тоа ќе направат секој ден, дури и до 60% подобро од порано.

Дали ребрендирањето е предизвикано од нова визија или мисија? Дали сега имате поширок фокус освен грижата за животната средина?

Животната средина секогаш е дел од нашата мисија и визија. Со енергетската транзиција кон обновливи извори, помагаме директно да се заштити средината. Еко-активистите во нас секогаш живеат, и секогаш гледаат како може да останеме искрени кон првичната мисија, но сепак да изградиме профитабилна фирма што може да прави вистински импакт.

Драган Гелевски во седиштето на Audi, Германија

Можете ли да ни кажеш нешто повеќе за натпреварот во Хонг Конг? Која е важноста на оваа покана за hylosense?

Нашиот иницијален пазар е Европа, бидјеќи е лесно пристапен и веќе ги имаме погодните конекциите, временска зона и јазик. Но никогаш не сме размислиле за Далечниот Исток, бар не додека не добивме имејл за покана да учествуваме во тамошниот натпревар на стартапи.

Искрено се двоумев дали да одвојам време, знаејќи дека има 2 процеси на селекција а ние секогаш имаме премногу работа, но сепак решив да му дадам шанса. Бевме пријатно изненадени дека судиите решија да сме дел од топ 100-те глобални компании кои се поканети да се дел од овој настан!

Што значи за македонска стартап компанија да биде меѓу топ 100 најатрактивни компании на светско ниво?

Вакви настани има многу, и да речам дека баш еве ова е најголемиот престиж, ќе ми превртат очи другите претприемачи кои го знаат ова поле. Но од друга страна, повторно е доказ дека не само што се бориме на глобална сцена туку и победуваме, без разлика што сме мал тим од Тафталиџе. 

Тој дел ме прави најгорд, да кажам дека и покрај сите потешкотии да си македонски стартап, ваквите моменти ни даваат ветар во грб да одиме напред и до краеви на светот на кои и не сме помислиле.

Патувањето е одлична можност за нови партнерства. Со кои компании би сакале да се поврзете во Азија и зошто?

Ние тој пазар уште го немаме истражено, затоа многу ме радува дека не само во Хонг Конг туку и преку (поранешната граница) сега ќе одиме и во Шенџен, Кина. Тие пазари се денес дел од иста држава, но се имаат доста различно развивано последните децении, што за нас е учење од две места во исто време. 

Ќе гледаме да се поврземе со локални енергетски компании бидејќи слабата временската прогноза е светски проблем.

Кои се вашите очекувања од ова патување? Што според тебе би било најдобар исход?

Искрено, за мене ќе биде најголем успех да склучиме едно партнерство со голема енергетска компанија од тој регион. Знаеш како одат тие работи, штом еден реши да работи со вас и има добри резултати, и другите веднаш сакаат.

Имаш ли и лична мотивација за активизам за здрава животна средина? Како го балансирате претприемништвото со активизмот? Дали овие две улоги се надополнуваат или понекогаш се судираат?

Секогаш, еве веќе 10+ години го работам тоа како моја искрена пасија. Да, некогаш е тешко да се балансира со водење стартап, бидејќи и двете земаат не само многу време туку и многу енергија. Но кога си во позитивна заедница со други претприемачи или други активисти, сѐ е многу полесно. Знаеш дека не си сам, и имаш рамо за потпора (и некогаш плачење).

Што велат податоците кои се најголемите предизвици со кои се соочува Македонија во однос на загадувањето и климатските промени?

Нас нѐ чекаат многу топли лета, и благи зими. Снег поретко ќе гледаме, а може и полека да снемува на скијачките центри. Воздухот остана нерешен проблем, и сите се спремаме за зима кога повторно ќе се затвориме дома – само од оваа година тоа стана проблем и во лето. За жал, немањето вистински план (а и закон) за справување со климатски промени покажува дека тоа не е, и нема да биде приоритет во блиска иднина. А цената за тоа веќе ја плаќаме.

Kакви промени би сакале да видите во програмите на кандидатите за локалните избори во однос на животната средина? Иако не си на советничката листа, беше член на Советот на Град Скопје, според тебе што е потребно за да се постигне вистинска промена на локално ниво?

Јас, заедно со сите во ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, не сакаме да градиме кариери во политиката, и затоа оваа година имаме нови активисти што ја предводат нашата советничка листа. Ние кои собравме 4 години искуство сега ќе станеме еден вид ментори на другите да го пренесеме нашето знаење многу побрзо до нив.

Со ваков пристап, покажуваме дека нит го правиме ова за пари, нит за тендери, туку со цел да може да останеме да живееме во ова наше Скопје, и да не сме приморани да се иселиме од тука.

За мене тоа што сакам да видам кај кандидатите е доказ дека работеле и волонтирале бар 5 години без да бараат ништо за возврат, пред да се кандидираат. Некој што покажал дека го сака Скопје и Македонија искрено, бидејќи тоа го заслужуваме после сите овие маки.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments