Стартап на месецот: Како Вендор создава е-продавница за помалку од минута

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia, во која    секој месец профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

Што е Вендор?

Вендор е платформа која овозможува брза изработка на е-продавници и поврзување со секаков тип на e-commerce инфраструктура која е потребна за компаниите и поединците да можат да продаваат онлајн.

Целата филозофија на Вендор и двајцата браќа позади оваа e-commerce платформа, Дејан и Бобан Милосавлески е многу едноставна – помогни онаму каде што можеш да помогнеш.

“Вендор платформата овозможува симбиоза на сите поединечни процеси што еден бизнис ги има, без разлика дали е онлајн или офлајн физичка продажба, и им ја олеснува работата на сите продавачи, бизнис тимови и генерално на брендовите,“ вака Дејан го објаснува својот стартап.

Дејан Милосавлевски

Почетоците на Вендор се наоѓаат во тетовското село Вратница, родното место на Дејан и Бобан. Двајцата се програмери, и како што велат, она што ги довело да влезат во претприемништвото подоцна станува и нивен начин на живот. 

“Сакавме да заработиме пари за да одиме во чаршија, и првото нешто што ни дојде на памет беше печатење на маици. Меѓутоа, решивме да одиме и чекор понатаму и да видиме што може да иновираме. Уште од мали сме така растени и сакавме да бидеме иновативни и да работиме на најразлични предизвици. Така, рековме ајде да направиме нешто за што има потреба – а за да го разбреме ова не ни требаше некаква бизнис школа или слично. Сфативме дека еден бизнис може да просперира само доколку решава некаков проблем,“ раскажува Дејан, помалиот од двајцата браќа, кој воедно е и извршен директор на компанијата.

Иако во семејството немале претприемачи, уште како студенти го почувстувале поривот за градење на нешто свое. Нивниот прв подвиг во бизнис светот бил создавањето на, како што ја опишуваат, “Златната книга на стероиди“, односно Бизнис Каталог. Преку оваа платформа тие започнуваат со дигитализација на бизнисите од западна Македонија. 

“Ја фативме дигитализацијата на западна Македонија и направивме продукт што ги листа бизнисите не само со телефонски број и адреса, туку и со професионална фотографија. Собравме пари и купивме еден апарат од 24 илјади денари и одевме да фотографираме. Потоа, ова се разви во сериозна фотографска индустрија. Преку нас поминуваа голем број на фотографии во првата година, а само во првата недела имавме околу 40 клиенти,“ вели Дејан.

Покрај каталогот, клиентите потоа од нив почнале да бараат и изработка на вебсајтови. 

“Па така почнавме и со тоа, да правиме и сајтови за овие клиенти. Од тука исто така развивме и еден посериозен пристап кон веб девелопмент,“ објаснува Дејан, додавајќи дека во тој период доаѓа и до основањето на ИТ компанијата која сега стои позади Вендор, односно дигиталната агенција Алтиус.

Во следните години Алтиус се развива и расте, и притоа добива клиенти од рангот на Ричард Орлински, еден од најпознатите пост-модерни скулптори на денешницата. 

Токму во соработката со Орлински се случува и еден клучен момент, кој потоа ги насочува кон новото поглавје од нивниот бизнис. 

Еден ден тимот погрешил милионска продажба за Орлински, и имале преку 300 илјади евра за рефундирање. Причината, пак, била во тоа што платформата што ја користеле во тој момент не можела да постигне толкав обем на работа.

Бобан Милосавлевски

“Тогаш Бобан рече или сега ќе правиме нешто или се враќаме на едно ниво подолу. Тоа беше во 2019, и во тој момент рековме доста е од аутсорсинг, ајде да направиме нешто наше,“ раскажува Дејан. 

Додека следниот период е посветен на развој на Вендор како платформата, следната година и почетокот на КОВИД-19 пандемијата им дава уште поголем моментум.

“Звучи чудно, но тоа беше еден одличен момент да ја искористиме можноста што ни ја даде самиот КОВИД-19 за со време да започнеме со дигитализација на компаниите. На еден начин Вендор беше месијата кој се појави во вистинското време, бидејќи кога имате едно целокупно движење за дигитализација, вие секако веќе сте качени на тој воз,“ додава Дејан.

Додека како што велат и двајцата, не измислувале “топла вода“, создавањето на Вендор сепак бил еден доста интензивен процес. 

“Ни требаше да се постават овие процеси и да ги решиме сите неопходни интеграции. На почетокот немавме инвеститори или ментори, па се одлучивме да го искористиме сопственото искуство. Сме работеле на преку 500 e-commerce сајтови кои функционираат, па така потребно ни беше да видиме што имаат конкурентите и што ние од тоа можеме да земеме и имплементираме. Почнавме, се мачевме и ги правевме алгоритмите – во првите година дена бевме околу 20 програмери и тука имаше доста напред-назад со самиот развој,“ раскажува Дејан.

Во 2021 Вендор и официјално почнува да постои како SaaS. За да го регистрира како правен субјект пак, Дејан морал да излезе од Алтиус и во период од шест месеци тој фактички е невработен, додека ги води процесите на двете компании – Алтиус и Вендор. 

Дејан Милосавлевски

“Паралелно имав две компании, едната чекаше на отворање додека другата работеше со полна пареа. Но ете, немав здравствено осигурување во тие месеци, а ова на некој начин ја отсликува и реалноста на стартап светот во Македонија,“ објаснува тој. 

Во рамките на поделеноста на внатрешните процесо во Вендор, Дејан повеќе е задолжен за техничкиот дел од процесите, додека пак Бобан го предводи делот за продажба и маркетинг.

Типичниот македонски клиент на Вендор се новите трговски брендови кои сакаат брендирање, маркетинг и свои е-продавници. Првиот клиент се појавил од нивната непосредна мрежа и како што вели Дејан, целиот тој момент бил борба помеѓу него и Бобан, и различните размислувања околу тоа дали треба да се лансира платформата или не. 

“Пуштивме кампања првата недела и од некои 10 потенцијални клиенти успеавме да потпишеме договори со 4 од нив,“ вели Дејан, додавајќи дека како добивале нови клиенти, така учеле и да се адаптираат на новите барања. Сепак, премногу адаптирање некогаш и не е на добро, додава тој.

“Кога правиш продукт не можеш да се адаптираш на секој клиент па имавме застој во развојот поради тоа. Имавме клиент кој покрај е-продавницата сакаше да направи и свој корпоративен вебсајт, па така успеавме да ја направме и таа функционалност. Потоа направиме и агрегатор на производи за тој клиент, но самиот тој процес ни одзема некои 6-7 месеци. Кога се адаптираш клиентите ќе те фалат и сето тоа звучи одлично, но сепак тука ја губиш големата слика, и ова беше една од најголемите лекции коишто ги научивме,“ објаснува Дејан.

Ваквите грешки довеле и до тоа дел од тимот да си замине – уште една лекција за тоа какви се предизвиците во стартап светот.

“Не беа задоволни и не гледаа резултати. Работевме на премногу функционалности, никогаш не можевме да стигнеме до продукција, едноставно не можевме да прославиме за тоа што го направивме. А многу е важно да можеш да погледнеш позади и да видиш што си постигнал,“ потенцира Дејан.

Во моментов пак, и двајцата браќа се пресреќни поради тоа што секоја нова кампања им носи се повеќе клиенти и им овозможува да продаваат, а со сето ова тие ја остваруваат и сопствената голема слика – создавањето и развивањето на македонскиот e-commerce екосистем.

Дејан и Бобан

“Имаме производ што функционира и што на некого му олеснува. Понатаму, она што сме го замислиле досега сме успеале и да го оствариме и Вендор сега функционира онака како што треба. Ова секако ни дава и стимул за понатаму, бидејќи нашата идеологија е да решаваме проблеми и почнавме да се фокусираме на Македонија бидејќи сме земја која  треба да се развива во овој дел,“ посочува Дејан.

Колку е потребно за еден нов продавач да отвори своја е-продавница преку Вендор? Според Дејан, првичното поставување може да се направи за помалку од една минута. 

“Целата инфраструкура од технички аспект се подигнува за 50 секунди. Ние овозможуваме креирање на е-продавница, да ја направите до перфекција и со сите функционалности и по сите стандарди. Целата идеја за креирање на е-продавница беше автоматизација и алгоритам на модули каде што има преку 50 компоненти на e-commerce и истите може да се комбинираат во сите можни варијации и различни стилови,” детално појаснува Дејан.

Но Вендор не застанува кај создавањето на е-продавницата, туку тој потоа служи како “продолжен кабел на кој може да се поврзат најразлични трети системи – CRM, ЕRM системи што читаат залихи, или пак буквално најголемите софтвери во индустријата”. 

Секако, тука се и желбата и плановите за имплементирање на нови технологии како што се аугментирана реалност (AR).

“Имаме пасија околу аугментирана реалност и многу природно ни доаѓа да го вметнеме тоа во Вендор. На пример, како би изгледале поскапи часовници на рака и слично, и тоа се само дополнителни алатки кои брендовите ќе можат да ги користат во своите продавници,“ вели тој.

Поради леснотијата со која се комплетира овој процес, многумина мислат дека позади Вендор стои тим од десетици, ако не и стотици вработени. Но реалноста е многу поинаква.

“Ние сме околу 12 вработени, а луѓето за нас мислат дека сме околу 100 вработени. Имаме три тима што работат на технологии и маркетинг, и севкупно и со аутсорсинг тимот, компанијата ја сочинуваат околу 20тина луѓе,“ додава тој. 

Неодамна, компанијата доби и ангел инвестиција вредна 60 илјади евра. Од самиот почеток пак, развивањето било целосно преку бутстрапинг (вложување сопствени средства) и не размислувале посериозно за да исконтактираат инвеститори. Секако, додека не биле приморани на еден ваков чекор.

“Со бустрапинг е возможно да дојдете до некој вид на МВП (минимален остварлив производ) но реално, се останато е невозможно. Па така на секои 2-3 месеца ја размислувавме можноста за инвеститори, и на стартап викендот во Охрид отидовме со таа цел. Немавме ни презентација, па додека патувавме натаму ја склопувавме. Потоа остваривме доста контакти, и на некој начин неприродно дојде до тоа да најдеме инвеститори. Сега работиме на тоа да обезбедиме поголема инвестиција и одиме со странските фондови. Заклучокот тука е дека не можеш сам и ти треба помош од разни луѓе и експерти,“ потенцира Дејан.

Очекувањата од инвеститорите пак, се различни. Иако до некој степен тие бараат пасивност и да нема постојан притисок, истовремено очекуваат и тие инвеститори да се активни и да им помогнат со нивната мрежа и наоѓањето на контакти. 

“Очекуваме добра комуникација и да најдеме екипа која што ќе донесе до следната инвестиција и ширењето надвор на странските пазари,“ вели Дејан, потенцирајќи дека крајната цел на Вендор не е тие да бидат супериорната e-commerce платформа, туку во еден момент да постигнат и exit. 

Не сакаме да се бориме со гигантите, туку сакаме Вендор да го дадеме на гигантите и да ги решиме нивните болни точки – па така целта може да биде и откуп од страна на компании како WooCommerce, Shopify и слично,“ додава тој.

Во поглед на стартап екосистемот во Македонија, она што е доста возбудливо е што во земјата има талент, посочува Дејан. Но, моментот што го прави несреќен е тоа што кај младите се почесто се јавуваат нереални очекувања околу работењето во ИТ индустријата. 

Денес младите многу се откажуваат ако веднаш не видат резултат и ако не го добијат тоа што го очекуваат во краток период. А ова ни отвора сериозни проблеми во ИТ заедницата бидејќи не можеш да најмиш млади за сериозен проект за кој треба искуство, а никој не сака да го изоди тој пат за да добие искуство. Истото е и со претприемачите, лесно се откажуваат, додека целата идеја на стартапот светот е дека постојано работиш и се мачиш за да дојдеш до раст и успех,“ вели тој.

Дополнително, според него целата фама дека ако си програмер ќе заработуваш илјадници евра плата им штети на бизнисите како Вендор. Како резултат, станува мошне тешко да се најдат истрајни млади професионалци кои се подготвени да го изодат тешкиот пат. 

Стартап заедницата може да помогне во тоа, да вади и кадар кој ќе знае да се чувствува како претприемач и кој ќе знае да влезе во стартапите. Да знаат дека кога ќе влезат во еден стартап нема да имаат 1,500 евра плата и да бидат сениори, дека ќе имаат маси за билјард и пикада, туку да знаат дека ќе влезат за да учат и да се присобат на реалноста, да се промени таа култура. Еве и ние имаме тука едно пикадо, но никој не игра поради тоа што нема време за такво нешто,“ заклучува Дејан. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Aleksandar
Aleksandar
3 months ago

Mi se sviga devojkata so farmerki i crna kosula..moze li da dobijam kontakt?