Во изминативе неколку недели, светот на технологијата беше преплавен со вести за хардверски грешки, иновативни производи и промени во цените на популарни уреди. Од новиот дефект кај RTX 5080 кој ги загрижува гејмерите, преку најавата на Framework за нивниот прв модуларен десктоп компјутер, па сè до значајниот чекор на Amazon во квантните компјутери – ова се некои од најинтересните теми од светот на хардверот. Дополнително, Sony прави чекор напред со намалување на цената на PS VR2, додека AMD ја освежува својата графичка линија со новите Radeon RX 9070 и 9070 XT. Во продолжение повеќе детали за овие случувања и нивното значење за индустријата и корисниците.
И RTX 5080 со фабричка грешка
Минатата недела пишувавме за проблемите со Nvidia RTX 5090 и 5070 Ti графичките картички, кои беа испорачани со помал број на рендер единици (ROP) од наведеното. Сега, се појавија информации дека сличен дефект е забележан и кај моделот RTX 5080. Овие инциденти повторно ги отвораат прашањата за контролата на квалитет во Nvidia и сигурноста на најновите графички картички од серијата RTX 50.
Eден корисник забележал дека неговата RTX 5080 картичка има активирани само 104 ROP единици наместо очекуваните 112, пишува Tom’s Hardware. И покрај обидите за реинсталација на Nvidia драјверите, алатката GPU-Z продолжила да прикажува 104 ROPs, што укажува на хардверски проблем. Oва е првиот пријавен случај за RTX 5080. Со оглед на тоа што веќе постојат потврдени случаи со RTX 5070 Ti кои го користат истиот GB203 графички процесор, ваквиот дефект кај RTX 5080 нема да биде изненадување.

Nvidia веќе потврди дека помалку од 0,5% од произведените RTX 5090, 5090D и 5070 Ti картички го имаат овој проблем. Компанијата препорачува на сите сопственици на ваквите модели да ги вратат картичките кај производителите за замена. Според официјалното соопштение на Nvidia, просечното намалување на графичките перформанси изнесува 4%, без влијание врз AI и Compute процесите. Компанијата истакна дека проблемот е откриен и коригиран во понатамошното производство.
Nvidia призна дека дел од графичките процесори се испорачани со помал број на активирани ROP единици од спецификациите. За жал сè уште не е јасно зошто се случил овој пропуст. Конфигурацијата на GPU се поставува во фабрика од страна на Nvidia. Речиси е невозможно производителите на картичките да ја променат. Ова отвора дополнителни прашања дали ваквите случаи ќе се повторуваат и во иднина.
Framework најавува модуларен десктоп компјутер
Framework, компанијата позната по своите модуларни лаптопи, сега ја проширува понудата со својот прв модуларен десктоп компјутер – Framework Desktop. Секако десктоп компјутерите и досега беа модуларни, ама Framework сака да го поедностави процесот на надградба и поправка. Компанијата дизајнираше производ што ќе биде достапен и за корисници кои се „алергични“ на технички термини како „термална паста“.
Она што Framework Desktop го прави посебен е интеграцијата на новиот AMD Ryzen AI Max чип, претставен на CES во јануари. Овој APU (CPU и GPU во еден пакет), дизајниран слично како Apple Silicon, овозможува високи перформанси без потреба од дискретна графичка картичка. Поддржува 1440p гејминг и локални AI функционалности. Сепак, постои компромис – RAM меморијата е залемена на матичната плоча за да се постигне брзина од 256GB/s, нешто што стандардниот RAM не може да го понуди. Framework ветува фер цени за меморијата.
Десктопот користи Mini-ITX куќиште со персонализирана матична плоча која вклучува ATX хедери, PCIe x4 слот, USB4, DisplayPort, HDMI и 5G Ethernet портови. Поддржува складирање до 16TB преку PCIe NVMe слотови и има два предни слота за Framework Expansion Cards. Напојувањето е 400W, компатибилно со стандардни 120mm вентилатори. Куќиштето е достапно во црна или транспарентна верзија, а предната страна содржи 21 заменлива плочка, кои корисниците можат и сами да ги дизајнираат или 3D-печатат.
За оние што сакаат да направат сопствен систем, матичната плоча ќе биде достапна по цена од 799 долари, додека основниот модел со AI Max 385 и 32GB RAM ќе чини 1099 долари. Најмоќниот модел со AI Max+ 395 и 128GB RAM ќе се продава по цена од 1999 американски долари. Сите модели се достапни како DIY изданија, што значи дека корисниците сами ќе можат да изберат диск и оперативен систем. Претпродажбата е веќе започната, а испораките ќе започнат во третото тримесечје на 2025 година, пишува Engadget.
Amazon го претстави Ocelot
Amazon го претстави Ocelot, нов квантен чип кој користи „cat qubit“ за значително намалување на трошоците за корекција на грешки во квантните компјутери. Оваа иновација ветува намалување на трошоците за корекција на грешки до 90% во споредба со постојните методи, што претставува значаен напредок во развојот на практични квантни компјутери.

Оцелот користи нов дизајн кој имплементира „cat qubit“, кои природно потиснуваат одредени видови грешки. Оваа архитектура, вклучува дополнителни компоненти за квантна корекција на грешки во микрочип, и е дизајнирана за скалабилно производство користејќи процеси од микроелектроника. Со тоа се намалуваат потребните ресурси и трошоци за корекција на грешки.
„Со неодамнешните напредоци во квантните истражувања, повеќе не е прашање дали, туку кога, практични, толерантни на грешки квантни компјутери ќе бидат достапни за реални апликации“, вели директорот на квантен хардвер на AWS, Оскар Пеинтер.
Според Amazon, оваа технологија може да го забрза развојот на практични квантни компјутери за дури пет години. Целта е да се намалат трошоците за квантни чипови на една петтина од сегашната, што би го направило квантното компјутерство подостапно за реални апликации. Иновацијата е дел од растечката конкуренција помеѓу големите технолошки компании за развој на практични и ефикасни квантни компјутери.
Sony PS VR 2 со нова цена
Добра вест за сите сопственици на PlayStation 5 кои се заинтересирани за виртуелна реалност. Sony во март ќе ја намали цената на PlayStation VR2 на 400 долари, 450 евра и 400 фунти. Одлуката доаѓа по критиките дека уредот бил прескап при лансирањето. Намалувањето на цената се однесува и на пакетот со играта „Horizon Call of the Mountain“.
Поголем проблем на Sony е што засега нема голем интерес од студијата за развој на игри за виртуелна реалност. Недостатокот на игри кои би ги заинтересирале купувачите е можеби и поголем проблем од превисоката цена на сетот.
AMD ги престави Radeon RX 9070 и RX 9070 XT
AMD ги претстави својата нови RDNA 4 графичка архитектура и првите две графички картички од серијата Radeon RX 9000: RX 9070 (по цена од 549 долари) и RX 9070 XT (по цена од 599 долари), кои ќе бидат достапни од 6 март. Објавата доаѓа во време на недостиг на графички процесори и високи цени. Двете се последица на зголемената побарувачка за вештачка интелигенција, што влијае на достапноста и на AMD и на Nvidia, пишува Tom’s Hardware.
Архитектурата RDNA 4 носи значителни подобрувања, особено во вештачката интелигенција и „ray tracing“. RX 9070 XT е базирана на Navi 48 чипот, се одликува со 64 Compute Units (CU), 2,97 GHz boost clock и 16GB GDDR6 VRAM, испорачувајќи 48,7 TFLOPS при FP32. RX 9070, со 56 CU и 2,52 GHz boost clock, нуди 36,1 TFLOPS.

AMD ветува значителни подобрувања во перформансите во споредба со претходната генерација RX 7900 GRE, при што 9070 XT покажува просечно зголемување од 42% во 4K игри и 38% на 1440p. Кај „ray tracing“ има и уште поголеми придобивки. Сепак, споредбите со Nvidia RTX 5070 Ti укажуваат на слични перформанси, додека Nvidia задржува предност во „ray-tracing“.
Лансирањето се соочува со потенцијални ограничувања во снабдувањето, што ги одразува предизвиците забележани кај Nvidia RTX 50 серијата. Побарувачката е висока, а фокусот на AMD на графички процесори за дата центри може да ја ограничи достапноста за гејмерите. Цените, иако конкурентни, веројатно ќе бидат повисоки поради пазарните услови.
AMD исто така ја најави серијата RX 9060. Моделот треба да излезе помеѓу април и крајот на годината. Гласините сугерираат потенцијал за понизок Navi 44 чип, кој ги таргетира корисниците заинтересирани за поевтини картички.







