Како што одминува времето, се чини дека некогашниот најдобар асистент на секој софтверски инженер, полека но сигурно ја губи битката со ChatGPT и останатите вакви AI модели.
Основана во 2008 година, Stack Overflow брзо стана примарна платформа за девелоперите да споделуваат решенија, да разговараат за предизвиците и да градат база од решени проблеми. Сепак, подемот на алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT сериозно го погоди Stack Overflow. Од лансирањето на ChatGPT пред две години, активноста на Stack Overflow значително се намали.
Студијата на Универзитетот Корвинус во Будимпешта покажа дека активноста на Stack Overflow се намалила за 25% во рок од само шест месеци од лансирањето на ChatGPT во ноември 2022 година. Во текот на изминатите две години, платформата забележа вкупно намалување од високи 50% во сообраќајот, прашањата и одговорите.
Овој пад најмногу ги погоди најпопуларните програмски јазици – оние со обемна документација што јазичните модели како ChatGPT можат лесно да ги користат.
Овие бројки покажуваат многу повеќе од промена во начинот на кој програмерите бараат одговори. Тие укажуваат на целосна културна промена, каде што заедничката размена на знаење се заменува со практичноста на брзите решенија обезбедени од AI алатките, наместо од луѓе.
Што сѐ промени ChatGPT во процесот на развивање софтвер?

AI алатките не го променија само начинот на пронаоѓање на потенцијални одговори, туку и го преобликуваа целосниот начин на кој работат програмерите. Директното генерирање на код од страна на AI алатките ја заобиколува традиционалната потрага по решенија и фундаментално го трансформира начинот на кој програмерите учат и решаваат проблеми. Додека пак, безбедноста и разбирливоста на генерираниот код од AI алатките е сосема друга тема.
Парадоксот на повторна употреба
Оваа промена во работата на девелоперите доведува до она што истражувачите го нарекуваат „парадокс за повторна употреба“. AI моделите како ChatGPT зависат од содржината генерирана од луѓе од платформи како Stack Overflow за да ја подобрат нивната точност. Меѓутоа, како што повеќе корисници се свртуваат кон AI алатките и помалку придонесуваат со ново знаење на форумите, протокот на нова содржина опаѓа. Овој недостиг на нови податоци ја ограничува способноста на моделите да се подобрат.
Овој циклус на повратни информации претставува предизвик за долгорочната ефикасност на AI алатките, особено за широко користените програмски јазици. Без континуиран прилив на нови информации, овие модели можат да дојдат до потенцијална стагнација.
Независноста станува сѐ поголем предизвик за луѓето
Широкото усвојување на AI алатките предизвикува загриженост за прекумерното потпирање на автоматски генерирани одговори, кои често се нецелосни или неточни. Оваа зависност води кон послаб квалитет на кодот и пречка за критичките вештини за решавање проблеми, особено за новите програмери.
Иако Stack Overflow се соочува со опаѓање, неговата улога во поттикнувањето на колективното знаење во ИТ заедницата останува суштинска.
Поради експанзијата на вештачката интелигенција опадна активноста и потребата од користење на Stack Overflow, но и тие се приспособуваат на новиот начин за развој на софтвер, па така лани ја лансираа сопствената AI платформа Overflow AI.
Останува времето да покаже дали Stack Overflow ќе успее да се избори со ChatGPT и останатите алатки од ваков тип.