Зошто да ја играте?
- Фанови сте на It Takes Two и сакате повеќе од истата незаборавна ко-оп забава
- Неверојатна колекција од различни мапи, перспективи и жанрови
- Релативно евтина игра на која може да ви се приклучи кој било од каде било

Секој месец се исфрлаат по стотици видео игри, правејќи ја гејмерската индустрија презаситен пазар. И покрај ова, фасцинантно е како само едно студио го држи монополот на крајно забавни ко-оп игри за двајца играчи. Во 2018-та година, Hazelight Studios ни дозволи да навлеземе во неверојатна затворска авантура со A Way Out. Паметиме како, на времето се зборуваше дека се работи за крајно уникатна игра која храбро го еволуира ко-оп жанрот. Три години подоцна, истото студио ја исфрли It Takes Two и го зацементира заслуженото место како кралеви на забавни ко-оп игри. И, тука е тајната на Hazelight Studios – забавата! Оваа студио разбира дека забавата секогаш мора да биде примарниот фокус.
Играта запали сѐ живо и диво со феноменалните гејмплеј механики и со одличните можности за заедничко решавање загатки. Сево ова е внимателно зачинено со квалитетен дизајн, симпатични анимации и незаборавна приказна. За нивната најнова игра, Split Fiction, не се зборуваше премногу и некои беа скептични дека на Hazelight Studios нема да им се посреќи по трет пат. Тука сме да ви кажеме дека Split Fiction е сѐ што беа првите две игри и многу повеќе. Најновото чедо на оваа талентирано студио уште еднаш успева да ве вовлече во впечатлива приказна, прекрасни светови и, секако, заеднички механики кои се крајно забавни.

Три многу важни работи за Split Fiction!
Како што ќе прочитате во долниот текст, Split Fiction е AAA издание. Кој што сака нека каже, во сржтта, играта е до тој степен квалитетно реализирана и оптизирана да комотно може да ги засрами и најголемите ААА наслoви. А, чини само 50 евра. Технични, ни толку. Имено, ако само вие ја купите играта, било кој ваш пријател може да ја игра со вас преку Friend Pass опцијата.
Тоа значи дека двајца пријатели би можеле да дадат по 25 евра и заеднички да си ја играат. Најдоброто од сево ова? Денес можете да играте со еден пријател, а утре со друг. Купената игра се врзува само за еден акант, но било кој друг акаунт, претходно поканет од вас, може да ѝ пристапи за заеднички играње. Уште подобро, вие може да играте на PS5, вашиот прв пријател на PC, а вашиот втор на Xbox. Ова е исклучително добра фер политика од страна на ЕА и навистина ни е мило што издавачите се решија за ваков потег.
И, како последна, трета работа која мора да ја знаете пред да навлезете во играта е тоа дека Split Fiction нема опција за самостојно играње. Сите механики и елементи се замислени за нудење ко-оп искуство за два играчи! Ова е одлична работа затоа што играта не била ни приближно толку забавна кога би се играла самостојно.




Забава²
Структурно, Split Fiction природно се надоврзува на механиките од It Takes Two, но во целосно различен универзум. Вие играте со една од две писателки. Едната е писателка на sci fi книги, a другата е на книги кои обработуваат фантазиски теми. За брзо време, започнувате скокање низ различни универзуми кои припаѓаат на овие два жанра, целосно оправдувајќи го името на играта. Приказната е прекрасно разработена, со многу впечатливи и емоционални моменти. Девојките се харизматични и полека, но сигурно, ќе ви се провлечат под кожа, принудувајќи ве да сакате да ги придружувате и да им помагате низ авантурите.
Многу е тешко правилно да се опише убавината на Split Fiction. Еден момент сте во еден крајно детален свет, а друг момент – во целосно различен свет. Често се скока и помеѓу различни перспективи, нудејќи поразлични прегледи со камерата. Згора на тоа, константно применувате различни механики за борба или за решавање загатки, ефикасно жонглирајќи скроз различни елементи кои се инспирирани од бројни жанрови.

Константно скокање од sci-fi на fantasy. И обратно!
Една мисија ќе ви дозволи да истражувате футуристички град каде скокате на различни платформи додека воен хеликоптер сее пекол над вас. Друга мисија ќе ве префрли во мистичен свет каде се трансформирате во различни суштества (дури и прасиња) и ги користите нивните уникатни способности за решавање предизвикувачки загатки. На трета, скроз различна мапа, ќе се мечувате, на четврта ќе возите научно-фантастични супер брзи мотори и ќе пукате со ласери, а на петта еден ќе вози автомобил, а друг ќе пука од него. Или пак ќе летате! Од време на време, ќе истражувате помали места, првенствено замислени за релаксација.
Сите овие работи се засилени со дополнителни механики кои ве принудуваат или да избегнувате нешто, или да ги насочувате силите кон нешто. Сѐ што правите, го правите само еднаш – нема никакво рециклирање на механиките и елементите, со што се нуди целосно свежо искуство низ 15 часовната кампања. Имајте во предвид дека Split Fiction не е прошетка низ паркот и одредени загатки знаат да ве збунат и да ве принудат да се вртите во круг, експериментирајќи на слепо, па дури и надевајќи се дека ќе дојдете до решението на среќа. Слична е ситуацијата и со одредени битки, односно босови. Доколку не се внимава и решите да играте на автопилот, со полуактивирани рефлекси, вашиот ко-оп партнер лесно ќе почне да ве погледнува намуртено.

Уникатната природа на загатки и бројните механики од различни жанрови се погрижуваат секогаш да работите нешто ново
Во сите овие ситуации возбудата е на 110, константно фрлајќи ве од една во друга воодушевувачка ситуација.
Некои од овие ситуации ќе ве насмејат со урнебесно смешните моменти, некои ќе ве замислат со филозофските препукувања, а некои ќе ве растажат со драматичните ситуации. Што и да е, како и да е, сите ситуации ќе направат да чувствувате нешто. Играта ја игравме со нашето братанче на PS5, од комфорот на нашиот кауч. Не можеме да кажеме колку само пати некоја ситуација направи искрено да се насмееме или значајно да се погледнеме. И кога не ја игравме играта, разговаравме за играта.
Од самиот почеток, па сѐ до крајот (ОСОБЕНО КРАЈОТ), Split Fiction е прекрасна игра. Од страв да не ви го поквариме уживањето, не се осмелуваме да зборуваме повеќе. Едноставно ќе мора да ни верувате дека ова е една од најдобрите, ако не и најдобрата ко-оп игра за двајца играчи.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Hazelight Studios
- Издава: ЕА
- Жанр: Акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 6 март 2025
Оценка
- Вкупна оценка: 10
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 10
- Графика: 10
- Звук и музика: 10








одлично, ќе ја пробаме, само мислам дека не треба да пишувате колку време е потребно за да се помине играта. 15 часа.. сакаме сами да го поминеме тоа
поздрав
Здраво Luca Toni, благодарност што нѐ читаш и, секако, за советот. Не кажуваме повеќе! :D