Минатата недела донесе неколку интересни новости во светот на хардверот. Од претставувањето на новиот iPhone 16e, до проблемите со најновите Nvidia графички картички и најавеното поскапување на DRAM и NAND меморијата, корисниците се соочуваат со важни одлуки. Се препорачува на оние кои планираат надградба на компјутери или купување хардвер да го сторат тоа што поскоро. Причините за ова се зголемената побарувачка за AI сервери и напредни уреди, очекуваното запирање на производството на DDR4 и DDR3 меморија, како и глобални фактори како царини и природни непогоди што влијаат на производството. Во продолжение ги разгледуваме сите детали за поважните хардверски случувања од изминатата недела.
Apple го претстави iPhone 16e
Иако сите гласини навестуваа дека минатата недела по долго време ќе видиме нов iPhone SE модел, ова не се случи. Наместо тоа компанијата го претстави iPhone 16e, a iPhone SE е целосно отстранет од сајтот на Apple.
Новиот модел доаѓа со значителни надградби во споредба со уредите кои ги менува. Со почетна цена од 599 американски долари за верзијата со 128GB, уредот е достапен во претпродажба од 21 февруари, а првите испораки ќе започнат на 28 февруари.
iPhone 16e доаѓа со 6,1-инчен OLED дисплеј кој има Face ID интегриран во забот на екранот. Сопствениците ќе може да забележат дека телефонот доаѓа со USB-C порта за полнење и пренос на податоци, додека „mute“ копчето е заменето со Action копче кое овозможува побрз пристап до функции кои може да ги дефинира самиот корисник. Телефонот доаѓа со најновиот A18 чип со 6-јадрен процесор кој е 80 проценти побрз од A13 Bionic чипот во iPhone 11. Покрај ова има и 16-јадрен Neural Engine оптимизиран за работа со генеративни AI модели, што му овозможува машинското учење да функционира до шест пати побрзо од претходните генерации.
Веќе вообичаено за сите телефони главната камера е сместена на задната страна. iPhone 16e има 48MP Fusion камера со можност за 2x телефото. Покрај ова, камерата поддржува HDR, Portrait и Night режим, а корисниците ќе можат да снимаат видео во 4K резолуција со Dolby Vision до 60 fps. Снимањето во Spatial Audio овозможува подобро аудио искуство.
Со оглед на тоа дека иднината на телефоните па и на iPhone сега зависи од вештачката интелигенција, една од најзначајните новини е целосната поддршка за Apple Intelligence. Овој сет на напредни AI функции овозможува корисниците да користат персонализирани Genmoji емотикони, напредни алатки за пишување и уредување текстови, како и Clean Up функцијата во апликацијата Photos за лесно отстранување несакани елементи од фотографиите. Дополнително, интеграцијата со ChatGPT овозможува интелигентни и контекстуални одговори.
Со воведувањето на iPhone 16e, компанијата замени три модели. Го прекина производството на iPhone SE, iPhone 14 и 14 Plus се отстранети од официјалната веб-страница на Apple. Сепак, iPhone 14 ќе остане достапен преку партнерските канали на компанијата, а iPhone 14 Plus е целосно прекинат.
Интеграцијата на Apple Intelligence со iPhone 16e е стратегиски чекор. Сите производители, па и Apple се обидуваат да додадат некаква разлика кај своите уреди. Овие напредни AI функционалности ќе бидат клучен фактор за идната популарност на новиот телефон, иако дел од најинтересните функционалности засега се недостапни.
Прв сопствен C1 модем
iPhone 16e исто така претставува важен чекор за Apple во областа на хардверот. Ова е првиот модел кој ја користи C1 5G модем технологијата дизајнирана од компанијата. C1 модемот овозможува побрза и постабилна поврзаност и во исто време ја намалува потрошувачката на батеријата. Резултат на подоброто управување со енергија на iOS 18 е најдолготрајното користење на телефоните помеѓу полнењето.
Првиот уред што го користи C1 модемот е новиот iPhone 16e. Интересно е што Apple го избра токму овој модел, кој не е дел од најмоќните телефони на компанијата, за да го претстави модемот. Засега, iPhone 16 и 16 Pro продолжуваат да користат Qualcomm модеми. Ова можеби остава простор за прашања дали C1 ќе стане стандард кај следната генерација, iPhone 17.
За Apple, C1 модемот не е само чекор кон поголема технолошка независност, туку и можност за дополнително подобрување на перформансите. Apple го опишува како најефикасниот модем што некогаш бил вграден во iPhone, со брза и стабилна 5G поврзаност.
Причината зад оваа промена веројатно не е само технологијата. Apple долго време се соочуваше со високи лиценцни трошоци за користење на Qualcomm модемите. Дополнително, тешко е да се поверува и дека Apple ги заборавил обвинувањата и тужбата на Qualcomm. Производителот во 2018 година го обвини Apple за крадење деловни тајни. Секако создавањето на сопствена модемска технологија значи намалување на зависноста од други компании и потенцијално значително намалување на производствените трошоци.
Apple веќе има историја во истражување на сопствени модеми. Во минатото користеше модеми од Intel и Qualcomm во иста генерација на iPhone, но корисниците ги преферираа оние од Qualcomm. По неуспехот на Intel, Apple го купи модемскиот бизнис на Intel, што ја постави основата за развојот на C1.
Дали C1 ќе успее во целост да ја замени технологијата на Qualcomm во иднина, останува да видиме.
Проблем со RTX 5090 и RTX 5070 Ti графички картички, Nvidia ќе ги замени зафатените уреди
Nvidia повторно се најде во центарот на вниманието. Овојпат причината е откривањето дека дел од нивните најнови графички картички се испорачани со недостаток на рендер единици. Проблемот ги засега моделите RTX 5090 и RTX 5070 Ti. Зафатен е моделот кој е изработен специфично за кинескиот пазар RTX 5090D. Процентот на погодени уреди е 0,5%, но ова заедно со неодамнешните вести за растопени конектори кај 5090 отвора прашања за контрола на квалитет кај компанијата која доминира во производството на графички картички.
Информациите прв ги објави TechPowerUp, а Nvidia ја потврди точноста на тврдењата. Според компанијата, проблемот е резултат на редок производствен пропуст кој влијае на помалку од половина процент од произведените картички. Засегнатите уреди имаат една рендер единица помалку од наведеното, што во просек придонесува за четирипроцентно намалување на графичките перформанси. Иако ова можеби нема значајно да влијае на секојдневната употреба, за ентузијастите и професионалците кои инвестираат во премиум графички решенија секоја загубен фрејм има значење.

Грешката е хардверска и нема да може да се надмина со надградба на софтверот. Зафатените графички картички имаат дефектни GB202 и GB203 чипови кои некако останале незабележани.
Nvidia е подготвена да ги замени погодените картички преку партнерите што ги произведуваат. Според достапните информации, проблемот се појавил кај неколку познати брендови. Zotac, MSI, Gigabyte и Manli, но и кај Founders Edition модел произведен од самата Nvidia имаат дефекти.
За корисниците кои сакаат да проверат дали нивниот уред е дел од погодената серија, Nvidia препорачува користење на алатката GPU-Z. Ако бројот на прикажани рендер единици е помал од очекуваните 176, уредот е подложен на замена.
Nvidia тврди дека проблемот е надминат и нема да се повтори во понатамошното производство. Сепак, ваквите грешки може да имаат подолгорочни последици за имиџот на компанијата.
Цените на DRAM и NAND ќе растат во 2025 година
Ако планирате да си го надградите компјутерот или да купите нов, сега е веројатно најдоброто време за купување на мемориски компоненти. Според најновите извештаи, цените на DRAM и NAND флеш меморијата ќе започнат да растат во втората половина на 2025 година. Зголемената побарувачка за AI сервери и производи, како и намалувањето на производството на DDR4 и DDR3 меморија, се клучни причини за очекуваното поскапување. Дополнителни, глобални фактори како царини, зголемени трошоци за материјали и природни непогоди што влијаат на производството ја зголемуваат веројатноста за повисоки цени, пренесе Tom’s Hardware.
Извештајот на Digitimes навестува дека цените на NAND флеш меморијата ќе започнат да растат уште во второто тримесечје од 2025 година. Овој тренд се очекува по период на нестабилни цени во текот на 2024 година. Што беше резултат на слабата побарувачка за DDR4 и DDR3 меморија. Нивното производство се очекува да запре до крајот на 2025 година. Побарувачката за новите решенија ќе расте.
Растечката AI индустрија е еден од главните двигатели на ваквите промени. Компании како Apple и Google планираат да изградат нови податочни-центри. За нив секако ќе треба и да набават хардвер кој може да поддржи големи AI модели. Како што на пазарот се појавуваат нови модели како Grok 3, потребата за меморија ќе продолжи да се зголемува. Micron прогнозира раст на цените на DRAM. За NAND цените се очекуваат да се стабилизираат и потоа да почнат да растат во текот на второто тримесечје на 2025 година.

Покрај зголемената побарувачка, производителите на меморија се соочуваат и со проблеми во производството. Пример за тоа е неодамнешниот земјотрес од 6,4 степени, за кој се шпекулира дека влијаел на производството на Micron. Иако компанијата официјално не ја потврди штетата, се очекува намалување на производствениот капацитет. Ова дополнително ќе го подигне нивото на цените.
Друг фактор е зголемената потреба и производство на HBM3E меморија, која станува поважна во AI индустријата. Поради ова, производителите би можеле да ги пренасочат сите погони кои се користат за производство на DDR5 DRAM кон HBM меморија. Ова секако дополнително ќе влијае на достапноста и на цените. Цените на NAND меморијата ќе се зголемат и поради стабилизирањето на залихите и растечката побарувачка во сегментите на паметни телефони и компјутери
Дополнителни фактори како што се најавите за повисоки царините во САД и зголемените трошоци за основни компоненти ќе придонесат кон поскапувањето. Корисниците кои чекаат подобри услови треба да размислат уште еднаш. Сѐ укажува на тоа дека цените само ќе продолжат да растат во текот на следната година.







