Хардвер од минатата недела – Galaxy S25 Unpacked, Ryzen 9 9950X3D и 9900X3D, Google купи дел од HTC Vive

во Хардвер

Најголем број од хардвер вестите минатата недела дојдоа од Samsung. Со оглед на тоа дека јужнокорејскиот производител имаше настан на кој претстави некои од своите најпопуларни телефони, ова не е изненадување. Љубителите на хардвер можеа да погледаат и што се случува со Sony, AMD, Google, па и Meta.

RX 9070 серијата графички картички од AMD излегува во март

По најавата на CES 2025, AMD сега конечно ја потврди достапноста на својата нова серија на графички картички RX 9070. Новите графички картички ќе бидат пуштени во продажба во март.

RX 9000 серијата официјално беше најавена на CES 2025 и вклучува два модели: Radeon RX 9070 и RX 9070 XT. Новата серија ќе ја користи следната генерација на RDNA 4 архитектура. Оваа архитектура е изработена со 4nm процес на TSMC и носи втора генерација AI акцелератори, трета генерација ray tracing акцелератори и втора генерација radiance display engine.

Партнерите на AMD прикажаа повеќе модели на графички картички базирани на RX 9070 серијата. Сите модели што ги видовме доаѓаат со троен систем за ладење и повеќето користат троен 8-pin конектор за напојување. Ова веројатно е добар показател дека AMD и понатаму ќе го избегнува 16-pin 12V-2×6 конекторот. Сепак, не може целосно да се исклучи можноста некои модели да го користат, со оглед на тоа дека ASRock RX 7900 XTX WS GPU доаѓа со овој тип на конектор.

Со оглед на тоа дека картичките излегуваат за некој месец, се надеваме дека наскоро ќе има повеќе информации.

Image courtesy of AMD

AMD ги претстави Ryzen 9 9950X3D и 9900X3D

Со своите најнови процесори Ryzen 9 9950X3D и 9900X3D, AMD повторно ја разбуди љубопитноста на гејмерите и професионалците. Според најавата, овие чипови ветуваат импресивни перформанси.

„На хартија“, Ryzen 9 9950X3D и 9900X3D со 16 и 12 јадра соодветно, се „чудовишта“ на полето на хардвер. За споредба Ryzen 7 9800X3D доаѓа со „скромни“ 8-јадра. Сепак, ако сте гејмер, оваа предност е практично незабележлива. Според Мартин Бунстра, еден од директорите во AMD, „целокупното гејминг искуство ќе биде слично на Ryzen 7 9800X3D“. Ова се должи на фактот што повеќето игри не користат повеќе од осум јадра, потсети Toms Hardware.

Дури и со напредната RDNA 4 архитектура, која носи нови AI акцелератори и побрз ray-tracing, вистинскиот напредок ќе го почувствуваат само оние кои користат апликации што бараат повеќе процеси, како што се алатките за поголема продуктивност и создавање содржини.

Новите процесори AMD го позиционираат новиот Ryzen 9 како „сè-во-едно“ решение за професионалци кои играат игри. AMD тврди дека 9950X3D е 10% побрз од најновиот Intel Core Ultra 9 285K во апликации како Photoshop. Со ова, компанијата директно ги таргетира креаторите на содржини, каде повеќејадрената работа може да направи поголема разлика.

Image: AMD

За сега, AMD сè уште не ги објавил официјалните цени, но знаеме што може да очекуваме. Ryzen 9 9900X3D би можел да чини околу 650 долари, додека 9950X3D ќе доаѓа за околу 750 долари. Сепак, вистинскиот тест ќе биде достапноста – Ryzen 7 9800X3D, иако супер популарен, останува реткост на пазарот.

AMD мора да обезбеди доволни залихи и да ги оправда цените за чипови кои нудат незабележителни гејминг подобрувања.

Нови очила за проширена реалност од Meta во 2027 година

Meta не се откажува од својата визија за проширената реалност (AR). Според извештајот на Bloomberg, компанијата работи на три нови модели на паметни очила и планира да ја претстави својата прва вистинска AR платформа до 2027 година. Паралелно, Meta експериментира и со други AI уреди, вклучувајќи паметни часовници, слушалки и други додатоци кои би можеле да ја трансформираат секојдневната технологија.

Meta веќе продава паметни очила преку партнерството со Ray-Ban. Според извештајот, оваа линија ќе се прошири на нови пазари, но детали за регионите за сега нема. Дополнително, технологиите на Meta ќе се интегрираат и во рамките на други брендови на Luxottica Group, како што е Oakley. Соработката со Ray-Ban ќе донесе до нов модел, Supernova 2, наменет за спортисти. Очилата ќе имаат централизирана камера, со што треба да бидат подобри за велосипедисти и други атлети. Третиот модел, со кодно име Hypernova, ќе го направи следниот чекор кон вистинско AR искуство. Очилата ќе овозможат користење на основни апликации, прикажување на нотификации и фотографии. За жал, оваа напредна технологија ќе има висока цена — извештајот предвидува почетна цена од околу 1000 долари.

Image: Meta

Покрај паметните очила, Meta развива и AR платформа која засега го носи името Artemis. Платформата неофицијално ќе биде достапна во 2027 година. Artemis ќе биде полесна и понапредна верзија на претходно развиениот прототип Orion, кој нема да добие комерцијално издание.

Meta тестира и контроли преку паметен часовник или рачна алка, која би можела да ги замени досегашните контроли сместени на рамките на очилата.

Sony престанува со производство на Blu-ray, MiniDisc и MiniDV

Sony официјално објави крај на производството на некои од своите најиконски формати – Blu-ray дискови за снимање, MiniDisc и MiniDV касети. Оваа одлука, иако очекувана, означува крај на една ера во индустријата за медиуми за снимање и складирање.

Овие медиуми, некогаш револуционерни, веќе долго време се борат за опстанок во дигиталната ера. Blu-ray дисковите за снимање, кои овозможуваа складирање од 25GB до 128GB, се надминати од поевтини и поефикасни решенија како што се USB драјвовите, мемориските картички и cloud услугите. Фодека Blu-ray дисковите за дистрибуција на филмови сè уште имаат свое место, Sony потврди дека нема да има наследници за форматите наменети за снимање. Ова значи дека компанијата целосно се повлекува од овој сегмент. Tagajo City фабриката, која се занимаваше со производството, ќе престане со работа следниот месец.

Image: Sony.ie

Крајот на ерата на физичките медиуми

Сите формати што Sony ги „пензионира“ – од MiniDisc (1992) до MiniDV касетите (1995) – беа сведоци на промената од физички медиуми кон дигитални алтернативи. Streaming платформите, cloud услугите и евтината флеш меморија денес не оставија многу простор за нив.

Што сè Samsung откри на Galaxy S25 Unpacked

Samsung ја отвори годината со својот прв Unpacked настан, претставувајќи ја Galaxy S25 серијата и низа функции базирани на вештачка интелигенција (AI). Додека хардверските надградби не се огромни, Samsung ја вклучува вештачката интелигенција насекаде каде што може во своите нови уреди.

Galaxy S25 Ultra: Луксузен, издржлив, и супер скап

Galaxy S25 Ultra останува најмоќниот уред во серијата. Со 6,9-инчен екран и титаниумско тело, ова е најлесниот и најиздржлив Ultra модел досега, според Samsung. Камерата сега доаѓа и со подобра ултраширока леќа, и сега снима со 50MP, наместо 12MP како претходникот.

Сите телефони во S25 серијата доаѓаат со прилагодена верзија на Snapdragon 8 Elite процесорот. Galaxy S25 Ultra доаѓа со 12GB RAM меморија, и доаѓа во модели кои имаат 256GB, 512GB или 1TB простор.

S Pen, е сè уште присутен, но функцијата Air Commands е укината. Според Samsung, само еден процент од корисниците ја користеле, што го олесни уредот и ја подобри неговата издржливост.

Со цена што започнува од 1300 американски долари, Ultra останува инвестиција за најверните љубители на телефонот.

Иако несомнено Ultra е супер моќен и одличен телефон, првите впечатоци кои може да ги прочитаме се дека Samsung можел да направи и повеќе за својот најскап модел без флексибилен екран.

Galaxy S25 и S25+ – сега со подобра вештачка интелигенција

Galaxy S25 и S25+ ги задржуваат своите 6,2-инчни и 6,7-инчни екрани. Надградбата е во количеството на RAM меморија. Двата уреди доаѓаат со 12GB RAM. Се чини дека надградбата е неопходна за купот вештачка интелигенција кој е достапен во уредите. На пример, ProScaler AI алатката ја подобрува визуелната содржина до 40%. Хардверски, сè останато е речиси исто како кај S24 серијата.

Цените остануваат слични: 800 американски долари за S25 и 1000 долари за S25+. Вистинското прашање е дали навистина ви се потребни новите функционалности од Samsung, за повтроно да го купите истиот телефон.

Вештачка интелигенција насекаде

Ако не навикнавме досега, веројатно ќе треба да се привикнуваме. Вештачката интелигенција ќе ја замени улогата која до пред неколку години ја имаа камерите. Во недостаток на вистински делови кој ќе направат разлика од еден до друг производител, трката сега е кој ќе додаде повеќе вештачка интелигенција.

Samsung во случајот го претстави One UI 7 како „AI-интегриран оперативен систем,“ кој ветува поинтелигентно искуство. Камерите сега подобро анализираат шум за подобри снимки во послабо осветлување. Друга алатка, Audio Eraser ги отстранува непосакуваните звуци од видеа.

Иновативниот Now Bar генерира потсетници и информации во зависност од контекстот. На пример, генерира нотификација кога треба да излезете од дома за да стасате на време на состанокот или генерира податоци за спортските резултати од спортовите кои ги следите.

Galaxy Edge

Edge всушност и не беше дел од Galaxy Unpacked претставувањето. Samsung едвај го допре Galaxy S25 Edge. Рендерот кој накратко го сподели Samsung, покажува потенцијален нов фаворит. Телефонот е супер тенок и според шпекулациите ќе доаѓа со компоненти слични на Ultra, но ќе биде поевтин.

Повеќе податоци за овој телефон ќе видиме во иднина.

Google купува дел од HTC Vive тимот за 250 милиони долари

Google се враќа на пазарот за проширена реалност, овој пат како инвеститор. Компанијата инвестира 250 милиони долари за да го засили својот Android XR екосистем, преку договор со HTC.

Со оваа инвестиција, Google ќе добие пристап до дел од инженерскиот тим на HTC Vive — група која има долгогодишно искуство во VR технологијата. Тимот, кој стои зад Vive, работи на сетовите за виртуелна реалност уште од 2016 година, а сега ќе работи на проширување на Android XR визијата. Освен тимот, Google добива и неексклузивна лиценца за користење на XR технологиите на HTC.

Google ја постави својата амбициозна цел за Android XR екосистем во декември 2024 година. Оваа платформа ќе ги интегрира виртуелната и проширената реалност преку низа уреди, од хедсети до паметни очила.

Еден од првите уреди што ќе ја демонстрираат оваа визија е „Project Moohan,“ производ на соработка помеѓу Google и Samsung. Според Google, новите ресурси од HTC ќе го забрзаат развојот на XR уредите.

Image: Vive.com

Иако дел од тимот се префрлува во Google, HTC нема да го напушти пазарот на XR уреди. Компанијата најавува дека ќе продолжи да ги развива и поддржува своите производи, истовремено отворајќи можности за идни соработки со Google.

Официјализирањето на договорот е предвидено за првото тримесечје од 2025 година.

Ова не е прва соработка или инвестиција на Google во HTC. Во 2018 година одделот на HTC кој работеше на паметни телефони стана дел од Google. Како дел од овој договор 2000 инженери од HTC се префрлија во Google. Како и сега, и тогаш компаниите се договорија за  неексклузивен договор за користење на авторски права на технологијата на HTC.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments