Google експериментира со нов тест кој без сомневање ќе има реакции кај издавачите и читателите. Компанијата објави дека ќе блокира пристап до содржини од медиуми во Европската унија за мал дел од своите корисници.
Според Google, целта на овој тест е да се истражи колкав сообраќај ќе изгубат веб-страниците ако не се присутни на Search, News и Discover. Но овој „тест“ е повеќе од само експеримент за сообраќај. „Експериментот“ би можел да биде и прозорец кон иднината за тоа како Google би можел да ја искористи својата огромна моќ за контрола на пристапот до информации.
Најголемиот пребарувач тврди дека целта на тестот е да одговори на барањата на регулаторите и издавачите во ЕУ. Истраживањето ќе помогне за повеќе „податоци за реалните ефекти од вестите во Search“. Тестот во суштина ќе влијае единствено на 1% од корисниците во Белгија, Хрватска, Данска, Франција, Грција, Италија, Холандија, Полска и Шпанија. За овој период корисниците ќе гледаат резултати од агенции и издавачи кои не се од Европа. Сепак, импликациите делуваат јасни: медиумите во ЕУ, но и пошироко се на милост и немилост на Google кога станува збор за дигитална видливост.
Не е тајна дека односот помеѓу Google и медиумите во последниот период не е добар. Најголем дел од регулаторите од целиот свет бараат технолошките гиганти како Google да ги исплатат издавачите за содржината што носи читатели на нивните платформи. Во ЕУ, Google веќе лиценцира дел од содржина од издавачите согласно Европската директива за авторски права. Ова има финансиска цена за Google. Истовремено издавачите може да се потпрат на пребарувачите за да го зголемат сообраќајот на своите страници.
Динамиката е непријатна, но функционира. Google има корист од актуелната и нова содржина во резултатите од пребарувањето. Истовремено издавачите имаат корист од видливоста и сообраќајот што го овозможува Google. Сепак, неколку промени кои ги направи Google покажуваат дека компанијата е подготвена да тестира колку е всушност важна оваа врска. Во Канада, Австралија и Калифорнија Google веќе се соочи со регулаторите и медиумите за слични закони. Компанијата без двоумење се закани дека ќе го укине пристапот до вести во овие држави. Во Калифорнија Google веќе ги отстрани линковите по носењето на Уредбата за заштита на новинарството, пишува Verge.
За Google, ова е деловна стратегија. Но, што значи ова за нас?
Кога Google ќе запре со споделувањето на вести во резултатите од пребарувањето ја отежнува работата на медиумите. Но не е само тоа. Ова создава и медиумска блокада за милиони корисници кои веќе се навикнати да го користат Google за вести. Тестот ќе ни покаже колкава контрола има Google во пристапот до информации. Во период во кој пристапот до навремени вести е клучен, способноста на Google селективно да филтрира или да го ограничи пристапот до информации е моќ каква што малкумина имаат.
Овој експеримент со пристапот до вести во ЕУ не е единствено „тест“, туку и демонстрација на влијанието на Google. Компанијата претходно тврдеше дека плаќањето за вести создава неодржлив модел. Иако можеби ова не е намерата, со овој потег, Google всушност им испраќа предупредување на медиумите дека, доколку не добие што сака, може да го укине пристапот до нивните читатели.