Со поддршка од технолошките гиганти како Google, Amazon и DeepMind, Бугарија добива современ истражувачки центар за вештачка интелигенција. Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија (INSAIT) официјално ќе започне со работа во септември 2022 година како дел од Универзитетот “Свети Климент Охридски“ во Софија, а ќе работи заедно со уште два европски технолошки универзитети – швајцарскиот ETH Цирих и Швајцарскиот федерален институт за технологија Лозана (EPFL).
Институтот, во кој бугарската влада вложи 100 милиони долари, има потенцијал да постане истражувачки центар од светска класа кој ќе учествува во создавањето на конкурентна високотехнолошка економија во Бугарија која ќе привлекува, развива и задржува таленти од индустријата.
Идеологот и претседател на надзорниот одбор на INSAIT e Мартин Вечев, професор на катедрата за компјутерски науки на ETH Цирих, во областите на програмски јазици, машинско учење и безбедност.
„Мисијата на INSAIT е да го трансформира светот преку извонредни достигнувања во науката, истражувањето и образованието. Во INSAIT, веруваме дека извонредната и инспиративна средина, која ја поттикнува човечката креативност, истражувањето поттикнато од љубопитност и слободата на мислата, е најважна за обликувањето на вистинските интелектуални лидери на иднината, кои измислуваат извонредни технологии, го менуваат светот и ја освојуваат човечката имагинација.“ изјави Вечев.
Задржување на талентите од индустријата во Бугарија
Одливот на мозоци во земјите од Западна Европа е еден од најголемите проблеми на регионот, вклучувајќи ја тука и Македонија. Се поголемиот развој на ИТ индустријата значи создавање и на повеќе можности за младите, од кои голем број сепак својата иднина ја гледаат во западните земји.
Токму поради ова, кога станува збор за развојот на технолошката индустрија, INSAIT ќе се обиде на ваквиот кадар да му понуди атрактивни можности за развој на кариерата, а ќе се обиде и да привлече истражувачи од странство. Идејата за INSAIT Вечев ја води во последните три години, но како што вели работата на развивањето на овој концепт трае скоро 20 години.
“Источна Европа е полна со паметни и надежни научни умови – но премногу често, аспирациите на луѓето се ограничени поради недостаток на капацитети, средства и поддршка. Ова резултираше со одлив на мозоци од Источна Европа, системски проблем што ги обесхрабрува иновациите. INSAIT е основен да го смени овој тренд и да се натпреварува во светски размери.“ додава Вечев.
Според Бајрон Кук од Amazon, INSAIT исто така ќе има за цел “да помогне да се поттикне култура на иновации и претприемништво што ќе биде од корист на општеството како целина“.
“Источна Европа има неверојатен фонд на таленти од компјутерски научници и инженери, и сакаме да му помогнеме на INSAIT да стане објект од светска класа, привлекувајќи врвни истражувачи од регионот и подалеку.“ вели Џеф Дин, постар соработник при Google.
Развој на останатите индустрии како што се инженерството и биотехнологијата
Според бугарскиот министер за иновации и раст Даниел Лорер, работата на INSAIT ќе придонесе и развој на останатите индустрии во земјата.
“Ако сфатиме дека сакаме Бугарија да биде конкурента и да им овозможи на младите да работат, ние мора да ги поддржиме таквите идеи. Ова е првиот чекор, државата мора да даде поддршка и за други иницијативи, како што оние во инженерството, биотехнологијата и медицината, каде што светот напредува.“ рече Лорер.
За бугарската еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Марија Габриел, INSAIT има потенцијал да стане и “фабрика за компании еднорози“.
“INSAIT може и треба да се натпреварува во светската лига на шампиони на научни институти. Тој може да биде во срцето на цела генерација технолошки иновации кои ќе ја гарантираат позицијата на Европа како светски лидер на ова поле. Мило ми е што со професорот Вечев ја споделуваме визијата за INSAIT и како водечка фабрика за компании еднорози во Источна Европа“, рече Габриел.
Вечев, пак, исто така додава дека процесот на етаблирањето на INSAIT во свестки рамки нема да е лесен и дека првичната цел е тој да биде еден од најдобрите десет институти на глобално ниво.
“Вештачката интелигенција може да помогне во раната дијагноза, во спасувањето животи. Не очекуваме процесот да биде лесен, ова е една од најконкурентните области. Затоа нудиме финансиски награди споредливи со врвните институции ширум светот“, заклучува бугарскиот професор.