Второто издание на PM² Conference во организација на Women In Tech Macedonia & ProdACT ќе се одржи на 16 мај 2026 година, во Хотел Панорамика, Скопје. Конференцијата е посветена на професионалците од областа на проектен и продукт менаџмент, и ќе обедини повеќе од 120 учесници од земјата и регионот.

Темата за конференцијата оваа година е „Human + AI: Building Next Generation Products & Teams“, со фокус на тоа како комбинацијата на човечките вештини и вештачката интелигенција го трансформира начинот на кој се развиваат производи, се водат проекти и се градат тимови.
Актуелни теми и практични искуства
Агендата на PM² Conference 2026 опфаќа теми кои се клучни за модерното работење, меѓу кои:
- Улогата на ВИ во развојот на продукти и управување со проекти;
- Како да се изградат ВИ-native производи кои носат реална бизнис вредност;
- Побрзо и поефикасно планирање и испорака со помош на нови технологии;
- Водење на тимови во услови на постојани промени;
- Градење на доверба, одговорност и соработка во тимовите;
- Vibe coding, новите алатки и пристапи што им овозможуваат на тимовите да работат со „startup speed“, итн.
Конференцијата има за цел да понуди реални примери, практични искуства и применливи знаења, наместо теоретски пристапи. На сцената на PM² Conference 2026 ќе можеме да слушнеме знаење и искуства од професионалци од индустријата.
Покрај индивидуалните сесии, ќе се одржи и панел дискусија за иднината на проектниот и продукт менаџмент, со повеќе перспективи од индустријата.
За целите и визијата позади конференцијата, разговаравме со дел од тимот на организатори, кој доаѓа од заедниците Women in Tech ® Macedonia и ProdACT: Силвија Гелевски, Strategic Operations Director во Women in Tech ® Macedonia и Head of Partnership and Sponsorship на PM² Conference 2026; Дукица Павловиќ, коосновач на ProdACT Macedonia и Head of Marketing and Operations на PM² Conference 2026 и Марија Љушева, Collaborations Director во Women in Tech ® Macedonia и Модератор и Sponsorship & Supporter Relations на PM² Conference 2026.
Како да се изгради успешен продукт екосистем
Голем дел од предизвиците за градењето на успешен продукт екосистем лежат во прашањето дали македонските стартапи прерано се фокусираат на развој, а премалку на продукт стратегија.

„Да, и тоа е еден од најчестите облици на градење продукти кои ги гледаме во македонскиот стартап екосистем. Многу тимови се во ‘build mode’ уште од прв ден, бидејќи брзаат да испорачаат функционалности, а прашањето ‘за кого и зошто’ останува без вистински одговор. Проблемот не е во недостаток на талент, туку во недостаток на навика за валидација пред самата имплементација. Продукт стратегијата не е луксуз – таа е она што одлучува дали градиш нешто што луѓето навистина го сакаат или имаат потреба, или тоа да е само алатка што технички функционира.“ вели Дукица Павловиќ.
Слично гледиште споделува и Марија Љушева, која предупредува на „скапите“ грешки во раниот стадиум: „Би рекла дека ова е една од најчестите ‘скапи’ грешки во раниот стадиум. Се паѓа во дупката на градење функционалности, но не се валидира дали тоа се вистинската потреба. Сметам дека имаме супер технички талент, но продукт делот е се уште во созревање. Македонија има голема outsourcing страна, градиме за странски клиенти и по дифолт, тие ја донесуваат стратегијата. И кога од компаниска култура, се преминува во стартап, оваа навика останува. Не секој стартап бара иста стратегија. Зависно од продуктот, некогаш брзината е потребна за конкурентска предност, но потребно е и континуирано учење на клиентските потреби.Клучното прашање кое секој тим треба да си го постави е: ‘Дали го градиме ова затоа што има потреба, или затоа што ни изгледа како добра идеја?’“
Силвија Гелевски го проширува овој поглед и надвор од локалниот контекст: „Да, но не само македонските стартапи. Тоа го гледам насекаде, во стартапи со кои соработувам ширум светот. Кај нас е само поизразено, бидејќи постои длабоко вкоренет став дека ако брзо градиш, напредуваш. Ако пишуваш стратегија, губиш време. А тоа е токму замката. Зашто проблемот не е во тоа дека немаат стратегија. Имаат убав документ, јасна визија. Но кога ќе ги погледнеш задачите кои се работат таа недела, немаат никаква врска со него. А кога ќе дојде притисок: клиент кој бара нешто, рок кој се приближува, инвеститор со свое мислење, e тогаш стратегијата молчи, а тимот реагира на она што е најгласно во тој момент.“
Дефинирањето на улогата продукт менаџер
Во таков екосистем, прашањето како се гради силна продукт култура станува клучно, со акцент на тоа како да се изгради силна продукт култура во екосистем каде улогата продукт менаџер сè уште не е целосно дефинирана?

Силвија додава дека продукт културата не започнува со формален опис на работно место, туку со прашањата што си ги поставува целиот тим: „Продукт култура не почнува со улога. Почнува со едно прашање кое целиот тим го поставува секој ден: зошто го градиме ова, и за кого? Ако на тоа прашање одговара само еден човек во компанијата, немате продукт култура. Имате продукт менаџер кој се бори сам. Градејќи тимови во средини каде улогата воопшто не постоеше формално, научив дека дефиницијата на улогата е секундарна. Примарно е дали лидерството донесува одлуки врз основа на корисникот и пазарот, или врз основа на мислење на најгласните во собата. Затоа, ако сакате силна продукт култура, не почнувајте со job description. Почнете со тоа да го промените начинот на кој се донесуваат одлуки.“
Марија верува дека сè почнува од начинот на размислување во тимот.
„Се почнува со начинот на размислување. Дури и без формален PM, тимот може да практикува продукт мислење: да поставува прашања пред да пишува код, да разговара со корисници редовно, да мери резултати наместо само активности. Ако улогата не е дефинирана, некој мора да биде ‘продукт глас’. Честопати тоа е основачот, понекогаш главниот девелоперот. Важно е тој глас да постои и да биде слушнат. Второ, едукација! Конференции како PM2, локални заедници, го поместуваат екосистемот и носат промени. И трето, споделување на примери кои инспирираат. Кога еден локален стартап ќе покаже дека продукт стратегијата им помогнала да растат, тоа зборува погласно од секоја дефиниција.“ вели таа.
За Дукица, пак, одговорот е многу практичен. „Со едукација, видливост и примери од пракса. Кога луѓето немаат јасна слика за тоа што прави еден продукт менаџер, најефективниот начин е да се покаже преку реални приказни, реални одлуки, реални грешки. Токму тоа е причината зошто PM² Conference постои. Не за да дефинираме улоги на хартија, туку за да создадеме простор каде продукт и проект ролјите се сретнуваат, разговараат и учат едни од други. Културата се гради полека, но почнува преку заедниците.“ порачува Дукица.
Задржување на продукт талентите во Македонија
Во време на глобална конкуренција, задржувањето на проект и продукт талентите во Македонија е уште една клучна тема што на која се фокусира PM² Conference.
За Силвија, клучот е во средината, а не само во бенефитите: „Ова е прашање на кое многу лидери одговараат со плата. И платата е важна, не се лажеме. Но ако само со тоа се борите за таленти, веќе сте ја изгубиле битката. Контекст. Сопственост. Влијание. Талентираните луѓе не заминуваат само поради пари. Заминуваат кога чувствуваат дека нивната работа не значи ништо. Кога одлуките се донесуваат над нивните глави. Кога градат функционалности кои никој не ги користи и никој не знае зошто се градат. Оваа тема ми е толку блиска и посебна, што моментално пишувам труд и предавав framework на оваа тема, конкретно за тоа што им е потребно на тимовите за да бидат среќни, ангажирани, и да перформираат на највисоко ниво. Затоа што верувам дека одговорот не е во бенефитите – туку конкретно во средината која ја создаваш, директно кој е лидерот и како ги води тимовите. И она што го гледам секогаш: луѓето остануваат таму каде растат.“
Дукица укажува дека компаниите мора да понудат повеќе од плата: „Иако парите се важни, тие не се единствениот фактор. Луѓето остануваат таму каде чувствуваат дека растат, дека нивната работа има смисла и дека се дел од нешто важно. Компаниите кои инвестираат во развој на своите продукт менаџери, кои даваат вистинска автономија и градат средина за учење – тие имаат поголема шанса да ги задржат. За жал во Македонија продукт културата е се уште во развој, земајќи предвид дека повеќето од компаниите се сервисни, а не продуктни, што го отвара и прашањето дали всушност има простор за раст на продукт ролјите на пазарот на труд. Гледајќи на позитивната страна – заедниците како ProdACT и Women in Tech ја имаат токму оваа мисија – преку настани, промоција на product-mindset и создавање простор за размена на знаење, пробуваме да ги мотивираме луѓето да го прават токму тоа – да останат и да градат овде.“

Марија се надоврзува, ставајќи фокус на културата и можностите за раст: „Искрено, македонските компании не можат да се натпреваруваат со берлински или лондонски плати. Но тоа не е единствената причина зошто луѓето одат, ниту единствената причина зошто остануваат. Луѓето го напуштаат местото кога чувствуваат дека таванот е низок. Кога нема каде да растат, кога одлуките се донесуваат без нив, кога нивната улога не е разбрана ни од менаџментот. Тоа е проблем на култура, не само на компензација. Она што може да го понуди македонскиот пазар е сопственост и влијание, нешто што во голема корпорација на западот тешко се добива.“
Конкретна промена и зајакнување на продукт менталитетот
Една од амбициите на PM² Conference е да придонесе за конкретна промена во македонскиот екосистем во следните неколку години.
„Сакаме PM² да стане референтна точка, односно местото каде македонскиот продукт и проект свет се спојува еднаш годишно и каде стандардите растат. На краток рок, сакаме да ја зголемиме видливоста на овие клучни улоги кај компании кои сè уште не ја препознаваат нивната вредност. На подолг рок, сакаме да создадеме традиција, конференција која секоја година таргетира нови и актуелни теми, привлекува нови гласови и инспирира луѓе да бидат подобри во тоа што го работат.“ порачува Дукица.
Силвија ја надополнува сликата со осврт на начинот на кој сега функционираат многу компании.
„Денес, во голем дел од македонските компании, одлуките се донесуваат врз основа на интуиција, притисок, или мислење на најгласниот во собата. Тимовите градат без доволно јасност за кого и зошто. Лидерите управуваат со луѓе во услови на постојана промена без вистински алатки за тоа. PM² ги покрива сите тие димензии. Ги гледате и во агендата: зборуваме за продукт, за тимови, за лидерство, за ВИ, за испорака. Затоа што проблемот во нашиот екосистем не е само во тоа што го градиме. Туку и во тоа како го водиме, со кого, и со каков mindset. За две до три години сакаме да видиме компании кои градат со намера. Тимови кои знаат да се прилагодат брзо без да го изгубат фокусот и лидери кои создаваат средина каде луѓето пeрформираат на највисоко ниво.“ додава таа.
„Перцепцијата дека продукт и проект менаџментот се административни улоги. Ова се стратешки улоги кои директно влијаат на тоа дали еден продукт ќе успее или не. Во следните 2-3 години, би сакала да видам повеќе компании кои вработуваат PM со јасно разбирање зошто ја отвораат таа позиција, не само затоа што ‘така треба’, туку затоа што знаат какво влијание очекуваат. Да се изгради заедница која континуирано учи и се поврзува, не само еднаш годишно на конференција. И најважно, да се слушнат локални приказни за успех кои инспирираат.“ вели Марија, потенцирајќи го влијанието преку промена на перцепцијата за овие улоги.
Картите за настанот се достапни овде, а бројот на места е ограничен и остануваат уште неколку слободни места. Затоа побрзајте и обезбедете го вашето место.
Повеќе информации за агендата и говорниците се споделени на официјалната веб-страница на конференцијата.







