Од 20 до 26 септември Охрид е домаќин на Балканска Олимпијада по Информатика

во ИТ.МК

Од денеска 20 септември, па се до 26 септември, Охрид и Македонија се домаќини на 31-то издание на Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ). Натпреварот е во организација на Здружението на информатичари на Македонија, а на него ќе учествуваат најдобрите средношколци од регионот на Југоисточна Европа.

Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ) е годишен натпревар во програмирање наменет за средношколци од земјите на југоисточна Европа. На овој натпревар учествуваат ученици од различни балкански држави, кои се селектирани врз основа на нивните резултати од националните натпревари. Секоја земја-учесник испраќа до четири ученици, а домаќинот може да има и до два тима.

На БОИ, учесниците решаваат задачи поврзани со алгоритми и програмирање, со цел да ги покажат своите технички способности. Натпреварот има за цел да поттикне интерес за информатиката, да го зголеми нивото на знаење во регионот и да создаде можности за соработка и размена на искуства меѓу младите програмери. Оваа година натпреварувачите од регионот имаат гости од повеќе држави надвор од Балканот. Учесниците доаѓаат од 15 земји, меѓу кои и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Словенија, Србија и Црна Гора. Покрај државите од регионот на натпреварот ќе учествуваат и ученици од Молдавија, Кипар, Турција, Италија, Украина и Саудиска Арабија. Натпреварувачите ќе имаат можност да ги покажат своите програмерски вештини со своите врсници, во средина што промовира соработка и размена на идеи.

„Горди сме што сме домаќини на 31. Издание на Балканската олимпијада по информатика. Додека се подготвуваме за почетокот на олимпијадата, сакам да потсетам на суштинската улога која ја имаат настаните како овој во обликувањето на новите ИТ кадри во регионот. БОИ 2024 е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество. Чувствувам и лична сатисфакција кога гледам како Балканската иницијатива која стои зад организацијата на БОИ се подобрува секоја година од периодот кога јас претседавам со неа, а се повеќе земји кои го опкружуваат Балканот се заинтересирани да пристапат во иницијативата. Во последните неколку години ни се придружија Словенија, па Италија, а веќе три години интерес за приклучување покажува и Украина.“, вели Миле Јованов, претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија.

Олимпијадата ја поддржа ИТ компанијата „Сорсикс“ (Sorsix) која на осуммината македонски учесници им додели ваучери за платена пракса.

„Како компанија чии клучни вредности и суштина се базираат на технологијата и иновациите, Сорсикс ја препознава огромната важност и вредност на иницијативите како Балканската олимпијада по информатика. Веруваме во инвестирање во иднината и токму затоа сметаме дека со поддршка на настани како БОИ 2024, активно придонесуваме во развојот на следната генерација на ИТ таленти. Сметам дека приватниот сектор има клучна улога во создавањето можности за напредување на младите таленти и како компанија која повеќе од 12 години работи и создава ИТ решенија од областа на здравството во Македонија, но и ширум светот, сериозно ја сфаќаме оваа одговорност. Со поддршка и инвестирање во овие брилијантни млади умови, помагаме во обликувањето на иднината на информатичката технологија. Обезбедувањето на едномесечна платена пракса во Сорсикс за македонските учесници е наш начин да го негуваме нивниот потенцијал, а воедно и да го премостиме јазот помеѓу образованието и примената на знаењето во реалниот свет. Да се биде општествено одговорен и активен учесник во општеството за нас е токму ова –  активна поддршка на идните генерации и инвестирање во талентите кои верувам дека доколку продолжат со исто темпо, ќе го поттикнат напредокот во ИТ секторот во земјата.“ – изјави Далибор Фртуник, извршен директор на Сорсикс.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
kirev
kirev
1 year ago

Браво! Само напред!