Престојниов викенд (26-28 април) ќе се одржи второто издание на Стартап Викенд Охрид во режија на Стартап Македонија и охридскиот универзитет “Св. Апостол Павле”. Настанот е наменет за сите млади ентузијаси кои имаат бизнис идеја или проект, но им е потребен тим, ресурси или менторска поддршка за реализирање на истиот.
Покрај ентузијастите со идеја, настанот е отворен и за сите оние без конкретна идеја и тим. Тие би формирале свои тимови меѓу себе и би учествувале на настанот исто како и останатите однапред пријавени тимови.
На првото издание на Стартап Викенд Охрид во 2022 година учество зедоа 60 учесници, 40 ментори и над 20 подржувачи. Учесниците креираа 10 стартап решенија, кои што се претставија со своја питч презентација пред стручното жири.
Стартапот „Advices.mk“, во режија на Димитар Чуковски, Ања Поповиќ и Јован Иловски, го освои првото место.
Што е Advices.mk?
Advices.mk е платформа прилагодена и за адвокатите и за граѓаните, што овозможува лесен пристап до правни услуги, особено за оние кои живеат во оддалечените рурални области.Димитар Чуковски беше дел од победничкиот тим на Advices.mk, а тимот на ИТ.мк поразговара со него околу искуството и импресиите од првиот Стартап Викенд Охрид во 2022.
Кој е Димитар по професија, колку години има и која е мотивацијата позади
учеството на Стартап Викенд Охрид во 2022?
Јас сум програмер по професија и моментално имам 28 години. Мојата мотивација за учество на Стартап Викенд Охрид 2022 беше инспирирана од мојата пријателка Благица Ефтимова. Таа ми го претстави настанот како одлична прилика да се запознаам со бизнис светот, што ме натера да сакам да учествувам и да видам што може да се научи и доживее за само три дена.
Како си помина на Стартап викендот 2022?
Стартап Викендот во Охрид ми беше неверојатно искуство, забавно, напнато и креативно. Секој момент поминат таму беше полн со учење и нови предизвици, а менторите и другите учесници беа извор на огромна мотивација. Навистина се чувствував инспириран да продолжам и понатаму со моите идеи.
Беше дел од победничкиот тим “Advices.mk” на стартап викендот, дали
успеавте да продолжите со развојот на стартапот после викендот и со кои
предизвици се соочивте?
Да, заедно со мојот тим, продолживме со работа на проектот и не долго по тоа, освоивме уште една награда на Ginis Pitch Record, а подоцна и FITR грант за стартапување помогнато од победата на викендот. Ова ни даде голема поддршка и поттик да продолжиме со развојот на апликацијата. Сега, две години подоцна, апликацијата е многу поразлична, бидејќи направивме промени според интересите на пазарот и сме на одличен пат кон многу успешен бизнис.
Каде е сега победничкиот стартап “Advices.mk”?
Мојот стартап, “Advices.mk”, успешно привлече први клиенти и по две години развој, консултации и анализи на пазарот, успеа да достигне степен кој никогаш не мислев дека е можен. Проектот продолжува да расте и развива, покажувајќи значителен потенцијал за уште поголем успех.
Што би им порачал на овогодинешните учесници на Стартап Викенд Охрид?
На сите вас кои учествувате оваа година, ви порачувам: искористете ја оваа шанса. Првиот ден не сакав да зборувам пред публиката, но сепак се осмелив да станам на бина и тоа ми го смени животот. Тие три дена на настанот се клучни; никогаш не би ги заменил и тие беа точката на промена во мојот живот. Пробајте бидејќи вакви мали моменти можат да ви го сменат животот
Преостануваат уште само неколку слободни места, па затоа побрзајте да го резервирате вашиот билет на следниов линк.
Се гледаме во Охрид :)