Дали досега сте се обиделе да откриете која банка има најниска провизија за извадок, за водење сметка или за прилив од странство? Веројатно претпоставувате дека пронаоѓањето на овие одговори води до 15 отворени табови, три PDF документи и главоболки.
Токму ова беше инспирацијата за Дарко Ефремов, софтверски инженер со повеќе од 12 години искуство, да ја создаде Provizii.mk, алатка која ќе ви помогне да откриеме дел од одговорите за банкарските трошоци во Македонија. Неодамна на Provizii е достапна и алатката калкулатор која овозможува детален приказ на претплатата за банката во зависност од услугите.
„Ја направив преку викендот со неколку примарни цели: ТикТак од радио имаше спомнато на Х за вакво нешто, па викам ај да пробам; да се придонесе со вредност за јавноста, а и за мене; да се поиграм со разни АПИња од АИ сервиси; Конечно да видам убав дизајн на македонскиот веб простор и да вежбам брза итерација од идеја до реализација “ вели Дарко.

Податоци има, ама не се „читливи“
Податоци има и се јавно достапни, но за жал не се лесни за користење. Народната банка (НБРМ) редовно објавува извештаи за провизиите, но тие најчесто се во комплексни Excel табели. За најголем дел од корисниците, споредбата на две банки бара сериозна временска инвестиција.
Наместо табели и фајлови Provizii.mk податоците ги прикажува графички и ги прави лесно читливи и споредливи за секој корисник.
„Видов дека луѓе околу мене имаат проблем да споредат банкарски провизии и не постоеше едноставен начин тоа да се направи — празнина во пазарот која сакав да ја пополнам. Секоја банка ги објавува тарифите во свој формат, некои во PDF, некои на веб, и треба да отвориш десетина документи за да споредиш една единствена провизија. Народната банка (НБРМ) објавува стандардизирани податоци за најрепрезентативните провизии на сите банки, но тие се во Excel табела која не е најпријателска за обичниот корисник. Провизии.мк ги зема тие податоци и ги прави лесно споредливи — на едно место, визуелно, без потреба да отвораш десет табови.“.
Апликацијата овозможува споредба на различни податоци. Така, корисниците може да дознаат колку е надоместокот за одржување на сметка; колку чини е-банкарството; колкави се провизиите за прилив од странство и куп други информации.

Технологијата зад Провизии
Она што го е уште поинтересно е дека Provizii е изработен преку еден викенд, но успева да менаџира со куп податоци. Наместо рачно преземање документи, Дарко користи Playwright скрипта која автоматски ги „влече“ датотеките од сајтот на НБРМ. Податоците потоа се сместуваат во Google Sheets, кој служи како едноставна база на податоци достапна преку API. За да се обезбеди сигурност, податоците се проверуваат пред да станат видливи на сајтот. За жал, барем засега не е овозможено автоматско ажурирање преку API, но виновници за ова се банките кои немаат достапни API-ја преку кои овие податоци би можеле да бидат „повлечени“.
„Примарен извор на податоци е Народната банка (НБРМ), која објавува стандардизирани провизии за сите лиценцирани банки во Македонија. Напишав Playwright скрипта која автоматски ги презема Excel датотеките од НБРМ веб-страницата, а потоа тие податоци ги внесувам во Google Sheets табела — на тој начин добивам чист JSON API пристап преку Google Sheets API со API клуч. Од таму, TypeScript скрипта ги повлекува податоците, ги парсира и ги структурира за сајтот. Ажурирањето е рачно — кога НБРМ ќе ги ажурира податоците (обично квартално или при промени на тарифи), ја пуштам скриптата и ги процесирам. Податоците поминуваат преку проверка пред да станат видливи на сајтот, за да се обезбеди точност. Иако сепак може да има грешки поради различните формати кои треба да бидат обработени. Обично луѓето ги пријавуваат ваквите работи, па се вршат додатни попрецизни проверки. Би било одлично ако нашите банки и НБРМ имаа вистински API-ја од кои може да се повлекуваат податоци — така би можеле да се градат уште повеќе корисни работи со јавно достапните информации.“

Системот кој Дарко гo изработил успева да направи споредба дури и кога податоците се во различни формати. Благодарение на вештачката интелигенција Claude од Anthropic апликацијата успева да претвори описни податоци од типот„0,1% мин. 3.000 МКД за износи над 5.000 ЕУР“) во податоци кои може да се подредат. Вештачката интелигенција го чита текстот на кирилица и го трансформира во структуриран JSON формат. Податоците се ажурираат кварталнo и при промени на тарифите.
„AI се користи при парсирање на сложените текстуални описи на провизиите. Банкарските тарифи во Македонија се напишани на кирилица, со различни формати — степенувани провизии, проценти, распони, комбинации. За да ги претворам во структурирани податоци, користам Claude (модел на Anthropic) кој интелигентно ги чита и парсира овие текстови. На пример, од „до 5.000 ЕУР: 2.300 МКД; над 5.000 ЕУР: 0,1% мин. 3.000 МКД” добива структуриран JSON со нивоа, износи и валути. Резултатите се кешираат за да не се повикува API-то повторно за исти податоци, што го прави процесот ефикасен и евтин. Без AI, ова би барало огромна количина рачно внесување и форматирање — а со него, целиот процес од суров текст до структурирани податоци е во голема мера автоматизиран.“
Финансиска едукација
Една од првите промоции на Провизии.мк дојде од соосновачот на Venikom Mobille и Прајм Капитал Иван Ивановски, кој со Дарко работеше на SupportKocani.
„На една страна може да ги пронајдете сите провизии за секоја банка во Македонија. Во наредните години мораме уште повеќе да ја зголемиме транспарентноста и финансиската едукација во Македонија.“, вели Иван.







