Game Dev Rev Conference 2025: Инспирација, поврзување и иднината на развојот на видеоигри во Македонија

„Game Dev Rev Conference 2025“ (#GDR25) e повеќе од обична конференција. За најголем дел од вљубениците во видеоигрите и за организаторите, таа претставува остварување на долгогодишен сон, место каде креаторите на видеоигри и ентузијастите од Македонија ќе имаат единствена можност да се поврзат директно со водечки имиња во глобалната индустрија. #GDR25 е настан исполнет со инспиративни приказни, директни средби со луѓе кои активно ја обликуваат иднината на гејмингот, како и безброј можности за учење преку интерактивни „Ask-me-anything“ и „Fireside Chat“ сесии. Сето тоа, е надополнето со онаа неофицијална, но подеднакво важна страна: неограничено кафе, одлична храна и спонтано дружење кое ги негува вистинските контакти.

Ако некогаш сте биле дел од Global Game Jam настаните, веројатно ви е јасно зошто и оваа конференција едноставно не може да се замисли без Гораст Цветковски. Секако ниту #GDR25 не може да се замисли без неговиот ентузијазам. Гораст ни откри што може да очекуваме од Game Dev Rev Conference 2025 и зошто, доколку се занимавате со развој на видеоигри, ова е настанот што не смеете да го пропуштите.

Накратко, што е Game Dev Rev Conference 2025?

Нај нај накратко #GDR25 е нешто за кое јас лично сонувам да го имаме и кај нас, а тоа е ден полн со инспиративни прикасни, луѓе кои работат во гејмингот и гејмери на едно место, Indie Corner, Ask-me-anything, Fireside Chat,… плус неограничено кафе, секако добра храна, многу чамче муабети и дружење. Конференција на тема развивање на игри, секако со „фаци“ релевантни во индустријата. Луѓе кои тектонски ја промениле насоката на таа гранка и сеуште ја движат.

Со куп професионални и „love“ проекти кои веќе ги имаш, од каде наоѓаш инспирација и снага за организирање на Game Dev Rev Conference 2025?

Благодарение на MGI во последните неколку години запознав луѓе со иста пасија, слични сфаќања и меѓу другото – храброст за да се направи чекор кон она што сите сме го сакале, но не му било дојдено времето. Некои луѓе со кои се знаев, но не сме имале интензивна комуникација излезе дека знаат толку многу „фаци“ во гејм индустријата што е како непресушна ризница на контакти. Луѓе кои се впуштаат во предизвик исто како мене. Со други зборови, се створи тим, се створија услови кога можеме да донесеме спикери кои работеле на наслови на кои ние како играчи сме се „подмочувале“ од среќа.

Настанот е претставен како „органски, нефилтриран собир“. Што точно значи тоа за тебе и за организациониот тим, и како се одразува оваа филозофија во секој аспект на настанот?

Сите кои посетуваат конференции знаат дека многу често овие настани се „местенки“ за контакти, договорени состаноци. Вип дел на кој не смее да припарат „обичните смртници“. Прескапи карти. Луѓе трчаат од човек на човек, од термин на термин за да разговараат за бизнис. Ретко кој седи на раат за да го слушне спикерот.

Овде ќе се обидеме тоа да го постигнеме органски. Лично да ги запознаеме луѓето, да учествуваме ние во муабетите и минглањето. Со оглед на тоа што сме супер народ, и местото е феноменално со прекрасна тераса и внатрешност, сметам дека ќе успееме во тоа. 

Како планирате да го остварите ветувањето за „вистински разговори, кул места, локални вкусови и органски конекции“ во текот на конференцијата?

За спикерите, спонзорите и стејкхолдерите подготвуваме три вечери, интересна тура на локација во Скопје и еден ручек. Иако конференцијата е еден ден, официјално на 16-ти, но на 15-ти вечерта имаме софт-ланч со тоа што сите ќе можат да дојдат и да си ги подигнат беџовите, да се запознаат меѓу себе, да ги запознаат спикерите и панелистите уште пред да почне конференцијата. Утредента имаме доволно простор за таа дружба да продолжи за време на ручекот или на забавата после конференцијата. А следниот ден има екскурзија и дополнителна дружба за дел од учесниците. 

Македонија е опишана како „преполна со креативна енергија“. Може ли конференцијата да помогне во откривањето и промовирањето на овие локални таленти пред пошироката публика и индустрија?

Токму тоа и ќе се случи. Секоја година на Глобал Гејм Џем кај нас има барем 50% нови луѓе. Кои се тие? Каде одат после тоа? Каде работат? Зошто не продолжуваат во гејминг секторот? (ова го знаеме, затоа што нема доволно компании кои работат во оваа гранка). Сите овие луѓе се тука и сакаат да се запознаат со искусни паблишери кои ќе дојдат. Со искусни девелопери кои ќе бидат таму. Со инди студија од дома и околните земји кои се секогаш отворени за разговори и идеи. Сево ова делува мотивирачки човек да се впушти во гејм дев индустријата и да успее во неа.

Можете ли да откриеш некои од имињата или видовите на говорници што можеме да ги очекуваме и како селекцијата на говорници се вклопува во филозофијата на конференцијата?

Секако. Илари Кутинен кој е Директор на Housemarque кои ја направија Returnal, а во моментот работат на Saros. Илари е 30 години во индустријата и е еден од најважните луѓе во PlayStation Studios. Кејт Едвардс – ветеран во гејмингот. Бивша директорка на GGJ и IGDA. Спикер на стотици настани низ светот. Типка што секој сака да ја има на својот настан. Јари-Пека Калева, моменталниот директор на Европската асоцијација за развивање на игри. Еден од главните луѓе во креирањето на политиките и насоките на оваа индустрија во Европа. Доаѓаат спикери од Полска, Турција, Германија, Холандија, Данска, Јапонија и секако Македонија. Нашата постава е исто толку добра како и странската екипа.

Велите дека Indie Zone е важен дел од конференцијата. Која е целта на Indie Zone и што ги очекува инди девелоперите кои ќе се пријават? Како планирате да им дадете максимална видливост?

Инди студијата и игрите ќе бидат изложени во главниот хол. Одлучивме да им овозможиме сѐ за тие само да се постават. Без надоместок и без никакви посебни барања. Со самиот факт дека ќе има многу луѓе од околината меѓу кои паблишери, директори, продуценти и општо, луѓе кои ова им е професија, се што треба на Инди дечките е да се запознаат, да го претстават тоа што го нудат и да се надеваат на најдоброто. Во момент кога пазарот е пресатуриран со игри, секаков тип на конекција во живо е добредојден. Дополнително бројот на студија е ограничен на 30 така што би требало сите да добијат внимание. 

Ќе има и „дополнителни активности“ и „курирани локални тури“. Колку се важни овие социјални и културни активности за целокупното искуство на #GDR25 и како тие придонесуваат за создавањето на „органски поврзувања“?

Голем дел од спикерите и гостите за прв пат доаѓаат во Македонија, а мене лично ми е мисија да си отидат со солзи радосници. Потоа коа некој ќе ги праша каде биле, не само да им кажат, туку да се пофалат како поминале и како и следната година пак би дошле. Верувајте, во моментов најголемите договори се прават надвор од канцелариите и состаноците. Најуспешните врски во оваа индустрија се прават уз бургер и пиво. Ова ми се докажува секоја година на Gamescom кој се води како најголемиот настан во Европа. 

#GDR25 е поддржана од Министерството за култура и туризам. Колку е значајна оваа поддршка за настанот и за развојот на гејминг индустријата во Македонија?

Поддршката е од неверојатно значење. Дополнително самиот факт што министерот лично изрази желба да го отвори овој настан само ја потврдува намерата дека и државниот систем планира сериозно да се вклучи во оваа гранка. Иако сѐ уште не е официјално, тука прв пат го кажувам и се надевам ќе објават прво тие, но Македонија преку МГИ, од оваа година е полноправна членка на EGDF, Европската федерација за развивање на игри што е ОГРОМЕН чекор кон креирање на сериозна, НОВА, гранка. Гранка која ќе донесе нови професии, ќе отвори нови работни места, ќе се родат нови таленти, младите ќе имаат каде да се насочат доколку сакаат да работат тука и конечно, мојот најголем залог, државата да ја стави на радар оваа индустрија и да го препознае потенцијалот. Како финансиски така и на другите полиња. Влезот во EGDF е плод на години и години труд и работа во кое беше вклучено целото наше комјунити. 

Конференцијата се одржува во месецот „во кој се раѓаат револуциите“. Ќе донесе ли #GDR25 револуција во македонската и гејм дев сцена?

Никогаш доволно револуции кај нас, ха! Убеден сум дека ова ќе вроди плод!! Замислете само колку странци ќе дојдат за прв пат кај нас. Тоа се луѓе кои имаат зад нив сериозни компании, успеси,… зборот им вреди многу. Затоа е исклучително важно да се претставиме во нашето реално светло – професионалци кои работат со душа. Знам дека по #GDR25 нашите луѓе полесно ќе разговараат и ќе добиваат контакти затоа што некој процент повеќе луќе ќе знаат кои сме и каде сме.

Што е вашата долгорочна визија за Game Dev Rev Conference? Дали планирате да стане годишен настан и како ќе се развива во иднина?

Тоа е идејата! Организацијата е многу тешка и макотрпна работа која во мноооогу мала количина е креативна. Но, благодарение на тимот на MGI и Управниот одбор, и се разбира соработниците, работите се одвиваат како што се предвидени со тук-таму некои скокчиња колку да ја направат работата возбудлива. Со надеж дека ова прво издание ќе биде успешно, следната година можеби организацијата ќе биде потешка, но и конференцијата поголема!

Според тебе како изгледа идеалната слика за успех на #GDR25 по завршувањето на конференцијата?

500 луѓе. Врвулица во МНТ. Двете траки полни. Луѓе во фоајето играат инди игри и разговараат со тимовите. На другата страна во Ask-me-anything делот спикерите кои завршиле или сеуште не почнале разговараат неформално со посетителите. Сончево е. На терасата уз кафе луѓе си скенираат кодови на Линкдин. Еуфорија, сите вработени во гејм дев секторот од сите компании се на исто место. Фрштат идеи, шеги и смеење на иста тема. Во фоајето се изложени продукти од нашите спонзори. И тие се задоволни затоа што се доближуваат до публика која можеби до тој момент не ги знаела. Денот привршува, конференцијата се затвора, но забавата се префрла на друго место. Истите луѓе, овој пат во неформална атмосфера, уз пијачка и добра музика опуштено се забавуваат и спонтано договараат следна средба, состанок или соработка. Утредента спикерите сликаат низ Скопје, потоа ручаат во некое „прчварниче“, можеби некои од нив одат до Охрид, Дојран, Битола… а ние во МГИ сукаме раце за следниот потфат што сме го намислиле. 

Да не заборавиме дека покрај театарот, веќе си препознатлив (а и останатите) и по ГГ Поткаст. Кога да го очекуваме следното „ИИиииииииии!!!!“?

Како и секоја од претходните 10 години (првата бевме во вторник), првата епизода од новата сезона на ГГ Поткаст е секогаш на првиот понеделник во октомври. И со задоволство чекаме да почне!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments