Mожеби го препознавате Димитар Бежановски по анализата на цените на становите за Скопје или по роботот „Рикардо“ кој го направи во студентските денови. Овој пат тој ни откри како случајно откриените цик-цак линии на сателитска снимка се почеток на неговиот нов проект: откривање на заборавените и закопани линии на Македонскиот фронт.
Македонскиот фронт се протегал од Охридското Езеро до Орфанскиот Залив. Борбите на фронтот биле активни за време на Првата светска војна од 1915 до 1918 година. Во септември 1918, Сојузниците успеале да го пробијат фронтот. Траги од борбите сѐ уште се забележуваат на линијата Дојран – Битола – Охрид.
Благодарение на ентузијазмот на Димитар и вештачката интелигенција, линиите на фронтот наскоро би можеле да бидат повидливи од било кога досега.

Од каде инспирација за овој проект? Дали веќе имаш некое предзнаење или интерес за Македонскиот фронт, или ова откритие те вовлече подлабоко во темата и те натера да истражуваш?
„Искрено, започна сосема случајно. Отсекогаш сум имал интерес за историја, знаев дека фронтот минувал тука, но тоа беше повеќе општо знаење. Сè се смени кога еднаш, гледајќи сателитски снимки, забележав чудни цик-цак линии во теренот околу Битола. Кога ги споредив со старите воени мапи и видов дека се поклопуваат – тоа беше моментот. Ме воодушеви фактот дека тие остатоци во земјата се сè уште физички таму, по цели 100 години, а ние поминуваме покрај нив без да ги забележиме. Тоа визуелно откритие беше почетокот што ме повлече во оваа ’зајачка дупка‘ на истражување.“
Изградбата на прилагоден сет податоци (dataset) од нула е голем проект. Може ли подетално да го опишеш процесот? Што беше најголемиот предизвик при поделбата на сателитските снимки и трасирањето на историските формации?
„Тоа е ’рбетот на целиот проект и одзема најмногу време. Процесот е структуриран во две главни фази: креирање на таканаречени Master RGB слики и Master маски. Земам големи сателитски снимки од регионот (Master RGB) и врз нив креирам празен слој (Master Mask). Потоа, рачно цртам врз тој слој – пиксел по пиксел означувам каде е ровот. Ова е исклучително тешко бидејќи рововите не се секогаш јасни црни линии. За да сум сигурен, правам ’крос-референца‘: истата локација ја гледам на снимки од лето, зима (кога нема лисја) и под различни агли на сонцето, бидејќи сенките знаат да излажат. Дури откако сум сигурен дека тоа е ров, а не патека или ерозија, го исцртувам на маската. На крајот, тие огромни Master слики и маски ги сечам на илјадници помали парчиња (чипови) со кои потоа го тренирам DeepLabV3+ моделот.“

Како се надеваш дека ќе се искористи овој нов, детален поглед на фронтот?
„Се надевам дека ќе биде корисен водич, еден вид ’дигитален компас‘ кон минатото. Замислувам како историчарите го користат за да насочат теренски истражувања, но уште повеќе би сакал ова да им служи на луѓето што ја сакаат природата. Кога планинарите или локалните жители ќе знаат дека патеката по која одат била дел од клучна историска линија, тоа место добива сосема ново значење и тежина.“
Како го комбинираш она што се гледа на модерната сателитска слика со старите мапи и аерофотографии од двокрилците? Колкава е разликата во нивната точност?
„Мапите од тоа време се често доста апстрактни. Тие даваат ’high-level‘ преглед на фронтот, но ретко се доволно прецизни за да ти го покажат точниот ров. Деталите морам да ги пронајдам сам, анализирајќи го теренот.
Тука многу помагаат старите аерофотографии. За нашиот фронт имам најдено неколку кои се поклопуваат неверојатно прецизно, но ги има малку. Затоа често правам споредба со Западниот фронт, каде што фото-документацијата е огромна. Открив дека ’воената архитектура‘ е иста – инженерските шеми и цик-цак формите што се користеле во Франција се применувале и кај нас. Тоа што знам како изгледаат тие универзални воени шаблони ми помага да ги препознаам нашите ровови, дури и кога мапите се штури.“

Зошто го избра DeepLabV3+ за овој проблем на сегментација?
„Барав модел кој не гледа само детали, туку го разбира и контекстот. Рововите се долги, поврзани линии. Ако гледате само едно парче, може да личи на било што. DeepLabV3+ е добар токму во тоа – успева да фати поширок контекст и да сфати дека тие испрекинати линии се дел од една целина. Се покажа како доволно робустен да ги ’игнорира‘ шаренилата на теренот и да се фокусира на структурата што мене ми треба.“
Кои се првичните резултати од моделот? Кои се стапките на точност и прецизност во раните фази и кои се најголемите предизвици со кои се соочува моделот?
„Резултатите се ветувачки, но далеку од совршени – што е и очекувано во оваа фаза. Има моменти кога моделот ме изненадува и наоѓа ров што јас сум го превидел. Но, предизвиците се големи. Моделот сè уште знае да се збуни од тракторски патишта или канали за наводнување кои многу наликуваат на ровови. Затоа сега повеќе работам на тоа да го научам што не е ров, отколку што е.“
Дали можеби откри неочекувани формации кои не се најдобро документирани на стандардните историски мапи?
„Да, и тоа е највозбудливиот дел. Има неколку сектори каде алгоритмот исцртува линии кои на официјалните карти ги нема или се само навестени. Верувам дека тоа се веројатно помошни линии, комуникациски ровови или позиции кои биле брзо напуштени. Секако, ова е само дигитална индиција – вистинската потврда треба да ја дадат археолозите на терен, но е одлично чувството да откриеш нешто ’ново‘.“
Како планираш да ги визуелизираш финалните мапи? Дали ќе бидат јавно достапни и во каков формат?
„Сакам ова да биде достапно за сите. Планот е да се направи интерактивна веб-мапа, каде секој ќе може да ги вклучи слоевите и да истражува. Исто така, сакам податоците да бидат отворени во формати што истражувачите ќе можат да ги преземат и користат за свои анализи. Нема поента ова да остане заклучено.“
Oва мапирање прави прецизна документација за локациите. Може ли технологијата и податоците што ги направи да се искористат за потенцијална заштита на овие локалитети од уништување?
„Апсолутно, иако контекстот тука е специфичен. Голем дел од овие ровови се наоѓаат високо на планините – Пелистер, Кајмакчалан – каде што нема голема опасност од урбанизација или згради. Таму непријателот се природата, ерозијата и пошумувањето кои полека ги бришат трагите. Главната вредност на оваа документација е да знаеме што имаме пред тоа целосно да исчезне под вегетацијата. Со прецизни координати, музеите и истражувачите можат полесно да ги лоцираат клучните точки за теренска работа. Јас ја давам ’дигиталната мапа‘, а институциите се тие што треба да одлучат кои делови заслужуваат физичка заштита или истражување.“

Дали оваа технологија може да се примени и за мапирање на други историски или археолошки локалитети (освен ровови) во Македонија, па и пошироко?
„Секако. Методологијата е универзална. Истиот принцип може да се користи за стари римски патишта, заборавени тврдини, па дури и стари рударски окна. Секаде каде што човекот оставил физички траг врз пејзажот кој е видлив од воздух, вештачката интелигенција може да помогне да го лоцираме.“
Која е најголемата „лекција“ која ја научи со овој проект?
„Научив две работи. Прво, сфатив дека компјутерските науки сами по себе се речиси изолирани. Тие добиваат вистинска вредност дури кога ќе ги споиш со друга област за да постигнеш нешто конкретно. Кодот е само алатка – магијата настанува кога со него ќе решиш реален проблем, во мојот случај, во историјата.
А втората лекција е за тоа како го гледаме светот. Живееме до овие планини и ги гледаме само како обични ридови, несвесни дека под тревата лежи цела една мрежа од ровови. Проектов ме научи дека има многу повеќе одошто фаќа окото – она што денес личи на ’само природа‘, всушност е место каде што некогаш се пишувала светската историја.







