Анализата на Народна банка покажува дека поради економијата и инфлацијата становите во Скопје и насекаде низ државата се значајно поскапени. Ова е тренд кој во моментов се случува и на глобално ниво. Според анализата на НБРСМ на огласите цената на недвижностите во второто тримесечје на 2024 година е порасната 11,5 отсто во однос на истиот период минатата година. Повисоката цена на становите го отежнува наоѓањето на достапно живеалиште за многумина и прилично голем предизвик за повеќето семејства.

Статистиката за порастот на цените на становите на Народна банка можеби е корисна за економистите, но комплексноста на анализата не им помага баш многу на луѓето кои бараат станови во Скопје и моментално одлучуваат каде да инвестираат. Благодарение на напорите на софтверскиот инженер Димитар Бежановски кој и самиот имаше проблеми со различните цени на станови во Скопје, имаме нешто појасна слика за состојбата на пазарот на недвижности во главниот град. Ако следите роботика во Македонија, името на Димитар Бежановски може да ви е познато. Уште како студент на ФИНКИ за време на Ковид-19 пандемијата го направи роботот „Рикардо“.
„Идејата за проектот https://www.cenakvadrat.com се роди од мојата лична потреба да најдам прецизни и актуелни информации за цените на становите во Скопје. Забележав дека постоечките информации често се базираат на непрецизни проценки или податоци од втора рака, што не ја отсликува реалната состојба на пазарот. За да обезбедам објективни и фактички податоци, решив директно да ги собирам информациите од локалните веб-сајтови за недвижнини преку веб-скрејпинг. Овој пристап ми овозможи да добијам точни и ажурирани податоци, директно од изворот, при што се осигурувам дека сите обработени огласи содржат валидни и веродостојни информации.
Првично, започнав со објавување на графикони на социјалните мрежи. Кога видов дека луѓето покажуваат вистински интерес и потреба за овие информации, одлучив да креирам целосна веб-апликација. Оваа апликација собира и визуелизира податоци директно од локалните веб-сајтови за недвижнини, овозможувајќи попрецизна и ажурирана слика на пазарот на недвижнини во Скопје.“, вели Бежановски во објава на LinkedIn.
Најголем предизвик за следење на цените на становите во Скопје е шареноликоста во цените. Различни општини, па дури и населби имаат различни цени на становите и недвижностите. Оваа неконзистентност доведе до недостаток на веродостојна статистика, при што различни извори даваат различни бројки. До неодамна немавме јасна слика за пазарот, сè додека Димитар не ги објави податоците и графичкиот приказ.
Цените, поточно разликата на цените на становите во Скопје најдобро се илустрира со визуелизацијата која ја направи Бежановски. Овие графикони одлично ги покажуваат флуктуациите во цените и даваат увид за моменталната состојба на пазарот за недвижности во Скопје. Збирот на податоци претставува одличен пример за тоа како ефективното презентирање на податоците може да ги покажат трендовите на пазарот во појасно светло. Работата на Димитар значително подобро ги информира заинтресираните купувачи и продавачи, и многу појасно и визуелно ја прикажува разликата во цената.
По кусо време графиците на Бежановски се појавија и на неговиот сајт https://www.cenakvadrat.com.
Моментално, апликацијата нуди четири клучни графикони:
Просечна Цена На Метар Квадратен За Скопје: Линиски графикон кој го прикажува трендот на просечните цени на метар квадратен со текот на времето.

Просечна Цена На Метар Квадратен по Локации: Мулти-линиски графикон кој ги прикажува просечните цени за различни локации, овозможувајќи споредба меѓу различните делови на градот.

Цена По Локација: Box plot графикон кој дава подетален преглед на распределбата на цените по локации, вклучувајќи медијана, квартили и екстремни вредности.

Број На Огласи: Графикон кој го прикажува бројот на активни огласи со текот на времето, што укажува на трендови во понудата на пазарот.

„Времето за развој на минималниот одржлив производ (MVP) беше релативно кратко, но продолжувам активно да го развивам и подобрувам. Податоците ги собирам од јавно достапни огласи на популарни веб-сајтови за недвижнини во Македонија. Се фокусирам на тоа да ги вклучам само огласите со целосни и валидни податоци, како што се точна локација, површина и цена, за да обезбедам највисоко ниво на точност во анализата. Досега, анализирав околу 6,000 огласи за станови, а овој број постојано расте. Со текот на времето, анализата ќе стане уште попрецизна и сеопфатна, помагајќи им на луѓето да донесат информирани одлуки.“, вели Бежановски.



За собирање и обработка на податоците, користев различни програмски јазици и алатки за веб-скрејпинг и анализа на податоци. Податоците ги зачувувам во база, а за визуелизација користев современи веб-технологии за креирање на интерактивен кориснички интерфејс. Со осигурувањето дека сите огласи содржат валидни и комплетни информации, ја зголемувам точноста и релевантноста на прикажаните податоци.
Целта на проектот е да обезбеди транспарентност на пазарот на недвижнини и да им помогне на луѓето да донесат информирани одлуки при купување или изнајмување стан. Во иднина, планирам да го проширам проектот со повеќе функционалности и да опфатам и други градови во Македонија.
Ве поканувам да го посетите www.cenakvadrat.com и да ги искористите придобивките кои ги нуди. Вашите повратни информации се добредојдени и ќе помогнат во понатамошниот развој на проектот.
Колку шуми изгореа во Македонија – Проект на Ивица Милевски
За тоа колкаво е значењето на добрата визуелизација на податоците покажува и примерот на Ивица Милевски. Тој го искористи Google Earth Engine со податоците од MODIS и VIIRS за визуелизација на подрачјата во Македонија зафатени со пожари од 2000 до 2024 година. Она што е застрашувачки е делот зафатен со потемно портокалова боја. Тоа е подрачјето кое е зафатено од пожари во 2024 година. Само во една година 3,7 отсто од државата била зафатена од пожар.








